Модниот свет подвоен: Дали модата е уметност?

25 јули 2014

6a011279470c7b28a40120a6777164970c-500wi

Многумина сметаат дека модата претставува само начин на облекување, минлив тренд... Други пак сметаат дека е уметност.

Ако се погледне подобро и задлабочи, зад блескавиот сјај на модата и работата на дизајнерот, се крие сосема нов свет - ништо помалку значаен, ништо помалку инспиративен. Сепак, дали е уметност? Тоа прашање се наметнува уште од дамнина, а мислењата се поделени.

Врската помеѓу модата и уметноста постои одамна и постои на повеќе нивоа. Уметноста е инспирацијаза дизајнерите. Соработките помеѓу дизајнерите и уметниците не се реткост. Исто така, и креациите на дизајнерите може да се сметаат за нов уметнички производ.

Нивото на креативност и слобода на изразување во модниот свет се големи. Потребно е многу време, труд, фантазија, знаење, креативност, визија, експресија и вештина да се направи нешто досега не видено, не направено. Да се предизвика восхит во модниот свет не е лесна задача.

Секој дизајнер кон својата креација се однесува како уметник кон своето дело. Свилата, тантелата или било која друга ткаенина претставуваат бело платно што допрва треба да се обои во визија, емоција... Според тоа, секоја креација е уметничко дело што во себе содржи порака што другите треба да ја видат и да ја интерпретираат на начин на кој што ја доживуваат. Толкувањето е индивидуално согледување и доживување.

Александар Меквин Александар Меквин

Дел од луѓето инволвирани во модниот свет се согласуваат со ова. За други пак, дизајнерите се уметници, но модата не е уметност. Има и такви што сметаат дека модата воопшто не смее да се третира како уметност, особено поради комерцијалниот дел и репродуцирање на оригиналите во брендови како H&M или Macy's - и покрај тоа што во уметноста исто така има комерцијален дел. Користењето уметност во мода е еден од нив.

„Не мислам дека модата е уметност или нејзина форма. Сметам дека некогаш може да изгледа мошне уметнички и ние секогаш сакаме да бидеме креативни, инспиративни и пожелни, но тоа не е уметност“, вели уредничката на Harper's Bazaar, Бејли.

Директорката на Музејот на Институтот за мода и технологија, Валери Стил пак вели: „Многу е тешко да размислувате за модата како уметност, кога луѓе како Лагерфелд и Миуча Прада ви велат дека тоа не е уметност“.

Paper_Sculpture_Fashion_by_hazelB

Дизајнерот Џон Варватос себеси не се смета за уметник, но за модата вели дека е уметност: „Ако креирате и тоа е нешто ново, вие сте нови и ако згора на се' поттикнувате развој, тогаш да, модата е еден облик на уметност“.

Но, има и оние што се некаде „помеѓу“. Еден од нив е ко-основачот и партнер на модната куќа Ив Сен Лоран, Пјер Берг, кој не ја смета модата за уметност, но верува дека некои од најголемите имиња во индустријата се уметници.

Долче и Габана есен-зима 2013 - колекција Мозаик Долче и Габана есен-зима 2013 - колекција Мозаик

„Модата постои само кога жената ја носи. Во сите други случаи е ништо. А тоа не е уметност. Но, Ив Сен Лоран беше уметник, Баленсијага исто така, Шанел, Кристијан Диор. Скиапарели беше уметник. Модата не е уметност“.

Лагерфелд во 2008 година за Њујорк Тајмс ги одвои работите: „Уметност е уметност. Мода е мода. Како и да е, Енди Ворхол докажа дека тие можат да постојат заедно“.

Енди Ворхол - насловна за Harper's Bazaar Енди Ворхол - насловна за Harper's Bazaar 1940-та

А ако се погледне малку наназад, сепак има показатели дека модата и уметноста се во нераскинлива врска. Првите три децении од 20-тиот век насловните страни на Вог претставуваа илустрации од големи уметници како Салвадор Дали, Едуардо Гарсија Бенито... Една од најраните илустрации на Салвадор Дали за Вог е онаа од април 1944 година. Уметникот ги користеше своите препознатливи елементи, од отворена и нагласена перспектива, до слики на камења, инсекти...

Салвадор Дали за Вог, април 1944 година Салвадор Дали за Вог, април 1944 година

Многу дизајнери инспирацијата ја црпат токму од познатите сликари и нивните дела, а сведоци сме и на бројни музеи, создадени токму благодарени на модата и дизајнерите кои со текот на времето станаа култни. Можеме слободно да кажеме дека модата во голем дел се угледа на уметничките правци, станувајќи на крајот сама по себе уметност.

Популарната слика на Кис Густав Климт како инспирација за насловната на Harper's Bazaar во 2002 година Популарната слика на Кис Густав Климт како инспирација за насловната на Harper's Bazaar во 2002 година

Од најпознатите слики и склулптури па се до постери и улични графити, модата секогаш ќе најде начин како да ја оживи уметничката историја. Долче и Габана за последната колекција за лето 2014 година, инспирацијата ја пронаоѓаат во древна Сицилија и во храмовите на античка Грција. Симболите, класичната архитектура и декорациите на сицилијанската керамика јасно можат да се видат на принтовите присутни во оваа колекција.

Долче и Габана пролет -лето 2014 Долче и Габана пролет -лето 2014

Долче и Габана пролет -лето 2014 Долче и Габана пролет -лето 2014

Од друга страна, иако Миуча Прада смета дека уметноста не е мода, ја црпи како инспирација  и забележителна е нејзината наклонетост  кон Поп Арт-от. Колекцијата за актуелната сезона е инспирирана од графини и мурали, што претставуваат интересен сој на бои и облици. Диего Луна, мексикански уметник, специјалист за мурали и слики  на ѕидови, остави силен впечаток на Прада, која најде одличен начин да го вклопи тоа во својата колекција.

Прада пролет-лето 2014 Прада пролет-лето 2014

Прада пролет-лето 2014 Прада пролет-лето 2014

Уметноста е инспирација за модата, за да се создаде сосема нова уметност. Во светот на модата многу е важно да постои ослободување од сите предрасуди, за да потоа се биде во можност да се ужива во потполност. Коко Шанел, одамна дојде до ист заклучок - модата не ја доживуваше исклучиво како нешто што можете да го облечете, туку и како идеологија на животот. За да бидете незаменливи, мора да бидете поинакви.

Роберто Кавали Роберто Кавали

Модата дава можност за чувство на слобода, креативност, за комбинирање на материјал, боја и стилови. Преку модата имаме можност да изразиме дел од себе, а да понесеме и едно уметничко дело.

Ана Суо во колекцијата за 2013 ја наоѓа инспирацијата за принтовите во модернизмот Ана Суо во колекцијата за 2013 ја наоѓа инспирацијата за принтовите во модернизмот

А одговорот на прашањето поставено уште на почетокот, според се', повторно е дел од нашата перцепција и размислување. Исто како и модата. Исто како и толкувањето на уметноста.

Без оглед како перцепирате, едно е сигурно - поврзаноста ќе трае и понатаму.

Објавено:
25 јули 2014
Категорија: 
Стории