Матура во аналогно доба: личните доживувања на наши познати личности

26 април 2018

Секоја генерација има своја матурска приказна. Некогаш матурите биле аналогни, денес се дигитални, а во оваа споредба има голема метафора. Духот на секое време носи различен темперамент и поинакво доживување, а е одраз на идентитетот на генерацијата како колектив.

Музиката, танцот, облеката, трендовите, фраерите и фраерките... се менувале со секоја наредна генерација, но она што останува заедничко за сите, како што ќе подвлече една од нашите соговорнички, матурата за секоја генерација е завршеток на една детска игра и премин кон „реалниот" свет...

Ние денеска ќе ги прелистаме децениите наназад и ќе ве однесеме во времето на аналогните матуранти, преку личните приказни на нашите инспиративни соговорици: Вера Јанковиќ, Антонио Димитриевски и Анета Андонова, кои несебично со нас ги споделија своите лични доживувања на „матурското лудило"...

 

Вера Јанковиќ: Деца со очи на пораснати човечишта

Матурантка бев 1982 година, генерација 1978-82 година, гимназија Георги Димитров, една според мене најдобрите и најстроги од тоа време... Ѝ благодарам, и секако ми е и животна школа :). Бев полнолетна во најубавиот период што се однесува до светот на музиката, осумдесетти години, за мене дефинитивно преломни за целокупната музичка сцена.

Фото (приватна архива) - Вера Јанковиќ како матурантка и Бајо, 1982 година

Хитови си врвеа по друг колосек, јас си слушав музика која ме исполнуваше на посебен начин – ги мерачев The Police, King Crimson, Pink Floyd... Бев девојка многу понапред од останатите „цурици" :) И не само тоа, јас веќе во 1984 година имав и свој бенд – легендарниот „Психо", како плод на убавото, матурно гимназиско дружење.

Сум рекла милион пати – музиката го менува човекот, поединецот ја прави револуцијата!!! И јас (ние) ја направивме. Бевме убави, скромни, воспитани деца кои му се радуваа на животот и малите нешта, затоа што деталите го чинат скапоцениот негов момент. Од кецели (школска облека) тргнавме во Солун да си купиме нешто што ќе доликува на еден совршен крај на периодот кога и се осознаваме комплетно. Немаше кај нас баш некој, кој знае каков избор, се радувавме ако носиме книги во некоја брендирана кеса, моливи чувавме во лименки од разноразни „странски" пијалоци :) Бевме среќни бре, затоа тој момент на гимназијалската журка, наречена матура, со душа го чекавме и измерачивме во наш, рокерски, несекојдневен стил... и со настап на бината во хотел „Континентал".

Партнер ми беше човекот што тогаш ми беше и дечко, за скоро по тоа и маж :) Убаво е кога знаеш со кого си, зошто си, заради кого си! Бевме свои и оригинални – деца со очи на пораснати човечишта.

Матурската вечер, драги мои, не е свадбена, надмена, оптоварена со едно брдо пари и будалаштини без основа! Таа е завршеток на една детска игра, премин кон уште поквалитетна животна збирштина со оние кои ќе бидат дел од понатамошното битисување низ лавиринтот на феноменот наречен живот. Најјаките остануваат... и раскажуваат.

Антонио Димитриевски: Мојата матура – „Хотел Kалифорниjа"

Се сеќавам на неа како да беше денес. Сè се случуваше на домашна журка во една пролетна вечер во првата половина на осумдесеттите. Беше дојдена на гости кај братучетка ѝ... А таа ја донесе кај нас на журка! Ех, тоа беа времиња. Време на новиот бран во музиката кој ги заплиска сега веќе бившите ЈУ - простори, време кога наместо Цеца, Сека, Карлеуша, Ѕвездите на Гранд... се журкавме со „Азра“, „Филм“, „Хаустор“, „Идоли“, „Оргазам“, со светските рокенрол идоли, соул и фанки фраери, диско кралици и кралеви...

Фото (архива Fashionel) - Антонио Димитриевски

Да, да, пријателе, само што за ова последново не ни требаа ниту кока, ниту мара, ниту екстази... Евентуално понекоја голтка бренди, вињак или векија колку да собереш храброст да ѝ пријдеш и добар мотив со природни пропорции: 90-60-90 или тука некаде, малку урбан шарм, пар градски фори, и додека уште не ни досвирело солото после вториот рефрен на Welcome to the Hotel California... она више ти преде у прегратки као мало маче, додека ти си и се залепил за неа као селотејп на поклон!

А после се знае-правец спална, па или она тебе ќе те памети цел живот, или ти нејзината шлаканица. Како и старата добра песна на која си ја ќарил: "This could be Heaven or this could be Hell and... Welcome to the Hotel California ..." Таква песна се прави еднаш во кариерата, а на таква песна само еднаш во животот се ќарува таква женска!

Тогаш немаше мобилни, а тие дома немаа фиксен и... не ја видов повторно сè до онаа вечер.

А таа мајска вечер славевме полнолетство! Матура! Ние 90 % машки – средно електротехничко „ЕМУЦ Никола Тесла“ - генерација 1980... и некоја, а они 99 % женски. Средно медицинско, „Д-р Панче Караѓозов“... на заеднички дочек на матура во тогашен „Гранд хотел“, денес „Холидеј Ин“. Никој никого не знае, они прв пат нè гледаат, ние нив исто така, ама баш нè боли уво - важно да е весело, а башка скоро сите се женски! До душа, на почеток малку бев уштиркан во новиот крем костум, бордо кошула и вратоврската кои за прв пат во животот ги ставив на себе, ама после половина час, откако се подзагреавме и се подраскомотивме, веднаш ми беше полесно. Свадбарско мени, првите две пијачки -гратис, секоја следна се плаќа, раскопчани кошули, подзапотени под мишки и... Тогаш повторно ја здогледав неа! Бендот што свири го знаев, па нарачката на песната ми беше гратис.

„Some dance to remember, some dance to forget... Welcome to the Hotel California ..." И така до пет сабајле! Знам само дека на матура сите дојдовме соло, ама ретко кој сам си отиде... Дома? Ма какви дома! Кај смееше тогаш да ја носиш дома! Да е жив и здрав Градски парк! Нормално, под услов да најдеш слободна клупа! Или бујна грмушка! Другото е историја! И сеќавање... „Such a lovely place, such a lovely face...“ Сеќавање на едно време кое никогаш нема да се врати, на една генерација... која пред некоја година се собра да слави 30 години од матура! И пак во Градски парк! За да има кај да ни играат децата, а ние евоцирајќи спомени, да џапнеме по една... А, и паркингот е веднаш до кафеаната кај Томче која сега е и хотел! Хотел Томче-Софка за сите.

За мене - Хотел Kалифорниjа. Засекогаш! You can check –out any time you like, but you can never leave...

 

Анета Андонова: Матура во аналогно доба

Секој месец има своја карактеристика. Во октомври лисјата паѓаат, во март природата се буди, во декември нѐ напаѓа новогодишно лудило, мај е месец на матурите. Секоја година, во исто време - исто лудило. Но, сепак не е сѐ исто.

Никој не е имун на еуфоријата. Не бев ниту јас. Сепак бев матурантка во некое друго време, аналогно доба - кое не е исто со новото - дигитално.

Фото (архива Fashionel) - Анета Андонова

Аналогна беше фотографијата и сега веројатно ми е некаде затурена по семејните албуми. Како метафора велам: аналогна беше и гардеробата и музиката и доживувањето и така натаму, и така натаму. Матурата ја прославив во деведесеттите години од минатиот век. Тоа беа години на транзиција или да бидам попрецизна почеток на транзиција... а сите ние некако „изгубени во преводот". Бевме прва генерација која по распадот на Југославија, традиционалното патување низ СФРЈ го заменивме со неколку дена во Охрид. Слушавме и читавме за воени конфликти, но како да не сакавме да признаеме дека нам ни се случува.

Гардероба? Па се знае – од Трст. Некако отидовме група ученици, но едвај се вративме. Железничкиот сообраќај беше во прекин заради воените интервенции.

Но, тоа не нѐ спречи да уживаме во дружењето, ниту во музиката... Се слушаше рок, поп, се слушаше добра музика. Целото доживување беше аналогно – многу побавно од овој брз свет во којшто немаш можност ниту да се опуштиш, ниту да уживаш.

Фото (архива Fashionel) - Анета Андонова

Не го паметам ресторанот во кој лудувавме, самата вечер, ама паметам дека носев црвено кадифено палто и исто такво здолниште. Веројатно тоа било тренди тие години. Високи потпетици и шминка како must have, за на сите да им е јасно дека сега сме големи и дека никој ништо не ни може, и дека светот е наш. И не важно што наликуваме на теткички... само да сме над земјата. Со оглед на фактот што во Училиштето за насочено образование „Орце Николов“ во кое се едуцираа идни електро и машински инженери, имаше недостаток на девојки, не бевме организирани во двојки. Едноставно, не беше изводливо. Но, како и да е не беше пречка сите да сме на подиум. А потоа, традиционално во Парк. Матурскиот сон заврши кога се свестивме дека нѐ чека нов предизвик. Изборот на факултет воопшто не беше едноставна работа.

Како и да е посакувам уште еднаш да минам низ таа еуфорија, макар таа била дигитална.

 

Објавено:
26 април 2018
Категорија: 
Стории
Прочитано:
3.588 пати