Колку облеката ја зголемува самодовербата?

18 октомври 2017

Уредниците на 13 интернационални изданија на етаблираниот магазин Elle, учествуваа во специјална анкета насловена „The ELLE Confidence", која ги опфаќа прашањата кои пред сѐ ја засегаат нивната читателска публика. Контекстот на прашањата се движи во насока на тоа како жената може да ја зголеми својата самодоверба, како да се соочи со сексизмот на работното место, но и како да ги охрабри другите жени околу себе.

Колку облеката може да ја зголеми самодовербата на жената? Постојат ли правила?

„Наместо да ги следите трендовите, носете го тоа што вам лично ви одговара, тоа во кое вие се чувствувате свои и во кое ви е пријатно. Кога не знаете што да облечете, одберете нешто едноставно: монохроматска палета и класични кроеви, како и добар аксесоар што ќе ја надополни комбинацијата. Кога не се брзате, играјте си со облеката. Така сигурно ќе откриете и некои нови модели кои ви одговараат", вели уредничката на кинеското издание на Elle, Xiao Xue.

„Самодовербата е нешто што го имате во себе, тоа е нешто што не можете да го форсирате. Кога пробувате некој модел на фустан, ако во него се чувствувате добро, тогаш сигурно тоа е индикатор што покажува дека е вистинскиот модел за вас. Модата умее да не форсира да ги следиме трендовите, но мислам дека е многу значајно да бидеме свесни за сопственото тело", советува уредничката на италијанското издание на магазинот, Данда Сантини.

Како жените да се самоуверени во однос на своето тело, независно од килограмите, годините или бојата на кожата?

„Морате да прифатите дека тоа што сте поинакви, уште од старт ве прави преубави. Перфекција не постои, затоа мора да се бориме против стереотипите и ние самите да бидеме пример за другите жени", вели Сузана Барбоса, уредничка на бразилското издание.

„Пробајте да се фокусирате на тоа што е позитивно, како и на тоа што ве чини единствени", додава уредничката на холандското издание на Elle, Един Расел.

„Жените имаат обичај да се споредуваат со познатите актерки и манекенки кои имаа фасцинантен изглед, заборавајќи на моментот дека тие се јавни личности зад чиј изглед стои цел тим на професионалци. Мојот совет до жените е да се огледаат во огледало, без шминка. Додека можете опуштено и објетивно да се гледате себе си, ќе знаете што треба да правите со своето тело", посочува уредничката на корејскиот Elle, Сонјунг Чо.

Како жената да остане самоуверена во врската со нејзиниот партнер, а истовремено да биде верна и на своите лични стандарди?

„Сметам дека тајната на успешниот брак или врска не е во тоа колку се држите до своите принципи, туку колку сте спремни за направите компромис. Тој внатрешен конфликт или „да се остане верен на самиот себе", ќе постои секогаш, не само во односот со партнерот туку и во релацијата со целото семејство. Но, вистински однос е оној во кој сте научиле да попуштите и да направите компромис. Всушност, тоа и најдобро ќе ве научи кои сте и како да бидете свои во некои ситуации кои за вас се предизвик", додава уредничката на кинескиот Elle.

„Три фактори се најзначајни. Прво, клучно е да се остане финансиски независен. Затоа продолжете да работите, трудете се да бидете успешни во вашата професија, не ги прекинувајте пријателствата и не отстапувајте од вашето хоби. Второ, имајте на ум дека базата на добра и силна врска е искрената комуникација. Правете ги оние работи кои ве прават среќни и укажете му го тоа на вашиот партнер. И трето, почитувајте се меѓусебно", го споделува својот совет Сабина Неделчев, уредничка на германскиот Elle.

„Значајно е вашиот партнер да ве прифати такви какви што сте, иако во текот на брачниот живот и двајцата се менувате и се прилагодувате еден на друг. Секако, очекувајте и моменти на несогласување и проблеми, но тоа се моменти кога многу може да научите еден за друг", додава уредничката на Elle Италија.

Како да се борите против сексизмот и дискриминацијата?

„Доколку забележите дека било кој во вашето опкружување е нападнат, вербално или физички, реагирајте гласно. Не молчете пред проблемите. Никогаш, не замижувајте пред дискриминацијата, сексуалното вознемирување или било која друга форма на повреда на човековите права", се изјаснува уредничката на германскиот Elle.

„Нема ништо полошо од игнорирањето на проблемите, но нападот исто така не е најдобра опција. Ова се проблеми кои постоеле секогаш, а ние мора да го кренеме гласот во борбата против нив, да работиме на промоција на еднаквоста на секоја основа. Покажете колку сте паметни, успешни и вредни. Тоа е нашето најдобро оружје во борбата против дискриминацијата, сексизмот и другите проблеми со кои жените се соочуваат", вели уредничката на Elle Шпанија.

Текст на Патриција Нејги (Elle International)

 

Објавено:
18 октомври 2017
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.754 пати