Како Викторија Бекам ја создаде својата модна империја

27 октомври 2017

Кога во 2008 година Posh Spice ги направи своите пионерски чекори во модната индустрија, никој не очекуваше дека по безмалку десет години, брендот Викторија Бекам ќе постигне статус на култен и престижен.

Својата прва колекција таа година, ја презентираше во интимно, но одбрано друштво: неколку влијателни модни медиуми. Меѓу нив и американскиот Вог, што по дискретната презентација, гласно ги пренесе своите позитивни импресии за новата модна империја на повидок.

Оттогаш светската модна јавност го насочи своето внимание на Викторија Бекам, но не онаа Викторија од Spice Girls, туку на деловната жена со јасна визија што сака да им понуди на своите клиенти.

Тоа што од старт беше забележано, а во континуитет го дефинира нејзиниот стил, е дека Викторија без никаков компромис создава единствено облека што и самата сака да ја носи. Таа е најдобриот амбасадор за својот бренд и никогаш нема да ви сугерира нешто што и самата не би го облекла.

Фустани од првата колекција на Викторија Бекам, есен 2008

Затоа нејзините колекции секогаш се елегантни, носиви, женствени и префинети, се адаптираат на стилот на жени од различни генерации и со различна телесна конституција.

Перманентно новите колекции ги промовира на Модната недела во Њујорк, а тоа што ја држи будна јавноста и во постојана возбуда во очекување на нејзините новитети, е тоа што нејзините линии не се репититивни. Напротив, со секоја нова колекција Бекам открива нов дел од себе, нови и поинакви елементи, истражува нови насоки, не се плаши од ризик и знае да експериментира, што најчесто се покажало како рационален и успешен потег.

Нејзината прва колекција вклучуваше 15 коктел ready-to-wear фустани за кои Вог во својата рецензија оцени дека благодарение на паметните и софистицирани кроеви ќе бидат забележани и ќе поминат успешно кај потрошувачите. Успехот ќе биде загарантиран благодарение на дизајнот, а не на нејзиното име.

Се шпекулирало и за тоа кој во суштина стои зад брендот и во тие муабети се спомнувало името на дизајнерот Roland Mouret кој се прослави токму благодарение на беспрекорните коктел фустани. Но, тој на овие шпекулации ќе одговори дека неговата улога во брендот на Бекам била единствено менторска, односно дека единствено на почетокот од модната кариера ја советувал Викторија и и сугерирал неколку имиња со кои може да соработува во организацијата на нејзиниот дизајнерски тим.

Викторија не остана само на коктел фустани, туку внимателно го надоградуваше својот бренд со колекции со се покомплексни идеи и се поопширни целини, поместувајќи ги своите сопствени граници. Нејзините нови идеи се воодушевување беа прифаќани од публиката.

Од својот бренд направи модна империја.

Во 2011 година ја креираше и новата линија Victoria, Victoria Beckham, која и се обраќа на помладата публика и е со подостапни цени.

Денес нејзиниот бренд се продава во над 400 продавници и стоковни куќи во преку 50 земји во светот.
Истовремено, таа не се развива само како моден дизајнер, туку созрева и како деловна жена.

Во 2013 година ја лансираше и нејзината online продавница.

Една година подоцна го отвори и своето прво самостојно ателје во Лондон, на етаблираната адреса позната на сите модни уживатели, Dover Street.

Паралелно со нејзините примарни брендови, нејзиното име се потпишува и на линија модни додатоци како и на козметички производи.

Foto: Victoria Beckham, PR, Guliver/Getty Images

Објавено:
27 октомври 2017
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.595 пати