Модни совети за избор на облека за вашето бебе

9 октомври 2013

 

И детската облека има голем дел од модната индустрија, затоа  решивме да им отстапиме простор и краток моден осврт на најмалите и најмилите- бебињата. И тие иако мали и неодоливи, кревки и зависни од своите родители, сепак сакале или не, на себе често ги имаат последните модни трендови. Луј Витон, Долче и Габана, Диор, H&M се само дел од брендовите кои имаат линии колекции посветени токму на бебињата. Изборот е навистина голем, а моделите посакувани, благодарение на креативниот моден склоп на дизајнерите кои се трудат со секоја наредна сезона во своите колекции да вметнат  уште поневообичаени форми, кроеви, материјали, бои и нијанси, се со цел да ги задоволат вкусовите, желбите и потребите на родителите кои пак обожаваат да ги дотеруваат своите најмили.

 

 

Со малку истражување не само што една цела галерија на фотографии на бебешки модели кои  се актуелни сега за оваа зима но и за летниот период, ќе ви понудиме и неколку совети како да го одберете вистинското парче гардероба за вашето бебе, а тоа повторно да биде, модерно, слатко и неодоливо.

 

 

Како прво, секогаш на вашето бебе купувајте му облека која е изработена од меки и памучни материјали, гледајте да не е многу накитена, бидејќи бебето е мало и може да голтне некој украс, монистра, бисери, копче или слично. Може да му купите бемкица во некој интересен дезен, во форма на костим од супер херој или пак на неа да испринтате некоја шик апликација. Комбинирајте го тоа со штосни панталончиња или здолниште, капче, шалче или марама.  Вашето бебе ќе изгледа преслатко, а вие ќе имате една грижа помалку.

 

 

Како втор совет да ги посочиме пластифицираните и метални украси на облеката. Не се пожелни, барем додека вашето бебе не потпорасне малку. Пластифицираните апликации и дезени треба да се избегнуваат од проста причина што бебето кога е мало сака да јаде и гриза се што му е на дофат бидејќи му растат заби и тие наоѓаат се што можат да фатат за да си намалат чешањето на непцата.

 

 

Трет совет во градење на моден идентитет кај вашето бебе е изборот на бои, нијанси и тонови. Розовата за девојчиња, сина за момчиња, избор кој е чиста класика, но сепак потрудете се вашето дете да не изгледа постојано како лоша имитација на барби кукла или како полицаец или пожарникар. Процесот е ист како кога и вие како мајка или татко се облекувате, пробајте да комбинирате интересни бои и дезени, направете ваше дете да изгледа интересно, модерно и поинаку од другите, дозволено ви е дури и да го облечете како мини копија на вас. Бидете креативни, следете ги тенденциите на интернет и идејата ќе ви дојде сама по себе.

 

 

Е сега, како надоврзување на претходните совети, да ви посочиме и на фактот дека секогаш кога одбирате облека за вашето дете, освен што треба да внимавате на материјалот и модните украси, треба тој модел кој ќе го одберете да му биде комотен на вашето дете. Не смее бебето да се чувствува неудобно во она што го носи, бидејќи ќе си имате проблем, тоа ќе биде постојано расплакано, а вас ќе ви се уништи денот. Затоа не правете кловнови и евтини копии на кукли кои може да ги видите и на интернет и по списанија, туку тргнете пред се од себе и вашата фантазија за доловување на естетската убавина на вистински модерното бебе. Само тогаш ќе имате вистински успешен резултат, модерно бебе кое ќе се чувствува удобно и среќно во тоа што го носи.

 

 

За крај ни остана само да посочиме и на финансискиот аспект од целава приказна. Реално за да имате модерно дете и да го облечете од глава до пети во некоја штосна тренди комбинација ви требаат пари. Без разлика дали можете да си го дозволите тој луксуз или не, наш совет е да не му купувате многу облека на вашето бебе. Знаеме дека понекогаш е тешко да се одолее, но сетете се дека тоа расте секој ден и за брзо време ќе ја надрасне облеката за која вие сте фрлиле цело богатство. Затоа одбирајте внимателно и купувајте барем бројче до две поголеми парчиња, за да може вашето бебе подолго време да ужива во вашите модни комбинации.

 

 

Сигурно веќе имате една слика за тоа кои се важните чекори барем кога модниот стил на вашето бебе е во прашање. Во продолжение погледнете ја галеријата од фотографии кои ќе ви помогнат да му направите некоја интересна модна инсталација на вашето најмило:

Објавено:
9 октомври 2013
Категорија: 
Стории