Каде исчезна женственоста од креациите на дизајнерите?

18 декември 2013

Волуменозни палта, оксвордки, патики, панталони со машки крој и чанти во вид на актовки, наместо тесни фустани до колена, високи потпетици, панталони со висок струк и шармантни мали чантички!

Доколку мислевте дека на машката мода ќе и дојде крајот со завршувањето на оваа година, размислете уште еднаш. Светските дизајнери и за другата година ни претставија колекции составени од широки и не толку женствени парчиња.

Мајкл Корс, DSquared2, Кристијан Диор, Карл Лагерфелд, Фенди, Александар Ванг...

Добро забележавте, сите тие се мажи и во нивните колекции и за оваа сезона доминираат машките парчиња наменети за жени.

Буквално секоја колекција на машките дизајнери изобилува со ултра лежерни и широки парчиња што се сосема носливи, но сепак недостасува нота на женска елеганција, нежност и мекост во кроевите.

Пред есенската колекција на Александар Ванг Пред есенската колекција на Александар Ванг

Како што и самата Коко Шанел кажа, една девојка задолжително треба да има сопствен стил и да биде прекрасна и женствена. Токму таква, таа ја правеше девојката години наназад. Па кој од нас може да го заборави малиот црн фустан на Одри или пак оној бисерно белиот со ремен со кој половината ви станува десет пати потенка?

Таа ги облекуваше жените на единствен начин. Правеше неверојатно женствени костими од чоја, панталони со висок струк од уникатен лелеав материјал, создаваше кошули во кои многу жени посакуваа да останат засекогаш, едноставно диктираше шармантни женствени трендови во кои секоја жена како да блескаше.

Денеска се случува сосема спротивното. Младите, згодни и прекрасни девојки како да сакаат што повеќе да го сокријат своето тело. Секоја до последна, одбира широки кошули и здолништа, блузи со должина до колената, широки капути и јакни со кои како да сакаат да го сокријат она со што апсолутно треба да се гордеат.

Во дизајнерското сивило и едноличноста на парчињата облека која станува се поголема, потребни се мали шармантни и романтични ретро парчиња.

Потребни ни се гламурозни фустани од тантела, потребни ни се дозволено секси фустани во пастелни бои, совршено скроени палта со пресек на половината, тесни панталони во комбинација со нежни париски кошули, мали чантички во кои ќе го сокриеме нашето мало богатство, впечатливи бисери на вратот, а не масивни ѓердани чие присуство го одвлекува вниманието на окото од она најважното – женственоста.

Можеби на оние девојки кои го преферираат класичниот и елегантен стил, им недостасува избор од парчиња со апсолутна доза женственост.

Сега е вистинско време да ја оживееме неодоливата Коко Шанел, да одбираме парчиња што ќе го истакнат нашето тело и фигура, да се ослободиме од големите палта, да го побараме по плакарот на нашите мајки и она малку женствено што останало, да одбереме тесен фустан пред широк комбинезон, да одбереме мала чанта со вкус, во замена за кожената торба во која можеме да го сместиме половина од пазарот.

 

Објавено:
18 декември 2013
Категорија: 
Стории