„Ме задеваа на училиште бидејќи имав алопеција“

19 октомври 2018

Не толку одамна, една пријателка ми раскажа приказна на нејзина познаничка што оттогаш ме гони речиси секојдневно, особено поради тоа што не можам да го најдам вистинскиот начин да понудам помош.

Имено, на нејзиното мало девојче кое штотуку почнало да оди на училиште, ненадејно му била дијагностицирана алопеција или опаѓање на косата поради „икс“ причини и за многу кратко време промените биле и повеќе од видливи.

Фото: Tes

Очекувано, истите ги забележале и нејзините другарчиња во училиште кои наместо да ѝ пружат поддршка, тие секојдневно почнале да и се обраќаат со погрдни зборови и да ја исмеваат што довело до сериозна емоционална состојба кај девојчето.

По само неколку дена, таа повеќе не сакала да оди на училиште и нејзината мајка била присилена да ја отпише и да бара начин како нејзината ќерка да го продолжи образованието без да биде повредена.

Неколку дена по оваа информација, дознав и дека братучед ми, кој инаку има аутизам, бил приморан да го напушти училиштето бидејќи неговата „дијагноза“ не била добро прифатена од останатите деца во училиштето кое патем, не е специјализирано за аутизам, бидејќи такви и нема, но сепак, тоа дете мора да се образува некаде.

Фото: Mashable

Ако барем еднаш во денот ги „листате“ социјалните мрежи, најверојатно сте го погледнале и видеото поставено од еден татко на кое се гледа како неговата ќерка се справува со панични напади и тешко дишење поради тоа што нејзините соученици повеќе од шест недели ја малтретирале психички.

Откако тој направил сè што е во негова моќ и се обратил до сите повикани во училиштето, решил да ја искористи моќта на социјалните мрежи за таа да може да биде префрлена во друг клас како што и самата посакала, што на крај и се случило благодарение на видеото поставено на Фејсбук.

 

Ова се само мал дел од приказните кои се случуваат сè повеќе на дневно ниво, а ние знаеме многу малку за нив.

Помислив дека единствено нешто што можам да направам е да ви ги раскажам нивните приказни како нешто на што мора да поработиме. Ако имате дечиња, задолжително секојдневно говорете им да ги сакаат сите, без разлика што можеби се поразлични од нас.

Не кажувајте им дека тие се болни, туку дека можеби им треба малку повеќе внимание и работа за да можат да нè разберат и да ги прават истите работи што и ние. Организирајте средби, на кои иако ќе биде тешко, тие ќе уживаат во меѓусебното дружење.

Ако ве прашаат зошто некое дете е поинакво, седнете и добро објаснете им ја причината и научете го да го сака подеднакво како што ги сака сите останати. Научете го дека треба да му помогне ако има проблеми со учењето, ако му е потешко да разбере, да му посвети повеќе внимание, ако му треба разговор, да одвои време.

Фото: The |Conversation

Она што е од исклучителна важност во овие ситуации е тоа што учителите постојано треба да работат со децата на овие теми, бидејќи и тие, како и родителите се подеднакво важни во животот и развојот на децата.

Научете ги дека никогаш не треба да ги избегнуваат и дека не е во ред да го задржуваат погледот на детето кое носи марама или кое изгледа поинаку од нив. Научете ги дека тоа се силни деца подеднакво сакани како и тие, кои мора да се изборат со нешто, а за тоа им треба малку помош.

Ова видео е класичен пример на задевање во училиште поради некои причини кои само на децата им се јасни и истото задолжително треба да биде пуштено на секој час за децата да видат со што се соочуваат сите оние од другата страна и колку тоа знае да биде стресно и со сигурни последици.

Денеска, одвојте време и покажете им го на вашите деца за да знаат дека никогаш не смеат никого да исмеваат и дека треба да бидат полни љубов и разбирање, дури и за оние кои се малку поразлични од нив.

Објавено:
19 октомври 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
791 пати