Малку поинаков текст за Мет галата

4 мај 2018

Модниот свет со нетрпение го очекува првиот понеделник од мај, кој секогаш е резервиран за Мет галата.  

Годинава темата е дијалог помеѓу модата и религијата, поточно католицизмот. За таа цел ќе бидат изложени 180 парчиња од дизајнери кои твореле инспирирани токму од посочената тема, од Версаче, преку Долче и Габана, до Валентино, Баленсијага, Шанел...

Изложбата е мошне важен дел од настанот, но е најмалку медиумски проследена. Она што секогаш го зема вниманието е црвениот килим и гламурот околу целиот настан.

Домаќини на вечерта годинава ќе бидат Ана Винтур, Донатела Версаче, Ријана и Амал Клуни, така што несомнено ќе биде интересно проследувањето на креациите.

Сепак, овој пат нема да зборуваме за значајноста на религијата и модата, туку  во продолжение следат други интересни факти за Мет Галата, што ќе создадат нова или ќе ја потврдат сликата што веќе ја имате за настанот:

-Годинава, настанот одбележува 70 години постоење.

-До влезот на Метрополитен музејот, ѕвездите треба да искачат 23 скали, што на ѕвездите со тешки и специфични фустани воопшто не им е лесно. Пред неколку години Софија Вергара на шега изјави: „Ова ни го прават намерно!“.

-Црвениот килим пак, е долг околу 45 метри.

-Цената на билетите за оваа година изнесува 30.000 дoлари.

-Минатата година присуствувале 550 гости, додека во 2015 и 2016 година имало преку 600. Во тие две години и бројот на посетители на Институтот за костими ги срушил рекордите со преку 700.000 посетители.

-За годинашново издание, Ватикан даде зелено светло и планира да им позајми 40 ретки предмети со верско значење, вклучувајќи и папска тијара, украсена со 18.000 дијаманти и други слични предмети кои имал чест да ги носи папата Бенедикт XVI.

-Постојат два типа на гости - тие што ќе ги покани Ана Винтур и тие што ќе добијат покана од брендовите. Имено, брендовите за импозантна сума можат да откупат маси на кои ќе седат гостите што тие ќе ги поканат. Затоа, сите се трудат да викнат што попознати ѕвезди. Инаку, ѕвездите што ќе ја прифатат поканата, треба да носат креација од брендот чија покана ја прифатиле, секако ако се работи за мода. Маса може да откупи било каков бренд. На пример, Yahoo во 2015 година за две маси потроши околу три милиони долари. Инаку, вообичаено, тие што ќе сакаат на овој начин да присуствуваат на Мет Галата, треба да одвојат од 2.7 до 5 милиони долари. Тоа е една од причините зошто дизајнерите најчесто на настанот доаѓаат со големи ѕвезди. На пример, Рикардо Тиши минатата година се појави со Мадона, а Џереми Скот со Ники Минаж, додека Мајкл Корс со Зендаја.

-Што се случува по црвениот килим, внатре, никој не знае. Тоа е тајна која никогаш до крај не се открива. Она што е познато е дека сите се приморани да ја видат изложбата, па дури потоа да се забавуваат на коктелот, односно вечерата. За тој дел од вечерта, секогаш се ангажира некоја позната музичка ѕвезда. Во 2016 тоа беше The Weeknd, додека лани честа ѝ припадна на Кејти Пери. За нејзиниот настап биле одвоени преку 1.5 милион долари.

-Бела Хадид во едно интервју откри дека на самиот ден на галата, подготовките за настано траат повеќе од три часа. 

-Минатата година Ана Винтур обезбеди заработка од 12 милиони долари за Институтот за костими, годината пред тоа 13.5 милиони долари. Тој приход пред сè е од продажбата на карти. Инаку, од 1999 година, па до сега, колку што таа е уметнички директор на настанот, успеала за Институтот да обезбеди милијарда и стопедесет милиони долари.

-Мет галата е одличен настан за промоција, а особено ако сте „селебрити двојка“. Сепак, овој настан не секогаш носи среќа. Според статистиката што ја направи „E! Online“, најмалку шест двојки раскинале по одржувањето на Мет галата.

-Кога сме кај двојките, малкумина знаат дека Доналд Трамп во 2004 година токму на овој настан ја побара Меланија за жена. Ако се прашувате дали оваа година ќе присуствуваат на настанот, одговорот е не. Доналд одамна не е добредојден на овој настан, а особено откако стана претседател на САД.

-Припадниците на холивудската А-листа треба сами да се погрижат за просторот во кој ќе се подготвуваат за Мет галата. Ноќевање во њујоршкиот „Carlylea“, едно од најпопуларните места за учесниците во Мет галата, изнесува помеѓу осумстотини ијади долари и милион долари, додека во блискиот хотел „Mark“, едно ноќевање чини помеѓу милион и милион и тристотини ијлади долари.

Објавено:
4 мај 2018
Категорија: 
Стории
Прочитано:
932 пати