Која е жената на Доналд Трамп?

7 октомври 2015

Ако Доналд Трамп успее да стане новиот претседател на САД, неговата сопруга Меланија ќе биде првата жена на функција Прва дама што не е родена Американка, после сопругата на Џон Адамс, Луиза.

Исто така, таа ќе биде и првата што позирала гола. Во 2000-тата година, тогаш сè уште Меланија Кнајс, позираше гола за британското издание на магазинот GQ. Истата година, таа изјави како со Трамп имаат неверојатен секс, макар еднаш во денот, а некогаш и повеќе. Доналд Трамп пак не пропушти да каже колку секси изгледа Меланија во исклучилено мали танга гаќички.

Но, која е всушност потенцијалната прва дама, со пропорции (буквално) 90-60-90?

Меланија Кнајс е родена во 1970-та година во Словенија. Нејзиниот татко Виктор е Австриец, а нејзината мајка Амалија – Словенка. Уште за време на поранешна Југославија, Виктор располагал со синџир на застапништва за разни брендови на автомобили и мотори, додека за нејзината мајка постојат различни информации. Едни велат дека била модна дизајнерка, додека други дека работела во фабрика за облека.

-Мајка ми беше во модната индустрија. Имав 5 години кога за првпат стапнав на писта, а почнав да работам реклами од 16 години. После студиите почнав уште попрофесионално да се занимавам со моделството. Мајка ми ја сакаше модата, а ние обожувавме да патуваме во Италија и Париз – изјави Меланија за сајтот Parenting пред неколку години.

Всушност Меланија ја открил фотографот Стан Јерко, кога имала 17 години, во еден културен центар во Љубљана, за време на натпревар за модели. Тој ја прашал дали може да ја фотографира.

-Беше 1987 година. Меланија беше многу тивка, слаба девојка, која изгледаше како да нема големи аспирации за моделство. Личеше на книжен молец. Никогаш не претпоставив дека таа ќе стане светски позната убавица – вели сега 77-годишниот Јерко за The Post.

Меланија на 17-годишна возраст, на почетоците во кариерата

Меланија запишува студии по архитектура и дизајн на Универзитетот во Љубљана, а Јерко го губи контактот со неа. Со 18 години таа почнува да патува за Милано, кога и се пријавува во модна агенција. Презимето го менува од Кнајс во Кнаус.

Паоло Замполи, основачот на ID Models Menagement ја познава уште од тогаш и успева да ѝ обезбеди работа во Милано и Париз, по што ја поканува да се приклучи во неговата агенција во САД. Таа се сели за Њујорк во 1996 година, а Замполи вели дека била мошне професионална и комплетно посветена на кариерата.

-Таа е вистински модел, не девојка за забава. Таа е жената што позираше за огромните билборди на Тајм Сквер за Camel цигарите, но после работа одеше дома и речиси никогаш не излегуваше. Сосема беше насочена кон бизнис. Ја сфати својата кариера многу сериозно. Не дојде во САД поради ниту една друга причина. И го работеше она што секој модел би требало – одеше во теретана и на работа  – вели фотографот во интервјуто од 2005 година.

Нејзината најдобра пријателка во тоа време, Едит Молнар, вели дека Меланија била многу резервирана.

-Првата забава во нејзиниот живот  беше онаа на која го запозна Доналд - открива Молнар.

Тоа е забавата на Замполи во клубот „Кит Кат“ за време на модната недела во Њујорк во 1998 година. Таа тогаш има 28 години, а тој 52.

За Трамп тоа било љубов на прв поглед, но кога се обидел да го добие нејзиниот број, таа одбила да му го даде и го побарала неговиот број.

-Не сум девојка што ќе го даде бројот било кому – изјави таа подоцна за New York Times.

-Меланија ми кажа: „Тој е овде со жена. Нема шанси да му го дадам бројот“, тоа не доаѓаше во обѕир – вели Молнар.

Но, затоа Доналд ѝ ги дал сите негови броеви – службени, приватни, домашни, а таа му се јавила кога се вратила од службен пат. Во тоа време Трамп е разделен од неговата втора жена, Марла Маплес, а разводот се случи во 1999 година.

Во раните денови од романсата со Доналд, нејзината слава и кариерата на модел се зголемуваат, а се јавуваат коментари дека Меланија си нашла златен рудник.

-Медиумите можат некогаш да бидат многу злобни. Но, мислам дека не можете да бидете со некоја личност ако не постои љубов, ако таа не те задоволува. Не можете да прегрнете прекрасен апартман. Не можете да прегрнете авион или да зборувате со него.  – вели моделот.

Седум години подоцна, Меланија станува госпоѓа Трамп. Венчавката се одржува на Флорида, а нејзиниот венчален фустан од Кристијан Диор вреден 100.000 долари, има 4 метри долг шплеп и 5 метри долг вел.

Нема сомнение дека Меланија сега е дел од џет-сетот. И иако вели дека богатството не може да се прегрне, таа сепак најде начин да го стори тоа, а за тоа сведочат и фотографиите што ги објавува на социјалните мрежи – од снимања во Њујорк, Вашингтон, приватниот авион, селфи фотографии со скап накит и крзно...

Само фотографиите од пентахаусот од Trump Tower, заедно со Доналд и нивниот син Барон (9), ѝ донесоа 42.000 Твитер следбеници. Апартманот уреден во стилот на Луј 14, со 24 каратно злато и мермер, како и кристалните лустери и насликани мурали се нешто што секој посакува да го види и има.

Кога не се грижи за синот, тогаш го води сопствениот бизнис за накит, кој е насочен претежно кон Источна Европа.

-Го започнав бизнисот кога Барон тргна во училиште. Додека е тој на школо, јас имам состаноци, правам скици и сè останато.

Нејзината трета работа е да биде подобрата, односно тивката половина на Доналд Трамп.

-Знаете, да се омажите за маж како Доналд, мора да знаете кои сте. И мора да бидете многу силни и паметни. И... тој мора да знае дека некогаш навистина може да се потпре на мене – изјави госпоѓа Трамп во емисијата на Лари Кинг во 2005 година, кога и двајцата беа гости.

Пријателите и познаниците сметаат дека таа би била одлична Прва дама:

-Таа е тивка, со грациозни манири и има впечатлива убавина. Таа е од Европа и имам чувство дека е како и повеќето Европејки. Тие имаат талент да стојат во заднина и да го пуштат него да биде во преден план – вели основачот на New York Social Diary, Дејвид Патрик Колумбија.

Исто така, Меланија зборува четири јазици и ретко кога се меша во политика, но има неколку ситуации кога го дели мислењето со Доналд и јавноста.

На прашањето на Лари Кинг, дали е загрижена дека Трамп можеби ќе ја изневери, таа вели:

-Не, не се грижам за тоа воопшто. Знам која сум, а ако еден маж не сака да биде со мене, или јас не сакам да бидам со него, тогаш: „Збогум“.

Со други зборови, не е исклучено срамежливата Словенка еден ден да му каже на Трамп: „Отпуштен си!“

Објавено:
7 октомври 2015
Категорија: 
Стории
Прочитано:
21.127 пати