Грицко: Храната е право, а не привилегија

2 ноември 2018

Дури 22,2% од населението во Македонија е гладно и живее во сиромаштија, според податоците на Државниот завод за статистика за 2017 година. Тоа се приближно половина милион луѓе кои се на работ на егзистенцијата, а десетици илјади гладуваат. Наспроти овие поразителни податоци, голем дел од употребливата храна во нашата земја, се фрла. Завршува во ѓубре!

Трендот е со поразителни бројки и на глобално ниво. Според извештајот на Обединетите нации, бројот на гладни луѓе во светот се зголемил во изминатите три години. Минатата година, 821 милион луѓе се неухранети, односно секој деветти на планетата е гладен.

Со цел да се зголеми свесноста за овој проблем, а од друга страна и да се понуди решение со рециклирање на храна, од 1980 година на глобално ниво постои движењето „Food Not Bombs", а преставува практичен протест против енормното трошењена пари за воени потреби, додека секој ден се повеќе и повеќе луѓе умираат од глад. Сржта на ФНБ е да се нахранат гладните, притоа залагање за ненасилство, вегетаријанство, рециклирање храна, како и одлучување со консензус.

Од крајот на 90-те, ова движење има своја реплика и во Македонија – „Храна, а не оружје"! Еден од главните иницијатори и човекот кој посветено работи на мисијата на ова движење, е Небојша Додевски кого сите во Скопје го знаат како Грицко.

„Првпат за движењето „Food Not Bombs" прочитав во магазин, во 1997 година. Во Америка во 1987 година, хипиците делеле чај и кафе со порака „Food Not Bombs" и самата фраза ми даде некој поттик, да размислувам поинаку кон околината, затоа што „Храна, а не оружје", не е само физичка потреба туку и моја филозофија", го започнавме раговорот со Грицко.

„Храна, а не оружје" е негов стил на живот, негово секојдневие, начин на размислување и функционирање. И покрај личните животни премрежја со кој тој се соочува, успеал со години да го одржи континуитетот на движењето и во рамките на своите можности, да им понуди топол и вкусен оброк на гладните.

„Мојата лична, но и глобалната филозофија на „Храна, а не оружје" е иста: храната е право, а не привилегија – Food Is Right Not Privilege. И лично за мене, повеќе не постои место за привилегија кога е прашање храна, насмевка, внимание... Секој има право на оброк!", вели Грицко.

Тој заедно со волонтерите од движењето, години наназад собираат употреблива храна, зеленчук и овошје од тезгите на локалните пазарџии или од поголемите маркети, а потоа сите собрани намирници ги готват во вкусна вегетаријанска храна и уредно спакувана барем еднаш неделно им ја делат на гладните.
„Нашето движење функционира на основа на рециклирање на храна. Земаме зеленчук и овошје од маркети и пазари и готвиме исклучиво вегетаријанска и веганска храна. Ние сме движење, а не организација, па во нашите активности може да се вклучи секој што сака да помогне со рециклирање храна. Секој еден може да нахрани еден", апелира нашиот соговорник.

Активистите на „Храна, а не оружје" може да ги сретнете на плоштад или на друго јавно место во Скопје, како грижливо ги полнат порциите со топла храна за луѓето кои живеат на работ на егзистенцијата. За возврат добиваат искрено благодарам, насмевка и пријателство. Незаменливо!

Во почетоците, активистите на „Храна, а не оружје", делеле храна еднаш месечно, но од 2013 година интензитетот се зголемил.

„По еден период пауза, во 2013 година, заедно со неколку другари го вративме „Храна, а не оружје" на улица. Готвевме по гаражи, по дома, на плоштад... Секоја сабота делевме храна. Потоа, од 2017 година започнавме два пати неделно, во сабота и недела. Но, во меѓувреме имав здравствени проблеми, почнав да одам на дијализа и пак направив пауза. Но, годинава пак почнавме со активности", ни раскажува Грицко.

За жал, голем дел од употребливата храна се уште завршува во ѓубре, наместо да се искористи за да се нахранат гладните. Па една од главните цели на движењето е да се подигне свеста во однос на овој проблем.

„Мене лично ме иритира тоа што голем дел од употребливата храна се фрла. Наместо да се искористи и да се нахранат гладните, завршува во ѓубре. Мора да се работи на подигање на свесноста. Сепак тоа е на индивидуално ниво и кај секој е различно. За мене, рециклирањето храна е начин на живот, а Food Not Bombs, животна филозофија, затоа секогаш гласно зборувам колку е ова суштинско и важно, за подобро општество и за човечност", вели Грицко, кој всушност е најгласен преку својата активност и делување.

Следната нивна акција е на 4. Ноември (недела) на плоштадот Македонија. Ако сакате да им дадете поддршка, бидете таму! Секој еден може да нахрани еден, како што вели Грицко!

Повеќе детали на линков.

Објавено:
2 ноември 2018
Категорија: 
Стории
Прочитано:
386 пати