Ланвиновата одаја на тајните

5 март 2014

Оваа година модната куќа Ланвин слави 125 години постоење. По тој повод компанијата ги отвори вратите на внатрешното светилиште-работниот кабинет на Жан Ланвин во Париз, кој што до ден денес се криеше од очите на јавноста.

На Faubourg Saint-Honore во Париз, директно од спротивната страна на Ермез, претставништвото на Ланвин постои и работи цели 125 години. Лоцирано е во зграда, во која брендот ги има купено сите катови, на почетокот на XX век. На најгорниот кат во зградата живеелa и работелa Жан Ланвин. Нејзината канцеларија ја задржа оригиналната форма и поради тој факт функционира како музејска одаја и само вработените можат да влезат во неа. Но, во чест да значајниот јубилеј, одговорните решија да направат  исклучок и ги отворија вратите на музејската одаја со што им овозможија директен пристап на новинарите со свои очи да го видат срцето на овој моден гигант.

Кабинетот е всушност една мала соба, од околу 20 квадратни метри и повеќе личи на библиотека, отколку креативно студио. Модниот фокус во одајата паѓа на куклата облечена во вечерен балски фустан и масивно огледало со полукружна форма. Ако погледнеме одблиску, станува јасно дека овие 20 квадратни метри ја кријат приказната за создавањето на една од најстарите модни куќи во Франција.

Жан Ланвин својот моден сон почна да го живее првенствено како изработувач на шапки и тоа почна да го работи уште како дете. Поради лошата финансиска состојба на нејзиното семејство, Жан мораше да заработува пари не само за неa, туку за целата фамилија, особено за помалите браќа и сестри.

Во 1918 година, Ланвин почна да произведува линија облека за деца, а една година подоцна во 1919, се отвора и женската продавница, бидејќи возрасните дами сакаат да бидат облечени како нивните мали принцези. Ланвин моделите и кроевите беа окарактеризирани како мошне шармантни, носливи и модерни. Многу наскоро брендот почнува да произведува и декорации за внатрешно уредување на домот, а подоцна етикетата почнува и со лансирање на машки колекции. Така, малата продавница почна да се шири и наместо еден кат на крајот ги зафати сите седум ката во зградата каде почна со креирање на модната магија.

Мебелот во нејзината канцеларија е направен по мерка. Жан била дизајнерка и декоратерка на целиот ентериер, факт кој што го потврдуваат скиците зачувани во архивите на фирмата. Спалната соба е во сина и бела боја, надополнета со орнаменти, а креветот Ланвин го нарачала специјално од Италија.

Во неколку наврати дизајнерката има изјавено дека инспиративните комбинации во однос на боите ги црпи од уметничките слики на Фра Анџелико, каде што можеме да забележиме дека доминира синиот тон. Истите нијанси на сино Ланвин ги аплицира и во своите колекции, па дури и кога ја ангажирале да ја изработи театарската завеса во тогашната Париска театарска куќа, креаторката одлучи да биде во сина боја и тоа е единствениот театар кој што има сина завеса, а сите други имаат црвена која што се смета за традиционален избор на боја за изработка на театарска завеса.

Второто име на ќерката на Жан е Маргарет, што во превод од француски значи „Паричка“. Па така сината боја во комбинација со паричките, стана важен дел од ДНК-то на Ланвин. Дизајните во сина нијанса, извезени со парички стана заштитен знак, по кој се препознаваше работата на оваа модна куќа.

Мошне специфичен детаљ за француската дизајнерка е што таа никогаш не изработувала скици. Ги создавала директно на кукла, а потоа уметникот ги прецртувал на хартија. Логото на етикетата се Жан и нејзината ќерка и овој цртеж е аплициран низ нејзиниот дом, на предметите кои се во вид на украси, но има изработени и статуи. Во контекст на неизмерно големата мајчинска љубов кон својата ќерка за нејзиниот 13-ти роденден, Ланвин го создаде парфемот „Arpège“, чие заштитно лого беше сликата на мајката и ќерката, а специјално за таа прилика ја изработи уметникот Ајриб Пол. Шишето е дизајнирано од Арман Алберт Рато во арт деко стил во комбинација на црна и златна боја кои што го симболизираат луксузот. Порано статуетките од Ланвин и ќерка и се наоѓаа во сите нејзини продавници, особено во делот кај што се изложени парфемите, а денес стојат само во нејзината канцеларија. Парфемот, веднаш по своето лансирање стана голем хит, а во 1993 година концептот на мирисна есенција беше малку променет од стана на Хубер Фрејз, но тоа не беше причина да не биде повторно меѓу најомилените и најпопуларните.

Во кабинетот има големи и тешки каталози, полни со дизајни, парчиња материјали, везови и скици, како и апликација од украсната паричка и нормално ткаенини во сите нијанси на сина боја, кои што впрочем се и препознатливи за работата на дизајнерката.

Канцеларијата наликува и на модна библиотека, бидејќи од подот, па се до таванот има книги полни со материјали за презентираните колекции. Покрај модните книги, низ плејадата украсни корици ќе сретнете и книги за птици, театар, патувања, оперски изведби и билети. Ланвин, како резултат на својата работа која и наметнува патувања, имала навика да носи ткаенини и везови од секоја локација која ја посетила. Обично одбирала материјали и дезени кои се специфични за таа област. Дел ги купувала, а дел ги добивала и како подарок.

На ѕидовите од кабинетот висат картички кои сведочат за секое патување на Жан, сувенири и слики. Нејзина пасија била изработката на балски тоалети и невестински фустани. Нејзино ремек дело е фустанот кој го дизајнирала за актерката Жана Реноар. По тој повод во нејзиното работно катче можеме да видиме кукла на која има облечено преубав црн балски фустан со апликација на сребрено бисерна панделка. Црната боја во комбинација на бисерен дезен е она што и било приоритет на Жан во изработката на гламурозните тоалети и фустани.

Денес креативен директор на Ланвин  Албер Елбаз, често доаѓа во канцеларијата за да се инспирира и почувствува мирисот на минатото, како и духот на дизајнерката, но никогаш не работи во неа. Ова е вистинска љубовна приказна на мајката кон своето дете и на Ланвин самата кон општеството кое ја поттикнало да создава за да може да преживее со семејството. Убаво е кога животните судбини имаат среќен крај.

Објавено:
5 март 2014
Категорија: 
Стории