Модна и културолошка револуција на здолништето

26 декември 2014

Мини здолништата не се никаков новитет доколку се направи ретроспектива од античко време, но сепак различните културолошки феномени, наметнувале правила на однесување и дрес код, во однос на временските интервали низ историјата. Сепак прогресот во однос на либерализацијата од денешен аспект, се гледа како политички настан, кој означува знак на зрелост и независност на жената, која претходно била заробена во стегите на наметнатите закони како домаќинка, жена и мајка, која е подредена во однос на мажот.

На почетокот беше...

Трагајќи по докази од егзистирањето на минатите цивилизации, археолозите во Европа во села кои биле сместени високо на планините, нашле антички фигури кои потекнуваат од 5400 – 4700 година пред нашата евра. Интересно е што женските фигури биле претставени во мини здолништата, кои секако не наликувале на моделите од шеесеттите години. Исто така, познато е дека во древен Египет, женските танчарки носеле мини здолништа изработени од памук.

t

Мини здолништата на почетокот на XX век

Мини здолништето постои уште од самите почетоци на цивилизацијата, но како што напоменавме на самиот почеток во зависност од временската доба, ја менува својата форма и културолошкото значење. На почетокот на 1800 –тата година, жените се сметале како слаб и ранлив пол, па токму затоа политичките и бизнис активности се сметале како домен за мажите, а жените кои носеле здолништа и тесни корсети, влијаеле во насока на промена на овие гледишта. Упорноста за пронаоѓање на свое место под сонцето, започнала да покажува резултати на почетокот на дваесеттите години од минатиот век, кога ИН бил флапер стилот, андроген стил, кој ја истакнувал женственоста кај припадничките на понежниот пол. За ваквиот тренд заслужна е модната куќа Кристијан Диор, чија цел била да покаже зрелост, но и софистицираност кај жените.

Револуционерни промени во шеесеттите години

Пред 1960-тата година, од ќерките се очекувало да го копираат стилот на своите мајки, па дури и семејните фотографии покажуваат апсолутна идентичност во однос на изгледот. Англискиот дизајнер Сели Туфин истакнала – „Во тоа време немаше посебна линија на облека само за тинејџерките. Тие изгледаа исто како нивните мајки“. Сепак по 1960-тата година, младите почнуваат да се борат против двојните хипокритски стандарди. Младите политичари ја искористија оваа основа за градење на кариера и собирање на голем број истомисленици, тренд кој од друга страна резултира со развој на нова модна линија.

Развој на феминистичко движење

Оваа појава влијае директно во создавање на сосема поинакви модни стандарди за девојките. Бети Фридман во The Feminine Mystique објавува дека припадничките на понежниот пол, се спремни да истражуваат сосема поинакви улоги, односно се зголемува заинтересираноста за запишување на факултети, барање на високи работни функции и можеби највлијателно е пронаоѓањето на пилули против несакана бременост. Токму оваа појава, придонесува жените да станат апсолутни доминантни во сите сфери, истакнувајќи ја својата слобода, сексуалност и моќ, преку изборот на облека, а во преден план на мини здолништето.

Мајката на мини здолништето – Мери Квант

Британската дизајнерка Мери Кант во 1955 година го отвори својот бутик Bazaar и започнува да ги менува до тогаш утврдените модни правила според француската мода. Всушност таа е дамата која направи модна револуција откако во 1965 година лансираше здолништа кои беа за неколку сантиметри пократки од здолништата до глужд. Од тука започнува и трендот на мини здолништа, име добиено по името на нејзиниот омилен автомобил Мини.

Господарот на мини здолништето – Андре Куреж

Примарно Квант е најголем „виновник“ за мини здолништата во Англија, но во Франција дизајнерот Андре Куреж, успева да создаде линија на здолништа кои со футуристичкиот дизајн, конкурираат во однос на правилата на облекување според утврдената Висока мода. Иако долги години траеше дебатата околу тоа дали Куреж или Квант влијаеле во еманципацијата на младината за промена на модните тенденции, сепак и двајцата имаат заслуга за лансирањето на ова парче, на улиците на светските метрополи.

Интернационален тренд

Во 1965 година, моделот Џејн Шримптон на Мелбурн Куп Карневал се појавува облечена во мини здолниште, без хулахопки, капа и ракавици. Иако на настанот голем број дами кои го негуваат конзервативниот стил на облекување покажале негодување околу нејзиниот изглед, сепак нејзината појава предизвика здолништето да стане интернационален тренд во голем број земји. Исто така, се менува и изборот на модни додатоци и чевли кои се комбинираат со ова парче, особено високите чизми со изразени патенти.

Лолита изглед

Не е ни чудно што овој изглед се сметал како основа за развој на педофилските движења. Девојките сакале да прават микс на невиниот, школски изглед во комбинација со изразената сексуалност, токму преку изборот на мини здолништето. Ваквиот тренд бил актуелен кај девојките на возраст од 15 до 20 години. Најпознат модел била Твиги, чија појава влијаела во стапувањето на сцена на андрогениот, слаб изглед на девојките и нагласување на трепките на очите.

Кон крајот на шеесеттите години трендот на мини здолниште паѓа во сенка на хипи движењето кое се развива со започнувањето на Виетнамската војна. Во тој период на сцена доаѓаат макси здолништата и бохо трендот.

Панк движење

Во седумдесеттите години доаѓа до драстична промена со појавувањето на панкот и влијанието на дизајнерката Вивиен Вествуд и музичарот, артист и дизајнер Малколм Мекларен, кои лансираа парчиња облека кои беа всушност контрадикторност на поставените модни норми. Односно на сцена стапија кожените и PVC здолништа, а стилот на рок сензацијата Деби Хери (Блонди) се смета како инспирација за голем број девојки, кои ја ставија сексуалноста во преден план.

Реинкарнација на здолништата во осумдесеттите и деведесеттите години

Период на драстични промени во однос на статусот на жената во бизнис сферата. Ова е период кога феминистичките движења повторно се актуелни, продирајќи во сите аспекти од деловното живеење. Жените повторно почнаа да носат здолништа, но во софистицирана верзија, со истакнување на женственоста. Овој тренд беше особено актуелен кај дамите кои предност и даваа на кариерата, во однос на улогата на домаќинка.

Ставовите ширум светот

Самата актуелност на овој тренд во западните земји сепак не беше прифатено во останатите делови во светот, особено во Африка и радикалните муслимански земји. Пример, во Танзанија во 1968-та година, девојка беше каменувана до смрт поради носењето на кратко и тесно мини здолниште. Ова предизвика големи политички дебати, на кои меѓу другото се истакнуваше дека токму ваквиот тренд, влијае директно во ширењето на СИДАТА. Исто така, во 2009-тата година, во Санкт Петербурк, маж муслиман ангажирал член од мафија да ја убие неговата 21 годишна ќерка, која носела мини здолништа. Тој му платил на убиецот 3000 долари, а подоцна истиот ја киднапирал девојката и и пукал во главата.

Во денешни рамки, тешко е да се негира влијанието на ова парче како на модната сцена, така и на улиците низ метрополите. Дури и компаниите го користат мини здолништето во лансирањето на рекламни кампањи, како што е примерот со моделот на мобилен телефон од Самсунг - Miniskirt Season 2, посветен на девојките кои обожуваат да зборуваат, танцуваат и кои се заљубени. Од друга страна, ова наметнува правење дистинкција помеѓу она што е нормално и привлечно, за разлика од вулгарниот и евтин изглед.

Денешните девојки за сметка на актуелноста и привлекувањето внимание жртвуваат да бидат таргетирани по сосема ниска основа, поради претераната голотија. Сепак, колку и да е привлечен овој тренд, неопходно е да се остави доза мистичност во изгледот, по која останатите ќе трагаат, а не бесплатна визуелизација на интимата.

Всушност прекратката должина ни најмалку не е синоним за ова парче, туку напротив преминува во вулгарен епилог од одредени индивидуи, кои очигледно имаат недостаток во однос на самодовербата, но и недоволна едукација за почитување на нормални и морални вредности.  Исто така, особено на младите девојки им се препорачува внимателност во изборот на ова парче кое ќе одговара со телесната форма, но и поводот за кој се носи. Модната револуција и убавината на мини здолништето во денешни рамки означува смелост при комплетирање на изгледот, а модните куќи нудат голем избор на овој модел, во однос на изборот на материјали, бои, крој и форма.  Освежете го изгледот со ново мини здолниште за претстојните празници, но сепак со соодветна должина која нема да ја премине границата на нормалата. Не ја потценувајте моќта на жената, особено кога е во мини здолниште!

Објавено:
26 декември 2014
Категорија: 
Стории