Како хиџабот стана дел од уличната мода и ги подели муслиманските жени

24 март 2016

По завршетокот на модните недели во четирите модни центри и по презентацијата на парчиња од Високата мода и оние од ready to wear, промена во трендовите не беше голема.

Она што беше најголемо изненадување е што шамиите што муслиманските жени ги ставаат на глава станаа популарни и комерцијални, а за тоа придонесе и колекцијата на „Долче и Габана“ со хиџаб. Претходно такви колекции имаа „Оскар де ла Рента“ и „Томи Хилфигер“.

Долче и Габана

Но, хиџабот го најде своето место и во уличната мода. Минатата година H&M лансираа за првпат реклама со модел што носи хиџаб, а „House of Fraser“ дизајнираше спортски хиџаби за жени што сакаат да го носат додека вежбаат или пливаат.

Бенефитот за брендовите е јасен – муслиманскиот моден пазар е проценет на преку 300 милијарди долари до 2020 година, според Извештајот на глобалната исламска економија.

H&M

Табинда Каусер Ишак, 25-годишната девојка која го дизајнираше познатиот хиџаб со булки, го поздравува сè поголемото внимание што овој моден додаток го добива во модната индустрија.

-Ова е одличен чекор за бизнис во модата – вели Ишак која додава дека отсекогаш ѝ се допаѓале марами со принтови од брендот „Liberty“. Сепак, тие не се дизајнирани да се носат како хиџаб иако има жени што го носат и така.

Табинда Каусер Ишак

Табинда смета дека „надоаѓањето“ на марамите за глава во уличната мода е одличен чекор, со што жените од различни средини ќе имаат повеќе избор.

И Мариа Идриси, 23-годишната муслиманка и главниот модел во рекламната кампања на H&M за колекцијата хиџаби, е среќна поради новиот развој на работите:

Мариа Идриси

-Тешко е да се биде муслиманка, да се облечеш конзервативно, а да биде модерно, да ја сакаш модата. Убава облека за излегување е многу тешко да се најде. Или е сè премногу свечено или премногу обично. Затоа лансирањето на колекицјата на „Долче и Габана“ на пазарот е многу позитивна работа – смета таа.

Но, не секој размислува така.  Шелина Џанмохамед, авторката на Love In A Headscarf, се согласува дека напредокот во муслиманската мода е охрабрувачки, но само до одредена точка.

Шелина Џанмохамед

Таа нагласува дека хиџабот е тука за да се носи од религиски причини и тоа не треба да биде заборавено.

-Ако зборуваме за сјај и светки, тогаш сум за тоа до одреден степен. Но, кога ќе се дотерам и ќе се погледнам во огледало, се прашувам себеси дали се обврзувам и гледам на писмото (религиското учење) на ист начин како и на духот на скромното облекување. Многумина можеби ќе кажат дека сум премногу впечатлива, додека во споредба со други сум прилично конзервативна – вели авторката.

За неа проблемот не е во тоа што дизајнерските марами и хиџаби можат да имаат принтови или силни западни влијанија, туку тоа што тие доаѓаат со високи цени. Трошењето на стотици долари на религиско парче е нешто во што таа не верува.

-Денешната модна индустрија во центарот го става консумерството и објектификацијата – купи, купи, купи и биди оценуван според тоа што го носиш. Муслиманската мода се тетерави помеѓу тврдењето дека муслиманската жена има право да биде убава и дотерана и купувањето повеќе од што ни е потребно и притоа да сме оценувани или „осудувани“ според облеката – и двете се спротивни на исламските вредности. Скромноста не се одразува само по тоа како изгледате, туку и по тоа што се купува и колку се троши. Плус, можеби е ослободувачки за муслиманските жени да ги купуваат овие парчиња од уличните брендови, но како е тоа ослободувачки за муслиманските жени што ги прават, експлоатирани во Бангладеш или на некои други места? – прашува Џанмохамед.

Сабах Ханеен Чоудри, студентка по социјална антропологија (Ориентални и афрички студии во Лондон), верува дека напредокот во исламската мода треба да се гледа како политичка работа.

Сабах Чоудри

-Она што мене ме интересира е: зошто хиџабот е „прифатлив“ само кога е менаџиран и соодветен за големите корпорации -  со други зборови, западниот режим ја има моќта да дозволи или регулира што е прифатливо, толерантно, а што не? Зошто муслиманската жена сама не може да одлучи и да ги ефинира параметрите на нивниот исламски идентитет и сексуален морал, без да се соочат со строг и суров надзор во и надвор од „имагинарната“ муслиманска заедница?

Според неа, ова е критичен момент за муслиманските жени. Од една страна таа гледа на овој момент како Западот да одлучува што муслиманските жени би можеле треба да носат. Но, од друга таа смета дека ова е „шамар во лице“ за сите расистички фанатици што го поистоветуваат исламот и исламскиот пазар со хиџаб, од ориенталистичка перспектива.

Несомнено ова е контроверзна тема со која голем број од муслиманските жени се силно засегнати. Разликата во нивните мислења по сè изгледа доаѓа од нивните основни разбирања за хиџабот и зошто тие одлучиле да го носат.

Неодамнешен текст на „Reddit“ посочува на тоа дека хиџабот се носи од различни причини. Некои го носат бидејќи сакаат да бидат идентификувани како муслиманки, некои го носат како знак на скромност, некои за да избегнат сексуално злоставување, некои затоа што сакаат да ја следат божјата реч, а има и такви што го носат затоа што сакаат да направат „убав, религиски моден приказ“.

Жените што сакаат да се изразат себеси преку нивната религиска облека, го поддржуваат зголемувањето на изборот што го имаат сега. Но, оние што носат хиџаб исклучиво поради конзервативни, религиски причини не го поддржуваат западното влијание на исламското облекување.

Табинда Каусер Ишак

Идриси смета дека проблемот е тоа што луѓето не се навикнати да ја гледаат муслиманската жена во модната индустрија.

-Се трудам да им објаснам на луѓето дека модата е голем, влијателен дел од животот. Ако бевме повеќе навикнати да ја гледаме муслиманската жена, тогаш и сите негативни вести што ги слушаме за муслиманите, ќе имаше и позитивна страна.

На крајот, како што и дизајнерката Ишак вели, не е важно што мислат критичарите, бидејќи тие не морат ни да ги носат.

-Не сум изненадена што некои мислат дека имплементирање на хиџабот во уличната мода е нескромно или спротивно на религиската порака. На таквите им велам да бидат среќни што имаат многу други можности за избор, бидејќи на крајот, можноста на избор е најважната работа.

Објавено:
24 март 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
2.857 пати
Извор: 
Telegraph.co.uk