Финска - единствената земја во светот каде татковците поминуваат повеќе време со децата

31 јули 2019

Во медиумите неодамна се појави веста дека Финците повторно се најсреќен народ на светот. Среќата на Финците се темели на фактот дека сите нивни основни потреби се задоволени и целосно гледано, секојдневниот живот им е многу хармоничен.

Финска е одлична во сите оние области од кои зависи животното задоволство: институциите добро функционираат и постои социјална еднаквост, слобода, мала корупција и доверба во власта и во другите луѓе, а разликите во платите се мали.

Во оваа држава можете да видите огромен број среќни татковци што туркаат колички со деца, опуштени мајки што уживаат во долготрајните платени породилни отсуства, како и среќни и дотерани деца, кои имаат бесплатна здравствена заштита.

Но, покрај ова нас ни го привлече вниманието што во Финска, земја која има 5.5 милиони жители, според извештајот на „Организацијата за економска соработка и развој (OECD), оваа земја е еднинствената каде татковците поминуваат повеќе време со децата (особено во училишна возраст) од мајките.

Според „Global Gender Gap“, во 2016 година Финска била втората земја по еднаквост, додека „Економист“ минатата година ја прогласи за трета најдобра земја за вработените мајки.

Како ова ѝ успеа на Финска и што може другите земји да научат од неа?

Ова е приказна за колективно дејствување и политичка волја, за силна традиција на социјална демократија и функционален даночен систем. Но, ова доведува до уште една силна разлика која Финска ја има во однос на другите земји - начинот на комуницирање: Не се работи за тоа што е важно за возрасните, туку за тоа што е добро за децата.

„Ова е прашање на родова еднаквост, но уште повеќе е прашање на правата на детето. Не се работи тука за правата на мајката или таткото, се работи за тоа дека детето има право да поминува време со двајцата родители“, вели Аника Сарико, Министерка за семејство и социјални услуги, една од шесте министерки, од вкупно 11 (барем до јуни годинава).

Во Финска веруваат дека татковците играат клучна улога во развојот на детето. Владата им нуди на татковците девет недели породилно отсуство, за време на кое примаат 70 отсто од нивната плата. Кај нас пак, на таткото му следува право на платен одмор заради лични и семејни околности, конкретно за раѓање на дете до седум работни дена. Траењето на деновите се утврдува со колективен договор и за сите околности предвидени во законот, не смее да надмине период од седум работни дена. Доколку мајката не го користи породилното отуство до крај, таткото може да го искористи. Двајцата истовремено - не.

Во Финска, за да се поттикнат татковците да ја користат оваа можност, во 2017 година беше лансирана и кампања со летоци со градежен работник како среќно ја турка количката со дете, насловена како „It's Daddy Time“.

„Сакаме татковците да земаат што повеќе породилно, односно родителско отсуство. Сигурни сме дека ако ги погледнеме истражувањата, поврзаноста помеѓу бебето и таткото е навистина важна - раните години се клучни и сметаме дека треба да се инвестира во тоа“, вели министерката. 

 Значи, за новороденче, мајките имаат четири месеци породилно отсуство, а татковците нешто повеќе од два. Исто така, партнерите можат да си поделат дополнителни пет месеци на платено родтелско отсуство. 

Дури и после тој период, еден од родителите има право да остане дома и да прима 450 евра месечно, а потоа да се врати на работа додека детето не наполни три години. 

Сами Сулин (35) кој работи во банка, за „Гардијан“ изјави дека останувањето дома е најдобрата работа што ја направил.

„Кога ќерка ми наполни 10 месеци, јас 10 месеци не бев на работа. Не постои ниту една негативна работа во оваа можност. Мислам дека сè повеќе се прифаќа од општеството и им се одава признание на татковците, дека и тие треба да учествуваат во семејниот живот. Некако ви доаѓа природно да сакате да ги споделувате тие моменти“.

Други истражувања покажале пак дека татковците поминуваат осум минути дневно повеќе од мајката со децата кои се во предучилишна, односно училишна возраст. 

Покрај сето тоа, повеќе од 80 години Финска ги дарува родителите со таканаречените „беби кутии“, односно „Комплет за мајчинство“, кои содржи најпотребни работи за новороденчето - вреќа за спиење, душек, хигиенски производи, опрема за надвор, пелени, ќебенца, облека и сето тоа во неутрални бои. Ако мајката приложи доказ за бременост до четвртиот месец, подарокот ќе биде испратен на домашна адреса. Идните родители можат да одберат дали ќе го прифатат подарокот или ќе изберат 140 евра за самите да купат, но 95% ја прифаќаат кутијата, која содржи предмети вредни многу повеќе од 140 евра.

Право на истиот имаат сите, без разлика на имотната состојба.

Исто така, оние што детето ќе им се роди во Финска, нема потреба да се грижат за огромни сметки. Бремена жена, без компликации при бременоста, може да очекува дека ќе биде прегледана 11 до 15 пати пред породувањето бесплатно, а трошоците за породувањето се номинални. Во САД на пример, раѓањето на детето во просек чини 10.000 долари, а породувањето со царски и преку 15.000 долари.

Во Македонија, доколку сте здравствено осигуран, породувањето и престојот во болницата се бесплатни, а прегледите во текот на бременоста, со минимални давачки. Сепак, кај нас, сè поголем број жени се одлучуваат да ги родат своите деца во приватни клиники, поради подобрите услови и нега, каде само породувањето чини околу 2.000 евра.

 

фото извор: pinterest.com; valtioneuvosto.fi;

Објавено:
31 јули 2019
Категорија: 
Стории
Прочитано:
254 пати