Го напуштила училиштето за да основа сопствен бизнис, денеска има милиони

15 јули 2016

Оваа 27 годишна девојка, мајка на прекрасно 10 месечно бебенце, го напуштила средното училиште за да основа сопствен бизнис за кој никој не верувал дека денеска ќе биде толку успешен.

Имено, Викторија Молино отсекогаш се интересирала за модата, како впрочем и секоја друга девојка на планетава.

Во април минатата година, со заштеда од само 1000 фунти, таа прв пат ја лансирала нејзината Фејсбук страница на која почнала да споделува сосема обични фотографии од фустаните кои ги дизајнирала.

Денеска, нејзината компанија „Want That Trend“ има повеќе од 1.25 следбеници на социјалните мрежи, а само изминатата година таа заработила повеќе од седум милиони фунти.

„Понекогаш, не сум свесна што ми се случи. Луѓето ме прашуваат што всушност работам, а јас им велам дека дизајнирам и продавам фустани. Тие ќе ме прашаат како ги продавам, а јас им велам дека единствено ги објавувам на мојата Фејсбук страница“, вели Викторија.

Таа додава дека нејзините родители биле многу вознемирени кога таа го напуштила училиштето и кога почнала да работи повеќе работи одеднаш, сѐ додека не ја нашла вистинската.

„Бидејќи имав искуство со социјални медиуми, си реков дека истото може да го искористам. Си реков дека сакам да продавам фустани и дека тоа ќе го правам преку Фејсбук“, додава Викторија.

Младата девојка ќе каже дека многупати била малтретирана во училиште за нејзиниот изглед и тоа и не уживала во нејзиното детство. Тоа ја нарушило нејзината самодоверба и затоа и не сакала да се врати таму.

„Мислам дека ако работиш напорно на себе, можеш да пребродиш сѐ што некогаш ти се случувало. Ако веруваш, можеш да постигнеш сѐ што сакаш“, вели Викторија.

Нејзиниот бизнис произлегол како резултат на тоа што таа никогаш не можела да најде пристоен фустан по пристапни цени низ продавниците.

„Отсекогаш сакав облека, одев низ продавниците во мојот град и обожував да разгледувам фустани, но тие секогаш беа многу скапи за да можам да ги купам. Мислам дека отсекогаш се облекував малку поинаку од девојките на моја возраст. Имам среќа, немам вишок килограми и висока сум, но понекогаш не сакам да ми се гледаат рацете, или не сакам фустанот да има деколте или пак да е отворен, а тоа сега можам да го имам. Каде и да одев, најголемиот дел од фустаните беа разголени, ми беше проблем да најдам некој пристоен, па затоа решив јас самата да ги направам“, објаснува таа.

Викторија ги презентира фустаните со тоа што секогаш се фотографира во нејзината спална соба и ги објавува фотографиите на Фејсбук, по што за многу кратко време, има огромен број нарачки.

„Секогаш сакам тие да се реални за да можат девојките да видат како навистина изгледа фустанот, без Фотошоп. Не сакам да ги сликам моите фустани на модели, за секој да има претстава како би му стоел модел ако е презентиран на обична девојка. Она што го гледате, тоа и го добивате“.

Викторија ќе каже дека нејзиниот сопруг и мајка ѝ многу и помогнале, бидејќи само пет месеци откако го започнала бизнисот, се родила нејзината ќерка Изабела.

„Три дена откако ја родив Изабела, морав да застанам и да се фотографирам повторно, така што многу брзо сѐ се врати во нормала. Сакав да им покажам на девојките дека сите наши фустани се совршени и за сите нови мајки“, додава таа.

Ако изминатата година таа имаше приходи од седум милиони фунти, оваа година се очекува да бидат повеќе од 10!

Во галеријата погледнете некои од нејзините модели на прекрасни фустани и инспирирајте се.

Извор: The Sun

Објавено:
15 јули 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
3.133 пати