Магијата на најдобриот филм за 2016 „La La Land“

23 јануари 2017

„Сакав жените во публиката да бидат воодушевени од Рајан, а кај мажите да се разбуди романтичноста кога ќе ја видат Ема“, вели дизајнерката на костимите Мери Зофрес.

Долгоочекуваниот филм „La La Land“ неодамна ја доживеа својата премиера, а оттогаш се чини стана главен фаворит за сите филмски награди што допрва доаѓаат.

Дизајнерката Мери Зофрес

Она што ќе ве остави без здив кога го гледате филмот е секако фотографијата на Линус Сандгрен кој има работено  на филмовите American hustle, Joy, Promised land. Неверојатна магија создава неговиот пристап. Можеби и најзаслужен „La La Land“ да биде магичен филм.

Кога играат Рајан и Ема во своите кореографски точки потсетуваат на Фред Астер и Џинџер Роџерс.

Приказната е навидум романтична љубовна предлошка, но има жестоки размисли во однос на уметничките кариери кои пак подразбираат жртви, а во овој филм и двајцата ќе ја жртвуваат заедничката љубов. Замислете, нема среќен крај што исто така е холивудски преседан. Филмот е создаван според урнекот на најпознатите мјузикли од 50 - тите години на минатиот век, кој со својата естетика и раскошна романтичност потсетува на „Пеејќи на дождот“ со Деби Рејнолдс и Џин Кели.

Она пак што го инспирира композиторот на филмот Џастин Хурвиц, инаку харвардски дипломец се мјузиклите „The Umbrellas of Cherbourg” (1964) и „The Young Girls of Rochefort” (1967). Но, ќе каже дека со секое создавање на музиката за овој филм, најмногу ќе се инспирира токму од Рајан Гослинг.

Режисерот на филмот Демиан Шазел е инаку џез тапанар, па можеби тоа е причината зошто сите музички точки се доведени до ниво на перфекција.

Имено, филмот раскажува приказна за џез пијанистот Себастијан (Рајан Гослинг) и младата актерка Миа (Ема Стоун) кои својата љубов ја прикажуваат преку фантастичните танци на совршена музика и на уште поубави места низ Лос Анџелес.

Дизајнерката Мери Зофрес која стои зад костимографијата на големи филмови како Interstellar, No Country for Old Men и уште многу други вели дека истражувањето околу костимите го започнала со гледање на најпознатите љубовни мјузикли на сите времиња.

Покрај прекрасните фустани кои на Ема Стоун и прилегаат речиси совршено, особен впечаток оставија и комбинациите на Гослинг, меѓу кои и чевлите во две бои купени од позната продавница за танц во Лос Анџелес.

За неговите комбинации од панталони со малку висок струк и свилени кошули на куси и долги ракави, таа ќе каже дека се инспирирала од многу француски филмови, по што дошла до заклучок дека сите парчиња треба да се романтични со што тој ќе ги воодушеви жените од публиката.

Во текот на целиот филм Ема носи лелеави здолништа и нежни фустанчиња кои прават таа да биде уште поубава.

Дизајнерката ќе каже дека воопшто не било тешко да се создадат костимите за Ема со оглед на тоа што таа има одлична и грациозна фигура, а и сѐ што направиле и прилегало неодоливо.

За дел од дневните комбинации, дизајнерката вели дека купувала парчиња од винтиџ продавници, нешто нарачале онлајн, а дури купиле и една маичка од H&M која чинела пет долари.

Темно синиот фустан што таа го носи на крајот на филмот прикажува една сосема поинаква, позрела страна на актерката и дизајнерката ќе каже дека било сосема оправдано што истиот го купиле од познатиот дизајнер Џејсон Ву.

Таа ќе каже дека нејзиниот омилен, а многумина ќе се согласат со неа, е белиот ултра романтичен фустан кој неодоливо потсетува на оној на единствената Џинџер Роџерс и нејзиниот танц со шармантниот Фред Астер.

„La La Land“ е сигурно еден од најдобрите филмови снимен 2016 - та година. Покрај тоа што ги освои главните награди на Златниот глобус годинава, покрај играњето и пеењето има еден момент кој ве остава без здив, а тоа е музицирањето на Рајан Гослинг на пијано. Тој свири извонредно добро џез партитури на кои и најдобрите пијанисти од светската џез сцена може да му позавидат. Се прашувате дали навистина е тој или има дублер… Но, вистината е шокантна и навистина тој е оно кој свири така добро. Режисерот Демијан Шазел ќе изјави:

„Да, тоа е само тој, Рајан“.

Џон Леџенд кој игра епизода во филмот е импресиониран од Рајан.

„Бев навистина љубоморен, гледајќи го како свири и како научил да музицира за само неколку месеци. Тоа е навистина неверојатно и импресивно“, вели Леџенд.

Објавено:
23 јануари 2017
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.930 пати