Ми го коментираа телото на плажа, ова е мојот одговор...

20 јули 2016

„Можете ли да судите за нечие здравје врз основа на тоа колку е некој крупен или има облини?“, прашува Никол Јанковски.

Таа се појавила на плажа, во издание што не отскокнува од другите, но бидејќи спаѓа во оние од „плус сајз“ групата, добила коментар од една девојка во однос на нејзиното тело, што ја инспирирало да го напише текстот што го пренесуваме во продолжение:

„Стојам во кујната, моите дебели бутини се тријат под здолништето, додека јас полека го растегнувам тестото за пица. Тоа е спакувано во пластично пакување, од оние „готви дома“ кутии за оброци и програми – оние што ги пробуваш бидејќи имаш купони за гратиси цела недела и потоа плаќаш за уште неколку недели, бидејќи забораваш да ја откажеш услугата.

Оброците што ги нарачав од оваа услуга се означени како „здрави“ и „вегетаријански“, што во случај да не знаевте, не се синоними. Тоа го знам бидејќи јас од неодамна сум вегетаријанец, кој тежнее да биде здрав конзумент, што бев порано, но повторното усогласување е тешко.

Сакам да бидам „здрава“. Се трудам да бидам „здрава“.

Не јадам многу месо, но јадам многу сирење и прокељ. И спанаќ. Ги читам табелите со состав. Лебот го ставам на страна, штом првиот збор од делот состојки е „збогатено со...“. Секое утро пијам зелен чај. Во блендер си правам напиток со чија и ленено семе. Ми се допаѓа тој вкус и текстура. Зеленото. Така имам чувство дека антиоксидансите ми течат низ вени.

Секако, јадам и десерт. Сите знаат дека нема многу месо во десерт. А јас навистина сакам десерт.

Ако сте веќе во таков фазон, тогаш можете да ми судите за тоа колку јадам благо и тоа по начинот на кој моите нозе се тријат. Можете да ми судите колку сакам бри сирење по тоа колку многу ми се дебели рацете во горниот дел, она што го викаат „свадбарки“, што како што се движат, викаат „здраво“. Можете да ми судите за секој дел од мене што ќе го видите, ако е тоа тоа со што се занимавате.

Ако тоа е тоа што ви се допаѓа, тогаш јас нема да судам.

Но, што е со спанаќот? И смудито? Дали ги гледате житариците во очите, или лебот во грбот? Или шунката?

Некои ќе кажат, не е изгледот во прашање. Загрижени сме за твоето здравје.

Но, навистина, можете ли да судите колку една жена е здрава по нејзините нозе, облини или колкови?

Дали тоа што сум 42, 44 или 46-ка, навистина значи дека деновите ми се одброени? Дали е тоа единствениот одговор што е важен? Тие што сакаат да судат изгледа моето здравје можат многу повеќе да го проценат од бројот на мојот костим за капење, отколку од бројот на документи што ги имам од матичниот лекар. Тие веруваат дека мерката на една здрава жена е обимот на нејзините бутни. Заборавете ја науката. Заборавете ги бројките. Докторите. Модерната убавина е тоа за што треба да се грижиме. Тоа ми кажува сѐ што треба да знам за модерната жена.

Ако сте од оние што судат врз основа на она што ќе го видат, тогаш не сте мој тип воопшто. Тогаш, јас сум загрижена за вашето здравје. Не за тоа како изгледате. Но, всушност да. Се работи за тоа како ВИЕ ме гледате МЕНЕ. Во фустан, кога пеам караоке. Во удобни панталони, кога нарачувам шпагети. Во костимот за капење, мојот прекрасен костим за капење, во океанот.

Кога ме гледате, она што не го гледате е:

Јас сум силна. Можам да научам осумгодишно девојче да вози велосипед во едно саботно попладне, можам да носам шест кеси полни со намирници одеднаш.

Мозокот ми е снабден со ленени семиња и понекогаш чоколадни кроасани – и пишува есеи за љубов, секс и кожа, љубезност, облека, тинејџери и зависности, за смртта и благодарноста.

Понекогаш бутините ми се тријат додека развлекувам пица.

Понекогаш јас сум единствената дома што е доволно силна да отвори тегла.

Еднаш пренесов кревет преку два типа скали, сама.

Не можете да ги најдете тие неопипливи работи, во јазолот од месо над моите колена. Па, затоа и не се важни.

Еве што е важно:

Додека чекорев по плажата, девојката што поминуваше покрај мене прошепоти: „Ми се допаѓа костимот за капење што го носи дебелата девојка“.

Пливав многу далеку, каде звукот на брановите ќе го удават гласот на девојката.

Потоа, допливав назад.

Јас сум дебела девојка во зелен костим за капење. Смарагдно зелената е спротивна на мојот порцелански тен.

„Овој костим за капење го прават само за дебели девојки“ ѝ реков тивко на девојката, додека одев до моето место во песокот. И нејзиното лице стана црвено, но сепак, ѝ се насмевнав љубезно. Можеби не знаеше дека можам да ја слушнам. Или можеби не го мислеше тоа со презир и потсмев.

Ѝ се насмевнав.

Понекогаш вистинската мерка на моите зборови, прекрасната мерка на мојот стил, растечката мерка на мојата сила и мојот карактер е далеку поголема од било која големина на моите колкови.

Ако некој е заинтересиран да суди за тоа.“

Објавено:
20 јули 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
8.360 пати