Листа на најдобрите десет модни документарци

6 март 2014

 

Откако модната куќа Диор го објави документарниот филм „Dior and I“ чија содржина е фокусирана на ексклузивните моменти кои што се случуваат зад сцената. Во контекст на ова ви ги презентираме десетте најдобри модни документарци на сите времиња.

Со потпис од Шанел (Signé Chanel)

Магична документарна серија во пет дела која што го прикажува процесот на создавање колекција од „висока мода“, детално опишувајќи го целиот процес почнувајќи од цртање скици, селекција на материјали, па се до креирање на моделот и негово промовирање на писта. Во филмот се откриваат специфични детали за луѓето во „бели мантили“ кои работат во работилниците и го создаваат модното волшепство.

Валентино: Последниот император (Valentino: The Last Emperor)

Документарецот ги опфаќа сите области од животот на дизајнерот, со особен акцент на неговата кариера. Режисерот креирал моќни портрети на Валентино Гаравани и неговиот долгогодишен соработник Џанкарло Џамети, од нивното среќавање како млади момчиња, ги опишува и презентира нивните  раскошни домови и на крај се посветува на подготовката за големото финално шоу на Валентино на модната недела за висока мода, пред неговото официјално пензионирање од модниот свет.

Септемвриско издание (The September Issuе)

Восхитувачки скромната и бескрајно креативната фантазија на Грејс Кодингтон во документарецот „Септемвриско издание“, овозможува да ѕирнете во вистинскиот живот на модната уредничка на Vogue, Ана Винтур. Моќта која ја има модната индустрија со сите нејзини негативни и позитивни страни видена низ очите на една од највлијателните жени во модниот свет. Сличен концепт на обработка има и филмот „Ѓаволот носи Прада“ кој што ја раскажува уредувачката модна политика и нуди поглед директно во внатрешниот моден свет на американски Vogue.

Госпоѓица К (Mademoiselle C)

По напуштањето на функцијата моден уредник на париски Vogue и амбициозниот потфат за создавање на нов проект насловен CR Fashion Book, Карин Ројтфелт, најгламурозната баба во светот на модата, стана „интересен материјал за обработка“. Филмот „Госпоѓица К“, целосно го доловува секојдневието на Карин, па така нека не ве зачуди фактот кога ќе ја видите како вежба балет, како го слави раѓањето на своето внуче Роми, како ги извршува домашните обврски и сето тоа го прави во беспрекорен стил и физичка кондиција и покрај тоа што е на возраст од 59 години.

Бил Канингам Њујорк (Bill Cunningham New York)

Секогаш оригиналниот и најдобриот „уличен“ фотограф, 84-годишниот Бил Канингам е повеќе од фасцинантна енигма и идеална тема за создавање на филмско ремек дело. Приказната само накратко допира делови од приватниот живот на фотографот. Фокусот е ставен на неговата работа во The New York Times и неговата страст низ фотографскиот објектив да ни го долови секојдневието на луѓето. Опиплив материјал и тема која го инспирираше Ричард Прес да создаде една малку поинаква модна приказна видена низ фотографска призма.

Дајана Вриланд: Окото треба да патува (Diana Vreeland: The Eye Has To Travel)

Филмот посветен на Дајана Вриланд, првиот моден уредник со светска слава, го раскажува нејзиниот моден живот. Иако таа почина во 1989 година, сепак нејзиниот лик и дело сè уште живеат особено на страниците на списанието Harper's Bаzaar, каде таа има работено 25 години. Идејата за филмот е на сопругата на еден од нејзините внуци, која решила да истражува за нејзиниот живот почнувајќи од најраното детство, период кога Дајана била несреќна, низ животните перипетии, се до прераснување во моден статус симбол.

Марк Џејкобс и Луј Витон (Marc Jacobs & Louis Vuitton)

Луик Прижен е единствениот режисер кој доби дозвола да го снима генијалниот Марк Џејкобс на работа како креативен директор на Луј Витон. Филмот на мошне специфичен и подробен начин го прикажува творечкиот процес на дизајнерот. Ова е последниот овековечен момент на Џејкобс во редовите на Луј Витон. Денес Марк има сопствена модна платформа, а Николас Гескиер го презеде кормилото на популарниот бренд.

Расфрлете ја мојата пепел во Бергдорф (Scatter My Ashes At Bergdorf's)


Сестрите Олсен, Том форд и Марк Џејкобс се само дел од многуте модни имиња кои ќе ги сретнете во документарецот „Расфрлете ја мојата пепел во Бергдорф“.Станува збор за митскиот трговски центар кој што се наоѓа на Петтата Авенија Бергдорф Гудман, и ужива голема популарност. Во филмот се опфатени неколку аспекти: процесот на креирање автентични Божиќни излози, краток разговор со продавачката Бети Халбрич, која што работи во центарот веќе 40 години и е инспирација за следниот проект на Лена Данам, како и кратки интервјуа на Олсен сестрите, Том Форд и Марк Џејкобс. Ова е бајковита приказна за секој човек кој сонува за прошетка низ најпознатата Њујоршка Авенија и фасцинантниот трговски центар.

Откопчен (Unzipped)

Филм кој што ги генерално ги покажува трансформациите низ кои поминува модната индустрија во последните две декади. Ова е еден од првите документарци виден низ перцептивната моќ на Исак Мизрахи во периодот кога тој е на врвот од својата кариера. Во склоп со тој сегмент е прикажан и процесот на создавање на есенската колекција за 1994 година на Мизрахи. Приказната ја достигна својата кулминација благодарение на специјалните појавувања на дел од моделите како Наоми Кемпбел, Линда Евангелиста, Кејт Мос и Амбер Валета , кои што важат за култни личности во модниот свет.

Ени Лејбовиц: Живот низ објектив (Annie Leibovitz: Life Through a Lens)

Документарецот што целосно го раскажува работниот опус на популарната фотографка Ени Лејбовиц, можеби не е жанровски насочен кон модата, но ако ги земеме во предвид фотографските ремек дела кои што таа ги има изработено за дел од најпопуларните светски списанија како Vogue и Vanity Fair, заслужуваат свое поглавје во модната историја. Со специјална поддршка и придонес кон реализација на идејата од страна на Ана Винтур и Грејдон Картер, документарецот зборува отворено за работата и животот на Лејбовиц.

Објавено:
6 март 2014
Категорија: 
Стории