Приказни од градот

Кире Мирчовски - Млад гитарист со намера да стане светски виртуоз

10 септември 2019

Младиот музичар и гитарист Кире Мирчовски од Скопје неодамна ја сними новата песна „Wanderlust“ на која му гостува познатиот македонски гитарист и продуцент Дамир Пух. Во моментов, Кире работи на неговиот соло проект, албумот со наслов „Insanus“ чија промоција очекува да се случи на пролет следната година.

Композицијата „Wanderlust“ е неверојатен спој на инструментална музика со примеси на фанк и блуз и истовремено фантастично парче за уживање.

Ние поминавме едно претпладне со него и разговаравме за новите проекти и сето она на што работи, а ни раскажа и што е она што го исполнува секој ден и од какво значење е музиката за него.

„За мене беше огромна чест што токму Дамир Пух кој ми е и професор, ми гостува на новата песна и всушност го работи мастерот и миксот на целиот проект Insanus. Многу научив од него, а мислам дека има и допрва што да се учи. Целта сега ми е да го завршиме проектот, да направиме бенд да свириме во живо и да аплицираме по фестивали, концерти и слично. Нормално, да се свири материјалот пред поширока публика“, вели Кире за Fashionel.

На прашањето зошто баш гитарист, Кире на шега вели: „Зошто како мал немавме средства да купиме тапани“, а слушајќи го денес, се чини дека не погрешил.

„Се шегувам... Не е дека гитарата дојде од никаде, секако дека имав желба, иако онаа за тапани беше поголема. Но, во план сум да почнам и со тоа за да си ја остварам желбата. Моментално сум студент на Музичка академија во Штип, на отсек џез гитара. Токму таму учам од големи гитаристи, добивам супер совети, но повторно ќе го споменам Дамир кој е единствен човек кој секогаш искрено ми дава насоки и кажува доколку нешто не е добро. Токму поради тоа, денеска имам јасна претстава за тоа во кој правец сакам да ми се движи целиот материјал. Ова го правам пред сѐ за себе и мислам дека сѐ што е искрено и од душа, кога – тогаш ќе си го најде својот пат“, раскажува Кире за Fashionel.

Тој се одлучил за инструментална музика од причина што свири гитара и како самиот вели, не знае да пее, и во моментов како соло артист најдобро може да се претстави на овој начин.

Гитара почнал да свири во средно, како хоби, а посериозно почнал да вежба по завршувањето на училиштето и да ги поставува темелите на она што тој сака да биде.

Нѝ кажа и дека денеска е доста тешко за младите и непознати музичари да се промовираат, првенствено поради тоа што нема доволно емисии, па социјалните мрежи им се единствено место каде може да ѝ се обратат на публиката.

„Познавам доста музичари кои прво успеваат надвор, па откако нашите ќе видат дека дечките нешто направиле и се добри, и тука почнуваат да ги промовираат, а треба да биде обратно. Наместо ние да ги издигнеме и да се „фалиме“ со нив дека се наши деца, ние не го правиме тоа. Единствено место каде што имам слушнато бенд се утринските програми, но не може да има голем ефект, иако сето тоа е супер. Ни треба музичка емисија и од таа причина луѓето од мое окружување воопшто не гледаат телевизија. Денеска може да се надеваме само на социјалните мрежи, каде луѓето може да дознаат за нас. Навистина тука има многу талентирани дечки што звучат светски и жалосно е да не ги слушне никој. Поради тоа, дел од нив се откажуваат, бидејќи на крајот на денот од нешто мора да се живее. Кај нас секогаш е побитно нешто друго, отколку нашето. Но, има такви што имаат супер кариера надвор, постојано се на концерти и некако сите почнаа да ја лансираат кариерата надвор“, вели Кире.

Објавено:
10 септември 2019
Категорија: 
Стории
Прочитано:
406 пати