Познато е дека црвениот килим е една од омилените бизнис гранки на модните дизајнери и брендови. Тука се во прашање големи пари и уште поголема реклама.

Честопати ни изгледа дека Ели Сааб, а уште повеќе Зухаир Мурад се апсолутно доминантни на вакви случувања. И вистина, тие одлично котираат во овој бизнис, но ако конкретно зборуваме за „Оскарите“, ќе видите дека ситуацијата тука е малку поинаква.

Во пресрет на годинашново издание се потсетуваме на тоа колку чинат креациите на номинираните актери, како и кој дизајнер оствари најголема заработка.

Според податоците на LookLive, компанија која информира за облеката и модните додатоци на познатите личности на и зад екранот, минатата година 20-те номинирани во актерските категории носеле облека во вредност од 749.252 долари (вкупно).

А како компанијата ја одредува цената, особено со оглед дека повеќето креации се правени по нарачка. Тие имаат систем кој ја споредува конкретната креација со слично парче од истиот дизајнер.

Така на пример, Рејчел Мекадамс минатата година носеше фустан од „August Getty Atelier“, чија вредност е проценета на 30.000 долари. Можеби ви изгледа како многу пари за фустан што ќе го облечете само еднаш, но вистината е дека има далеку поскапи креации.

На пример, фустанот што го носи Шарлот Ремплинг е на „Armani Prive“ и чини 125.000 долари.

Бри Ларсон пак, која освои Оскар за најдобра главна женска улога, носеше креација на “Гучи“, вредна 50.000 долари.  Срша Ронан на црвениот килим се појави во смарагдно зелен фустан со потпис на „Келвин Клајн“ во износ од 60.000 долари.

Кога се мажите во прашање, добитникот на Оскар за најдобра машка главна улога, Леонардо ди Каприо, се појави во костум на „Армани“, вреден 1.195 долари.

На фотографијата подоле ќе видите колку 20-те номинирани потрошиле на облека.

Забележлива е разликата во цената помеѓу машките и женските креации. Во просек, жените трошат 72.000 долари, а мажите 2.486 долари.

А кои се најпопуларните брендови помеѓу актерите од А-листата?

На прво место е „Армани“ – 226.995 долари. Всушност, италијанските брендови имаат најмногу успех на оваа манифестација („Валентино“, „Версаче“, „Гучи“, „D&G“).

После „Армани“, доаѓаат „Диор“ и „Живанши“ (100.000 долари), односно француските модни куќи (покрај овие две и Луј Витон и Ив Сен Лоран).

На третото место се американските дизајнери. Меѓу нив најуспешен е Келвин Клајн (60.000 долари), но забележано е и присуството на Том Форд, „Родарте“, „Ралф Лорен“.

Најмалку успех на „Оскарите“ имаат британските дизајнери. Ги нема ниту во првите пет. Од британската модна сцена, најчесто се бираат креации на „Александар Меквин“ и „Барбери“.

Во галеријата погледнете колку чинеа креациите на останатите актери.

Каков ќе биде трендот годинава, останува да видиме за само пет дена.

Објавено:
21 февруари 2017
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.262 пати