Мажите порачуваат: Возењето велосипед е најзабавната медитација

17 јули 2015

Велат, возењето велосипед е една од оние активности што кога еднаш ќе ги научиш, никогаш не ги забораваш. Во последно време како сите да се потсетуваат на тоа, па велосипедот стана едно од омилените превозни средства на Македонците. Некои сметаат дека се работи за помодарство, а не вистинска љубов. Некои возат сезонски, некои постојано. Постојат и такви кои во оваа активност гледаат исклучиво практичност или можност за „дотерување" на фигурата.

Неодамна се запознавте со неколку девојки вљубенички во возењето велосипед, кои не само што внимаваат на својот изглед, туку и на изгледот на ова превозно средство. За нив велосипедот беше одличен начин да се потрошат калории, а не пари. Овој текст побуди интерес и кај машката популација, па затоа ние одлучивме да направиме продолжение и да слушнеме што имаат и мажите да кажат на оваа тема.

Токму во продолжение ви презентираме неколку интересни момци со нивните велосипеди, кои беа расположени да се запознаат со нашата публика.

Едвин Муше

-Велосипед возам од осум години. Првиот велосипед ми беше BMX кој ми го подари татко ми за роденден. Се сеќавам дека првото возење со него беше кај мене во маало, и бидејќи бев сè уште мал, возев пред зграда и тоа напред-назад на растојание од 200 метри – ја започна својата велосипедска приказна Едвин.

Едвин Муше

Оваа активност ја сака пред сè поради одржување на здрава ментална и физичка кондиција:

- Но велосипедот според мене е повеќе од превозно средство. Велосипедот го индицира стилот и културата на живеењето и во суштина многу говори за карактерот на еден човек.

Кога вози на кеј, преферира да носи спортска облека, но кога има активности низ град, или оди со пријателите на кафе, убаво се чувствува и во летна кошула и шорцеви.

На прашањето, на што размислува додека вози велосипед, Едвин вели:

- Се обидувам да не мислам на ништо, туку едноставно да уживам во слободата и позитивните вибрации кои што ги добивам додека сум на две тркала. Поради комплицираниот сообраќај во Скопје, многу ретко слушам музика додека возам низ град, и кога слушам тоа е најчесто џез или соул музика.

А за велосипед и во зима ќе каже:

- Мислам дека возењето велосипед треба активно да се практикува во текот на сите четири годишни времиња. Воопшто не ми пречи да возам и на пониски температури. Исклучок правам само во ситуации кога навистина не постојат соодветни услови за возење – големи снежни врнежи итн.

На крајот на нашиот разговор, прозборевме и за предностите и недостатоците на возењето велосипед во Скопје:

- Патеката на кеј би можел да ја издвојам како едиствена предност на возење на велосипед во Скопје, каде што човек едноставно може да ужива во возењето. Од друга страна, недостатоци има многу. Почнувајќи од исклучително ниската култура на луѓето во сообраќајот, непочитувањето на велосипедистите, и конечно немањето на соодветна велосипедска патека – одбележена на улица– која што му е повеќе од потребна на Скопје, пред се поради безбедноста на самите велосипедисти. Доколку сакаме се доближиме до останатите западноевропски земји, неопходно е најпрвин да се зголеми дисциплината односно од корен да се променат културните навики на луѓето во сообраќајот. Како главен град, на Скопје навистина му недостасува нова општествена програма од пошироки размери, во рамките на која што ќе биде потенцирана релевантноста на велосипедистите и нивната улога во сообраќајот. Единствено на тој начин, возењето на велосипед во Скопје би претставувало вистинско задоволство – смета Едвин, кој посакува да ги испроба своите велосипедски можности на некоја подолга дестинација или поризична патека.

Јанко Смилевски

- Од кога возам велосипед? Уффф, не се сеќавам... Уште од многу мал, во градинка бев кога нучив да возам. Имав велосипед со помошни тркалца. Кога подпораснав моите ми купија сребрен Rog точак, кој го „утепав" од возење. Сега е „канта", но уште го чувам во подрум – ни откри Јанко.

Јанко Смилевски

Го сака возењето велосипед бидејќи е забавно, здраво, не загадува, бргу се стигнува до саканата дестинација, опушта. Но, вели, поради сообраќајната (не) култура секогаш постои можност да те удри автомобил, или да ти го украдат велосипедот.


-Предностите и недостатоците на возење велосипед во Скопје, најболната тема... Одлично е будењето на свеста за користењето на велосипед како превозно средство и сè поголемиот број на велосипеди што се возат низ градот. Тука морам да ги споменам и "На Точак" кои неуморно се борат за "правата" на велосипедистите во сообраќајот и за подобрување на велосипедската инфраструктура... А недостатоци има колку сакаш: дупки, контејнери, паркирани коли, сообраќајна некултура... – посочува Јанко.

Го прашавме и дали имал некоја велосипедска авантура.

-За жал не можам да се пофалам со некоја велосипедска авантура, претежно низ град возам и тоа на кратки релации. И не посакувам ништо посебно, убаво ми е и вака да си возам... Возењето низ Скопје е авантура само по себе (се смее).

Поради зимурливоста, не практикува многу велосипед во зима, но вели, доколку се одбере соодветна облека и ако не врне, зошто да не.

Горан Костовски

- Велосипед возам цел живот а, директно вклучен во сообраќај последниве 15 години. Не се сеќавам на своето прво возење ама се сеќавам кога требаше да полагам за кола јас побарав велосипед (се смее) – вака ја започна својата приказна Горан.

Горан Костовски

Велосипедот е дел од неговото секојдневие, па не се оптоварува многу околу тоа што носи.

-Пред неколку години продуцирав серија маички кои што беа инспирирани од критичната маса која што се случува секој крај на месецот за мојот label за улична облека Celebrate Life. Прекрасно е целото тоа движење кое што ни се случува – вели тој.

Токму затоа и неговата листа на позитивни работи што ги носи возењето велосипед не е кратка.

- Додека одев на работа возењето велосипед за мене беше стрес катализатор и одлично будење наутро. Добро е од секој аспект. Од лично моја перспектива е супер што можеме со педлањето да придонесеме за подобра животна средина. Скопје е во котлина и е ужасно загаден град тажно е што никој баш и не се замара со тој факт но, во последно време на улиците гледам сè повеќе велосипеди што е навистина прекрасно. Макар од некаде да тргнеме, да бидеме повеќе свесни дека возењето велосипед ни помага на самите нас. Сведоци сме како луѓето сè уште се возат сами во автомобил, не користат јавен транспорт и не споделуваат такси.. Тоа се некои ситници кои што би можеле да помогнат. Ептен ми е кеиф што сè повеќе гледам и родители со своите деца на седишта на велосипед (браво за вас што ги „заразувате" да бидат свесни уште од мали). Големината на еден човек и неговата улога во општество се гледа по тоа кој колку придонесува за истото да биде подобро а, не кој колку има – смета Горан.

Тој додава дека Скопје е рамен град, има многу малку угорници и може да биде супер вело град. Условите за велосипед во Скопје се лоши, иако има неколку патеки, сè уште не можеме да зборуваме за добра инфраструктура, за да може луѓето секојдневно и без проблем да го вклучат велосипедот во превозно средство.

Според него, узурпирани патеки, високи тротоари, нетолерантноста и агресијата се секако големи фактори што ги отргнуваат луѓето од возењето велосипед секојдневно.

-Но, да не излезе дека само ние на тркала сме добри, си имаме и ние свои недостатоци. Воопшто не ги подржувам велосипедистите што возат контра во улица, поминуваат на црвено и се однесуваат исто како оние агресивните.

За Горан велосипедот е превозно средство за 365 дена во годината, а оваа за првпат го искусил и зимското возење.

- Годинава за прв пат ја искусив зимата охрабрен од моите другари и другарки што живеат во странство и возат низ целата година. Беше супер искуство само добра облека и ништо не е проблем воопшто. Не возев на минус температури но, можеби ако имав подобра облека за тие услови би возел и тогаш.

На прашањето, на што размислува и дали слуша музика додека вози, вели:

- Најчесто ја слушам новата музика што сум ја пропуштил генерално сум со слушалки цело време. Возењето е како медитација, те ослободува и релаксира. Се случува со часови да се возам без причина и да слушам некој џез, што совршено се вклопува, но возењето и ме „напнува" кога немам слушалки бидејки нетолерантноста е дел од нашата некултура, па најчесто слушам сочни пцовки, закани и гадости и не можам да поверувам дека со тие луѓе живеам во ист град.

За крај, Горан ни откри дека веќе подолго време сака да си купи поубав велосипед за да може да се впушти во подолга тура низ планини и патишта.

Марко Новески

- Мислам некаде од 5 години возам велосипед на две тркала, без помошни (се смее). Првиот велосипед морам да признаам дека сè уште го имам во подрум. На првото возење за жал не се сеќавам, зашто беше пред многу години, ама на првото паѓање да, зашто и ден-денес ги чувствувам последиците (се смее) – ни рече Марко на почетокот од разговорот.

Марко Новески

Според него, има многу причини зошто е добро да се вози велосипед.

- На пример за добра линија, за здравје, сите знаеме дека додека се спортува се лачат најразлични ендорфини кои нè прават среќни и така натаму.

Со оглед на тоа дека ова превозно средство го користи секојдневно, веќе и не обрнува толку многу внимание на тоа што носи кога вози.

- Во сè ми е ок, ама ако можам да бирам тогаш би одбрал бермуди и маица без ракави. Секако,пред тоа би ставил „Стик" да не умре некој што ќе се размине со мене – во свој стил раскажува Марко.

Тој и во зима е постојано на велосипед, а бидејќи последнава се погоди без снег, воопшто не го смени превозното средство. Вели, додека на сите им пречел студот, на него му било одлично.

А за тоа на што размислува додека вози ќе каже:

-Велосипедот го сакам најмногу како превозно средство затоа што не мораш да се заморуваш со ништо... Искрено, кога возам не слушам музика и не размислувам на ништо, може слободно да се каже дека времето што го поминувам на велосипед ми е еден вид медитација.

За него една од предностите на возењето велосипед низ Скопје е што се избегнува метежот.

- На Скопје му треба многу средување за да може велосипедистите да се почувствуваат како рамноправни учесници во сообраќајот. Но, ме радува фактот што сè повеќе луѓе го користат велосипедот како превозно средство и тоа ми дава надеж дека во блиска иднина работите ќе се променат на подобро – изјави Марко, кој од септември планира да направи тура низ Македонија, токму со велосипед.


Филип Георгиевски

- Велосипед возам од многу одамна. Првпат научив да возам без помошни пред околу 16-17 години Бев многу мал, и за мене тоа беше многу големо постигнување. Првиот велосипед што го возев беше едно мало Пони, со кое бев најбрз во маалото (се смее) – се присети Филип на првите искуства со ова превозно средство.

Филип Георгиевски

Сега вози BMX кој му носи нови авантури и возбуди, а за време на нашиот разговор и ни раскажа една.

- Авантурата датира од пред 2 години, паметам се случи месец дена откако го купив „бајкот". Бевме со еден другар во Белград, патем го поздравувам Блеки, и патувавме со воз. Таму се најдовме со локалните бајкери, бевме на отворање на нов скејт парк во Панчево, каде имаше натпревар. Наредниот ден се превозевме со дечките од Белград, дури имав и мала повреда (се смее). Сè на сè, го паметам како прекрасно искуство и авантура и пол!

Освен возбудата, возењето велосипед го сака и од други причини:

- Добро е да се вози велосипед затоа што тоа спаѓа во физичка активност, што значи дека во секој поглед е добро за нашето здравје и тело. Исто така, велосипедот е релаксатор, некој вид медитативна направа што ни ги трга сите проблеми на страна и прави да се чувствуваме посреќни – вели Филип.

Тој го практува возењето велосипед и во зима, што на сите им го препорачува, само советува да внимавате на облеката.

Бидејќи неговиот велосипед не е класитечн како на останатите наши соговорници, интересно беше да се слушне и тоа на што тој размислува додека се вози:

- Бидејќи BMX-от се базира на трикови, сè што ми се врти низ глава додека возам се триковите и како да ги изведам. Ги замислувам како изгледаат и се трудам да ги направам. Ретко слушам музика додека возам (учам,правам трикови), освен кога одам од едно место на друго, тогаш обожавам да слушам рок.

А за предностите и недостатоците на возење велосипед во овој град, вели:


- Во врска со возење класичен велосипед не можам многу да кажам, затоа што одамна не возам таков. Како што гледам, велосипедската патека на кеј е полна, особено во лето, што значи дека на луѓето им се допаѓа да возат таму. Недостаток е тоа што освен на таа патека, на сите други места и не е баш пријатно да се вози, затоа што ретко кој пешак почитува обележана велосипедска патека, а да не зборувам за возење по улица. Во врска со BMX-oт, се вози насекаде низ Скопје, има многу места. Има и два скејт парка, од кои едниот е прилично нов и е одличен за учење нови трикови и подобрување на веќе научените – ни откри Филип.

Филмано

-Велосипед возам од дете. Првото возење без помошни тркалца ми беше во Карпош 4, на паркингот пред зграда, кај кафеаната „Чичо". Тоа беше пред да заминам за Лондон. Велосипедот беше бел dino bmx, со зелен бандаж (се смее) – се присети и Филмано на својот прв велосипед.

Филмано

Но, кога е естетиката на велосипедот во прашање, тој и денес држи до неа. Шарен и во неонски бои, нема кој не би го забележал неговиот велосипед и би си посакал еден таков.

Љубовта што започна од детска возраст, трае и денес. Во лежерни маички и панталони, Филмано стасува до сите дестинации низ градов со неговиот велосипед.

Иако се соочува со истите проблеми што и другите соговорници ги посочија, тој и понатаму смета дека возењето велосипед е вистинска работа, која би требало да ја практикуваат сите.

Објавено:
17 јули 2015
Категорија: 
Стории
Прочитано:
4.789 пати