Лејди Гага: Што значи да се биде дама...

15 ноември 2016

Магазинот „Харперс Базар“ со години наназад ја истражува темата што значи да се биде дама. Празничното издание за декември-јануари го краси Лејди Гага, која неодамна го издаде и албумот „Joanne“, а во отворено писмо зборува за тоа што денес значи и изгледа да се биде дама...

Писмото го пренесуваме во продолжение...

„Во времето кога растев, постојано ми велеа дека сум бунтовник.  Луѓето постојано зборуваа работи како „Дрска си“, или „Зошто си облечена така?“, но јас продолжував да го правам она што сакав и да го носам она што сакав затоа што, очигледно јас не се сменив.

Сепак, долго време носев срам со мене. Јас сум Италијанка и католик, растев со многу вина, грев. Но, почнав да сфаќам дека таа моја бунтовност, ако сакате да го наречеме тоа така, е нешто што карактеризира долга линија на луѓе, жени во моето семејство.

Мајка ми и баба ми се најмоќните женски сили во мојот живот, без сомнение! Мајка ми порасна во Западна Вирџинија, во италијанско семејство. Нејзиниот татко беше многу вреден човек; се занимаваше со осигурителство. Родителите на баба ми пак, умреле кога таа била многу млада, па таа морала да се грижи за сестра ѝ. Таа навистина ја држела тврдината. Семејството на дедо ми, од страната на татко ми, преминале долг пат од Италија до островот Елис. Тие живееле во Њу Џерси. Дедо ми изработувал чевли, а мајката на татко ми, кога не била со децата дома, работела со него. Тие имаат две деца. Едно од нив изгубија – сестрата на татко ми Џоен, по која и сум го добила името.

Џоен починала кога имала 19 години. Го насловив мојот албум „Џоен“, бидејќи присуството на Џоен отсекогаш беше многу важно за мене. Најдобриот начин да ја опишам мојата врска со неа е како врска што некој може да ја има со ангел или духовен водич или со било што што сметате дека има виша моќ. Џоен починала од лупус, автоимуна болест, а од она што го знам од семејната историја, една од можните причини за влошувањето на нејзината болест е навредите што ги добила кога одела на колеџ. Таа била сексуално нападната и допирана.

Џоен почина во 1974 година, 12 години пред да се родам јас, па за неа најмногу учев од приказните и фотографиите. Но, за неа учев и од бесот на татмо ми, гледајќи го како пие секоја вечер, како и преку моите баба и дедо кои плачеа за време на божиќната вечера, кога беше очигледно дека има едно празно место кои тие сакаа да го пополнат.

За мене, Џоен беше мојата надеж и верба. Секогаш чувствував дека имам некој кој внимава на мене, а јас гледав во неа за да ме заштити. Како што станував постара, навистина се огледував во неа, за да си помогнам себеси да се разберам подобро.

Размислував за Џоан додека гледав вести во текот на изборите, за скандалот кој кружи околу „Access Hollywood снимката. Овде бевме, во 2016 година, а фактот дека тој начин на говор што се користи за жените беше насекаде – на телевизија, во политиката – ми ги отвори очите. Се почувствував депримирано и повредено од тоа, затоа што знаев што тој начин на говор може да направи. А потоа ја гледав нашата неверојатна Прва дама, Мишел Обама како зборува во Њу Хемпшир како и таа се почувствувала повредена од тоа исто така. Зборуваше за тоа како жените често се исплашени да кажата било што, затоа што се загрижени дека така ќе изгледаме слаби – дека ќе ни кажат дека сме драматични, емоционални. Но, не сме. Ние се бориме за нашите животи.

Да се биде дама денес значи да се биде борец. Да опстоиш, преживееш. Значи да си дозволиш себеси да бидеш ранлива и да го спознаеш својот срам или тоа што си тажна или лута. Потребна е голема сила за да се направи тоа. Пред да го создадам албумот „Joanne“, си земав малку време за себе. Создадов музика со Тони Бенет. Ја создадов „Til It Happens to You“ со Дајан Ворен. Но, успеав да се ослободам од товарот на бесконечната работа на која бев посветена, што беше прилично малтретирање и за моето тело и ум, и си дозволив малку тишина и простор околу мене. Сакав да ја искусам музиката повторно на начин кога бев млада, кога единствено што требаше е да ја создадам, наместо да се грижам за тоа што сите ќе мислат или да бидам опседната со работи што не се важни.

Славата е најдобрата дрога што некогаш постоела. Но, кога еднаш ќе сфатите кои сте и што ви е важно, за што се грижите, таа потреба за уште, повеќе, уште само ќе исчезне. Она што е важно е што имам прекрасно семејство, работам напорно, се грижам за тие околу мене, озбезбедувам работа за луѓето што многу ги сакам и правам музика за која се надевам дека праќа добра порака во светот. Годинава наполнив 30 години и сум потполно оформена жена. Имам јасна слика за тоа што сакам. Тоа, за мене, е успех. Сакам да бидам некој кој ќе се бори за она што е вистина – не  за повеќе внимание, слава, признанија, награди.

Гледам во мајка ми и начинот на кој што таа го сакала татко ми, преку неговата болка и ги гледам баба ми и дедо ми и она што тие го преживеале – тоа е штафета на силата. Здравје, среќа, љубов – сметам дека тоа се работите што се во срцето на една голема дама. Тоа е дамата која јас сакам да бидам. Знаете, никогаш не мислев дека ќе го кажам ова, но нели е време да ги соблечеме корсетите? Како некој што навистина ги сакам, мислам дека е време да ги соблечеме.

Објавено:
15 ноември 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.398 пати