Кејт Винслет: Бев жртва на булинг поради дебелината

27 март 2017

Актерката Кејт Винслет, покрај талентот и успешната кариера, позната е по тоа што е поддржувач на природната убавина, природното стареење, а исто така е голем противник на пластичните операции и Фотошоп.

На една неодамна одржана конференција во Лондон, 41-годишната Винслет призна дека не била отсекогаш толку самоуверена.

Пред присутните откри дека како дете била жртва на булинг и тоа сè поради нејзината тежина, искуство што може да го опише единствено како ужасно и стравично.

-Секогаш се споредував себеси со другите. Ме нарекуваа „кит“, ме задеваа, со цел да ја видат мојата реакција, а уште повеќе за тоа што сакам да се занимавам со глума. Ме заклучуваа во шкафчиња и ми се смееја. Не бев баш најубавата и дури ми кажуваа дека ќе бидам среќна ако воопшто успеам да се занимавам со актерство или ако добијам улога за дебели девојки. Јас не попуштав, а тие ќе речеа: „Ти не си тоа што го бараме Кејт“. Таа нељубезност, ме направи да се чувствувам навистина грозно – вели Винслет.

Таа додава дека страшниот булинг направил да се чувствува како ништо кај неа да не е доволно добро, како да „не изгледа добро“. Но, успеала да ја канализира негативноста, што понатаму се преточи во страст кон глумата.

-Не се заклучував дома и не се откажав од моите соништа. Се борев, го возвраќав ударот. Морав да ги игнорирам негативните коментари. Морав да верувам во себе. Морав да изберам да се издигнам над сето тоа и морав да работам напорно. За да го работите тоа што го сакате, мора да бидете неуништливи и да верувате дека сте вредни за тоа, дека заслужувате. Понекогаш, тоа е најтешкиот дел – признава актерката.

Исто така, посочи дека ниту еднаш додека била дете или млада девојка, во своето опкружување не слушнала некоја жена да каже дека си го сака своето тело.

-Ниту мајка ми, ниту постарата сестра, ниту најдобрата другарка, никој не рече „си го сакам телото“. Ниту една жена не кажува „Горда сум на своето тело“. Затоа, јас се трудам да ѝ го кажувам на Миа (ќерка ѝ), затоа што позитивното гледиште на физичкиот изглед мора да се гради од најрана возраст.

Кејт и Миа

Таа сподели и како течел нејзиниот пат кон „исцелувањето“.

-Секогаш се пријавував на аудициите за училишните драми. Не добивав многу добри улоги, но не ми беше грижа. Често добивав да бидам во улога на крокодил или страшило или црна, лоша вила. Дури еднаш бев и жаба што танцува. Но, не беше важно. Јас сепак го сакав тоа што го правам. Ја сакав глумата. Не беше важно колку улогите се мали или големи. Сакав да бидам одлична и бев одлучна во тоа да продолжам да учам – вели Кејт.

Токму таа одлучност ја донела до кастингот на нејзиниот живот – улогата за Роуз во „Титаник“.

-Нејнепогодниот кандидат – Кејт од сенвичарата во Ридинг, одеднаш глуми во еден од најголемите филмови некогаш направени! Можете да направите што ќе посакате, од било кое место на планетата, верувајте. Да се надминат стравовите е нешто возможно! – порачува Винслет.

Својата приказна, која верува ќе им помогне на сите што се соочуваат со слични проблеми, ја заврши со уште една порака:

-Научив да си ги сакам недостатоците, да не се извинувам за она што сум. „Копав“ длабоко и одлучив дека едноставно нема да ги слушам кога ќе ми кажат дека моето тело не се вклопува. Ова сум што сум, ова е реалната јас, Кејт од Ридинг!

 

 

Објавено:
27 март 2017
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.407 пати