Приказни од градот

Моја фитнес мама: „Маратон со бебе“ ми помогна за шест месеци да ги вратам килограмите

13 август 2019

Од први до седми август се одбележа Светската недела на доењето, па по тој повод, сакавме да ви презентираме една успешна приказна на прекрасна мајка која е пример за истрајност. На социјалните мрежи ја препознаваат како Моја Фитнес Мама, а нејзиното име е Мери Амбросова.

Таа и нејзината ќеркичка Марта се дефинитивно двојка што мора да ја следите, со секојдневни инспиративни приказни, игри, рецепти, вежби...Покрај другото, Мери е супер инспиративен тренер за постпородилно вежбање, а благодарение на нејзината програма наречена „Маратон со бебе“, многу мајки на здрав начин успеаја да ги симнат килограмите.

Разговорот со Мери го започнавме со прашањето како да се истрае во прекрасниот, но тежок период наречен доење...

-Додека стигнам до прекрасен период, навистина требаше време. На почетокот бев малку неупатена и направив неколку грешки за кои потоа малку се помачивме со Марта додека се стабилизираме и усогласиме околу доењето. Се навикнавме на адаптирано млеко и никако не сакавме да го оставиме.  Од друга страна, јас немав доволно млеко и градите ме болеа. Барав  начин како да ја зголемам лактацијата, пробував со чести и долги подои, никогаш не гледав колку траат и на колку време и давам. Пробав и со храна за која се смета дека стимулира надоаѓање млеко, пиев и чај за доилки, но некако се беше безнадежно. На крај, спасот го најдов кај една блогерка која ги препорачуваше апчињата за доење кои во Македонија се викаат Лактил и ги земав нив и за ден ипол се усогласивме со доењето. Во оваа приказна почнав да уживам после вториот месец, а целото мое искуство го има на мојата веб страна www.mojafitnessmama.com и на мојот Youtube канал. Бидејќи многу научив од блогерки мајки во Русија и Србија, решив да отворам профил за мајки во Македонија, од таму е и идејата. Пред јас да го отворам блогот, немаше македонски блог/инстаграм профил каде мајка споделува искуства.  

Мери е позната и по нејзината онлајн програма „Маратон со бебе“ во која досега имаат учествувано околу 150 мајки со успешни приказни зад себе.

-„Маратон со бебе“ е програма која мене лично ми помогна конечно да почнам да симнувам килограми. Посетував курс за фитнес тренер со акцент на постпородилно вежбање и курс  за вежби со бебе. Во еден „Маратон“ има вклучено исхрана/мени со рецепти од нутриционист, вежби за мајки кои имаат дијастаза поголема од  1.5 прст. Ова е многу битно бидејќи доколку вежбаат стандардни вежби за стомак, можат да си направат проблем со кичмата. Добиваат совети околу исхраната за понатаму, од мене совети за брзо вовлекување на стомак. Можат да ме прашаат сѐ во врска со вежбање и исхрана, сето мое искуство се пренесува и секој проблем со кој  се соочуваат го решаваме и им давам насоки зошто истиот настанал и како да се справат. Досега се одржаа шест „Маратони“ во кои вежбаа околу 150 мајки. Сме намалувале дијастаза од 3.5 прсти и за недела ипол сме стигнувале до 1.5 прст. Сме симнувале и до -7 кг и -15 цм околу стомак. Но, сѐ зависи од организмот на мајката и со колку вишок килограми стартува, сѐ е индивидуално но кај секој има резултат.  Маратонот не е само за мајки, туку и за девојки, може да се вежба и со тегови. Се стекнува една убава и здрава навика околу исхраната, се зацврстува целото тело, слабеат деловите каде има вишок. Се чуствувате полесно, посилно и посамоуверено. Конкретно јас, по три маратона и шест месеци ги вратив килограмите од пред бременоста и добив тело подобро од претходно.

Покрај тоа што е инструктор за постпородилно вежбање, Мери е дипломиран економист, шминкерка, кошаркарска судијка...Таа нѝ откри што од ова најмногу ја исполнува.

-Сега моментално водење на Инстаграм профилот, мотивирање, поддржување на мајките,  подготовка и организација на програмите за вежбање. Тука се вклучуваат сите мои вештини кои сум ги стекнала претходно. Да водиш Инстаграм профил може звучи и изгледа лесно, но не е. Сам организираш, постираш, обработуваш, смислуваш содржини, враќаш на пораки, пратиш трендови, треба да си и економист и маркетинг и организатор и пред сѐ, да си човек, искрен, спремен да помогнеш, да го надминеш туѓото мислење, да научиш да не критикуваш и осудуваш, секоја вештина, професионална и карактерна, е плус за да успееш да го развиваш профилот.

Мери е пример за тоа дека ако добро се организираш, може да постигнеш сѐ што ќе замислиш, а од особена важност е да се најде време за да се посветиме малку и на себе.

-Искрено, првите три до шест месеци, кога бебето е 100 проценти зависно од мајката, таа и нема време за вежбање, доколку некој не и помага околу домаќинството. Јас не препорачувам почнување со вежбање по цена запоставување на бебето. Тој период треба максимално да му се посветиме на него и доколку имаме можност да почнеме со вежбање. Јас почнав некаде третиот месец кога сфатив дека јас сама морам да се потрудам да најдам време за вежбање. Тогаш Марта стана посамостојна и јас почнав да вежбам. Немањето време по шестиот месец не е изговор. Времето сами го организираме, совршена прилика нема да се појави.

Инаку, Мери е со потекло од Македонија, но љубовта ја одведе во Киев каде денеска живее со сопругот и едногодишната ќеркичка Марта. Преселбата и раѓањето на Марта барале брзо осамостојување и добра организација.

-Откако се роди Марта почнав повеќе да си го ценам времето, да не мислам на минатото, да можам да се изборам за нас, да уживам во моментите. Од една страна поради Марта престанав со многу активности, но од друга страна настана „Моја Фитнес Мама“ во што навистина уживам, како и „МАРАТОН СО БЕБЕ“ на што навистина се радувам и сум горда што македонските мајки изразија интерес и доверба во него.

Фотографии: Приватна архива

Објавено:
13 август 2019
Категорија: 
Стории
Прочитано:
2.537 пати