Како Мишел Обама му го смени животот на Џејсон Ву

23 август 2016

Познато е дека за најголемите модни моменти на Мишел Обама изминативе години беше задолжен дизајнерот Џејсон Ву.

Во интервјуто за британски „Телеграф“, тој зборува за искуството да се соработува со сопругата на американскиот претседател Барак Обама.

Инаку, во модниот свет овој дизајнер е познат како неуморен креативец.

Џејсон Ву

-Во времето кога работев за „Бос“ и паралелно за мојот бренд, работев и по 12 колекции годишно. Но, сакам кога ќе ги извалкам рацете, не ми пречи да работам ненормално многу часови, а и викенди – вели Ву.

Тој е роден во Тајпеј, а кога неговата мајка одлучува да го пресели семејството во Канада, поточно Ванкувер, Џејсон знае само неколку збора на англиски.

-Таа сакаше мојот брат и јас да имаме можности, подобри и поинакви од оние што ќе ги имавме доколку останевме да растеме во Тајван во текот на тие 1980-ти. Таму на пример, не се прифаќа лесно фактот дека момче може да биде заинтересирано за било што што на прв поглед изгледа „женски“, а модата секако е една од нив – открива дизајнерот.

малиот Џејсон со мајка си

Ву почнува да чита модни магазини со речник до него.

-Всушност, јас така почнав да учам англиски. А тогаш и почна да се зголемува мојот интерес за мода. Да ме јаде „црвот“ – се присетува Џејсон.

На само 10-годишна возраст, ја моли мајка си да му купи машина за шиење. Не само што купила, туку и најмила професор што ќе го научи да шие.

-Работата беше тоа да ако имам соодветно образование пред да се фокусирам комплетно на модата, тогаш на колеџ можам да правам што сакам и да учам што сакам – открива Ву.

Така, тој учи во две традиционални и строги училишта, поточно Интернати, во Масачусетс и Конектикат. Вели, за геј тинејџер со силен интерес во модата, тоа било и повеќе од тешко.

-Не ми беше сосема удобно во своја кожа. Се чувствував како аутсајдер. Но, од друга страна, тоа ме направи силен и тоа што сум денес – признава дизајнерот.

Од својата спална соба, со само 16 години, Џејсон Ву го лансира својот прв бизнис, дизајнирајќи облека за кукли.

-Бев многу похрабар одошто бев како помал. Никогаш не бев во Њујорк претходно, па сам тргнав со воз од Конектикат, за да се состанам со „Интегрити Тојс“. Кога зборувам за тоа сега, ми изгледа неверојатно, но така почнав. Пријателите внимаваа на сѐ додека јас одев во Кина да го проверам производството.

Мода студира на престижната „Парсонс“ школа за дизајн во Њујорк, од која се откажува после само шест месеци, за во 2007 година да лансира своја линија.

-Едвај се додржав на нозе кога почнаа финансиските кризи, продавниците почнаа да ги редуцираат порачките. Ни остана целиот инвентар и беше навистина тешко – се присетува дизајнерот.

Но, за среќа, помошта доаѓа за многу брзо време. И тоа од Првата дама на САД, Мишел Обама.

Со само 26 години, Џејсон Ву треба да дизајнира фустан за Мишел за историската инаугурација на Барак Обама во јануари 2009 година.

Мишел и Барак Обама, јануари 2009 година

-Бев преплашен, навистина. Но, го слушав инстинктот, а така функционирам во текот на целата кариера – признава Ву.

Долгиот бел фустан од шифон дизајнерот лично го доставил до Вашингтон, иако не му било кажано однапред дали Мишел дефинитивно ќе го носи неговиот дизајн.

-Сѐ беше толку тајно. Инаугурацијата ја гледав на телевизија, како и сите останати, и чекав да видам што ќе носи Првата дама. Кога видов дека го одбрала мојот дизајн, се расплакав. Како дизајнер, сакаш да бидеш присутен во модни магазини, сакаш да имаш одлични модни шоу-а. Но, да бидеш дел од историја, тоа е посебен момент, што се случува еднаш во животот.

Креацијата сега се наоѓа во Музејот на американската историја во Вашингтон.

-Таа креација, таа работа, ќе ме надживее како нешто културолошки значајно, а и толку посебно за мене – вели дизајнерот.

Оттогаш, Мишел Обама носеше креации на Ву во бројни настани од високо значење, вклучувајќи го и балот по повод втората инаугурација во 2013 година, како и насловната страна на американското издание на „Вог“.

За тоа, дали сега има блиска врска со претседателското семејство, ќе каже:

-Тоа е... да... мислам... се одржува континуитет сега. Во модата, најдоброто за што можете да се надевате е клиентите повторно да се вратат кај вас – вели срамежливо.

Според него, Мишел Обама со својот стил придонела за охрабрување на „понежен“ стил на облекување во места како што е Вашингтон .

-Таа беше жена во машкиот свет, посебно во политичката средина, каде се стравува да се изрази женственоста, за да не се доведат жените во ситуација да не бидат сериозно сфатени, или да не ги гледаат на професионален начин. Она што Мишел го донесе на политично поле е дека можете да носите и нешто што е женствено, по малку секси, а сепак да не ја компромитирате својата моќ или интелигенција – објаснува дизајнерот.

Шпанската кралица Летиција е уште една жена што според него ја прави вистинската работа.

Во април годинава, Џејсон и неговото момче Густаво Ранхел стапија во брак, а забавата се одржа во Мексико, со свечен дрес-код и диџеј сет за кој се погрижи самиот Ву.

Инаку, тие се заедно веќе десет години. Се запознале на новогодишна работа. Џејсон тогаш бил студент по дизајн, а Густаво работел за „Сакс“. Сега е одговорен за финансиите на брендот „Џејсон Ву“.

-Тоа што не можеме да ја разделиме работата од приватниот живот е најлошото нешто, но што е тука е. И моите родители се преселија и живеат со нас, за јас да можам да се посветам на нешто креативно – уметност или мода. Сѐ на сѐ, се чувствувам како да го живеам мојот „Американски сон“- признава дизајнерот.

Објавено:
23 август 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
891 пати