Fashionel на средба со македонските модни блогери

24 јули 2013

Тимот на fashionel организираше неформална дружба со дел од македонските модни блогери со цел да се запознаеме со нивната перцепција за модата, концептот на нивната работа, проблемите со кои се соочуваат, но пред се со цел да им отвориме медиумски простор преку кој јавноста, барем онаа која што е заинтересирана за модниот блогерај, ќе ги запознае.

Во продолжение на темата за македонските модни блогови која веќе ја објавивме, сега имавме можност и лично да се запознаеме со младите луѓе кои ентузијастички и ажурирано создаваат една своја лична приказна во тој демократски интернет простор и целат кон тоа да бидат препознатливи по своите автентични размислувања и имиџ.

Модниот блог според нивните дефиниции е една индивидуална медиумска платформа каде пред се тие создаваат хронолошка разгледница не само на нивниот стил, туку и на се она што лично ги интересира од за нив фасцинантниот моден свет. Секој со различно искуство во однос и на македонската модна сцена и на медимуите и на реакциите на нивните содржини, едно нешто што сите ги поврзува и е доволно силен заеднички интерес за секојдневни разговори и дружби од овој тип, секако е модата. Но, од друга страна она што е сигурно е дека не постои некој стандард во професионалниот третман на овие вљубеници во модата и токму поради тоа секој е со различна приказна. Причината е можеби тоа што уште на нашите простори не се сфаќа доволно сериозен овој потег или можеби затоа што доцниме со размислувањата.

За разлика од странскиот пазар каде модните блогери и професионално се посветуваат, па дури и квалитетно заработуваат од таа своја пасија и се дефинираат како препознатливи имиња за кои секогаш е резервирано место во првите редови на моднит шоуа,  кај нас финансискиот бенефит од моден блогерај се уште е мисловна именка и само хоби. “Блогот ми e се уште  само хоби. За сега така го третирам, за понатака можеби ќе почнам и професионално да се занимавам”, вели Елена, една од модните блогерки присутна на дружбата.

Голем дел од македонските модни блогери до сега немале вистинско искуство со медиумска покриеност и нивна презентација пред  јавноста, но секако постојат исклучоци со позитивни искуства како девојките од Skopje Casual и младиот блогер Златко Јовановски кој до сега е задоволен од медиумскиот пристап кон неговата работа. “Искрено јас сум навистина задоволен од тоа како медиумите до сега пристапиле кон тоа што јас го работам што од дизајнерски аспект, што во однос на мојот моден блог. Ми се случувало да добијам понуда од медиуми за интервју или за фотографирање”, вели Златко во разговорот за fashionel. Трендот оди во таа насока што медиумите се повеќе се заинтересирани за модните блогери и постепено се менува сликата за медиумска незаинтересираност.

Во однос на модните настани кои и не така често се организираат во нашата држава, повторно постојат различни искутва. Во основа, модните блогери тешко доаѓаат до акредитација или официјална покана за моден настан и честопати имаат проблем од свој аспект да проследат настан кој што е во нивниот домен. Присуството на такви настани најчесто го обезбедуваат само поради силната желба и снаодливост, а ретко со официјална покана. Сигурно дека со зголемувањето на квантитетот и квалитетот на модниот блогерај и македонската модна сцена и тоа ќе стане пракса, меѓутоа прашање е временски колку заостануваме во однос на светските трендови.

За комплетна професионална слика за модната блог сцена секако дека се потребни пред се квалитетни содржини и блогери кои посветено ќе работат на нивното одржување, а понатаму приказната ќе се надополнува со сите претходно спомнати сегменти. Овие млади луѓе кои ви ги претставуваме во продолжение се дел од тие ентузијасти кои имале доволно храброст и модна пасија да постават своја основа која секако треба да се надоградува во иднина, а најквалитетните и најпосветените сигурно ќе испливаат на површина.

 

Објавено:
24 јули 2013
Категорија: 
Стории