Љубовната приказна зад култните „Love is...“ цртежи

14 февруари 2020

Веруваме дека без разлика на која генерација припаѓате, се сеќавате на култните цртежи со назив „Love is...“

Нашата генерација се запозна со нив благодарение на гумите за џвакање, но пред да стане бренд кој можеше да се види и на маици, предмети..., приказната за „Love is...“ почнува од вистинска љубовна приказна.

Гумите за џвакање „Love is..." се турски производ, кој потоа во 1990-тите стана ултра популарен во Русија и Украина, а потоа и на нашите простори. Во Турција сè уште се произведуваат. Имаат вкус на две овошја и тоа во шест комбинации -банана и јагода, ананас и портокал, цреша и лимон, пеперминт и ментол, јаболка и лимон и кокос и ананас.

Ким Касали е името на жената која ги создаваше овие едноставни љубовни пораки и тоа пред сè, за нејзиниот сопруг Роберто. Всушност, момчето и девојчето од стрипот се токму Ким и Роберто.

А како почнало сè?

Ким е родена во Нов Зеланд, во 1941 година, како Мерилин Џудит Грув, а на 19-годишна возраст ќе почне да патува низ Европа и САД. Во текот на животот ќе работи различни работи, помеѓу кои и келнерка во продавница за чај во Лондон, а во 1967 година ќе се пресели во Лос Анџелес, каде и ќе го сретне Роберто Касали, Италијанец и компјутерски инженер. Нивната средба ќе се случи на забава во ски-клуб, една недела после „Валентајн“.

Првата илустрација која подоцна ќе прерасне во серијал „Love is...“ е цртеж на разгледница која Ким ќе му ја прати на Роберто, кој всушност претставува мини-карикатура на Ким. 

Срамежливата Ким му оставала илустрирани пораки на нејзиниот иден сопруг, за време на нивните додворувања во Лос Анџелес.

„Почнав да правам мали цртежи за да ги изразам своите чувства... Беше како дневник во кој забележувам како моите чувства се зголемуваат", ќе изјави во една прилика авторката.

Првите цртежи биле скици на Ким која е претставена со пегички, крупни очи и долга коса и момче, со истите карактеристики, само со кратка црна коса (Роберто). Кога започнале да ги поминуваат викендите заедно, таа ќе оставела мала цртана порака на места што Роберто не ги очекува - џеб, перница, омилената книга... Подоцна, тој ќе ѝ открие дека ги сочувал сите нејзини цртежи, што посебно ќе ја воодушеви, а воедно ќе ја поттикне да создава нови.

Инаку, Ким првин работела за „Макс Фактор", задолжена за изгледот на амбалажите. Потоа, заминала и се вработила како рецепционист во компанија за дизајн, а потоа почнала да создава мали книшки кои ги содржеле нејзините „Love is..." цртежи, кои им ги продавала на посетителите за 1 долар (една).

Еден ден, нејзин пријател ќе ѝ предложи истите да ги покаже во„ Лос Анџелес Тајмс“, кај некој познаник. Весникот ќе ја објави првата серија цртежи на 5 јануари 1970-та година, а од тогаш тие ќе станат популарни и во САД. Подоцна, ќе бидат застапени во преку 50 земји од светот.

првиот објавен стрип во „Лос Анџелес Тајмс“

Со оглед на огромниот успех во Америка, во доцните 1970, еден весник во Хонолулу, ќе организира натпревар на читателите да ги пратат нивните „Love is..." цртежи. На конкурсот ќе пристигнат речиси 9.000 цртежи, што е најголем одзив на читатели на било која тема што весникот некогаш ја третирал.

Во април 1970 година, цртежите ќе станат дел и од „Дејли Мејл“.

Роберто и Ким некое време во САД живеат илегално, па се труделе да најдат работа што ќе ги држи подалеку од Имиграцискиот оддел. Се венчаваат во 1971 година во Нов Зеланд, во истата црква во која се венчале и нејзините родители, а веќе следната година ќе се преселат во Биртанија. Имаат три сина, Стефано, Дарио и Мајло.

Во 1975 година на Роберто му е дијагностициран канцер, а година подоцна ќе ја изгуби борбата со болеста. Третиот син, Мајло Роберто Андреа, е роден со вештачко оплодување со замрзнатите сперматозоиди на Рберто, во 1977 година, речиси година и половина по смртта на неговиот татко. Во тоа време, ова бебе е наречено чудо, но има и такви што ваквиот чекор на Ким го сметаа за шокантен.

Касали за себе ќе рече дека е непоправилва романтичарка, признавајќи дека можеби би била добра и како автор на љубовни песни.

Од 1972 година па до сега, претставени се повеќе од 25 колекции на „Love is..." и тоа во весници, магазини, книги, а застапена е репродукција и на маици, часовници, долна облека, пижами, тефтери, постери, честитки, гуми за џвакање...

Бил Аспреј е името на илустраторот кој почнува да соработува со Ким во 1975 година. Таа ќе го ангажира да ги создаде првите илустрации во боја. По смртта на Роберто, Ким и Бил ќе продолжат да ги создаваат најљубовните мали стрипови.

После долга битка со ракот, Ким умира во 1997 година. Нејзиниот најстар син, Стефано, ќе ја продолжи нејзината дејност. Тој ќе пишува, а Бил ќе ги создава цртежите.

 

Всушност, философијата што Ким сакала да ја пренесе преку овие цртежи е „Љубов е никогаш да не бараш повеќе од тоа што си подготвен да дадеш“. Воедно ова е една од првите фрази кои Ким ги пласирала во јавноста. Таа верувала дека ако имаш љубов, имаш живот и ако имаш љубов, тогаш можеш да живееш“.

За жал, Ким премногу рано ја губи својата најголема љубов, преку овие цртежи, направи да живее засекогаш, како и да инспирира многумина да ги ценат ѝ најмалите секојдневни мигови.

извори: loveiscartoon.comfacebook.com/loveiscartoon.officialdreamsofmylittleworld.blogspot.comartfulaspreycartoons.co.uk/love-is; loveiscomix.com;

Објавено:
14 февруари 2020
Категорија: 
Стории
Прочитано:
377 пати