Како колоритниот „rebozo“ шал ја смени мексиканската историја?

30 мај 2014

Почнувајќи од Фрида Кало па сѐ до Греми добитничката Лајла Даунс, колоритниот и прекрасно извезен „rebozo“ шал дефинитивно има долга стилска историја како едно од омилените парчиња во мексиканската историја.

Обожуван од револуционерите кои што многу често го комбинирале во својата облека, овој моден додаток или украс оттогаш стана вистински синоним за мексиканската култура, но и вреден и значаен дел од нивната облека.

Иако помалку иронично за украс обожуван од мексиканските револуционери, овој шал го „почна својот живот“ како „роднина“ на шпанската мантил марама која што пак му беше презентирана на Мексико кога колонизаторите пристигнаа во Новиот свет во времето на Кристофер Колумбо и Волтер Ралеј.

Шпанска марама Шпанска марама

Она што е дополнително интересно е тоа што дури и името на овој шал – rebozo, е всушност шпански збор што го означува актот на покривање со нешто (во овој случај со шал/марама), дефиниција на Алонсо Молина која што датира некаде од 17 – тиот век.

Многу брзо по неговото откривање, овој шал лесно си ја нашол примената и кај локалните граѓани кои што му дале неверојатно магична и колоритна преобразба во која што вклучиле материјали препознатливи за нивната земја и впечатливи техники на везење и шиење.

До 1800 – тата година, неговата популарност пораснала толку многу што сите жени, без разлика на класата во која припаѓале, го носеле по дома, во црква, на работа и на различни прослави.

Подоцна, за време на Втората Мексиканска Империја, овој моден додаток го носела дури и жената на првиот и единствен мексикански император Максимилијан I, Карлота.

Покрај Карлота, овој колоритен шал станал омилен и на Фрида Кало, која што успеала да го презентира овој мексикански моден додаток и надвор од границите на нејзината земја.

Мексиканската револуција од 1910 – тата година се чини му донесе лоша слава на мексиканскиот шал ширум светот, со тоа што го прогласи како заштитен знак на т.н „Аделитас“ – девојки бунтивнички кои што шверцувале пиштоли и друг вид оружје од владините пунктови.

Во времето на завршувањето на мексиканските борби некаде околу 1920 – тата, rebozo шалот стана вистински синоним за мексиканската борба за независност.

Денеска, овој „револуционерен“ шал сѐ уште е дел од мексиканската народна носија и го претставува животното патување од раѓањето па сѐ до смртта, благодарение на неговата употреба од замотување на бебиња, па се до модерен моден додаток кај жените.

Во негова чест, на почетокот на јуни ќе се одржи и изложба во Лондонскиот музеј за мода и текстил, каде ќе се прослави неговата огромна употреба низ годините. Присутните на изложбата ќе имаат можност да видат повеќе од 1000 парчиња од уникатниот мексикански шал, но и такви нови креирани од млади дизајнери ширум светот.

Изложбата официјално ќе биде отворена на 6 – ти Јуни, а ќе трае цело лето, односно сѐ до 30 – ти Август.

Објавено:
30 мај 2014
Категорија: 
Стории