Мовембер: Што е маж без мустаќи?

4 ноември 2014

Што е маж без мустаќи? -   е легендарна реченица, за тоа дека мустаќите се знак на мажественост. Но, само 10 проценти од жените сметаат дека мустаќите се секси. Просечен маж на своето лице има околу 30.000 влакна, а на бричење троши околу 3.350 часови во животот, велат статистиките. Мустаќите и брадата се прашање на личен стил, а во голема мерка зависат и од трендовите. Ноември пак, е единствениот месец посветен на мажите со мустаќи, кој воедно има и поважна, хумана цел.

Мажите, оние позрелите мислат дека мустаќите се важен украс кој им дава доза на сериозност, мажевност, а имаат влијание и врз жените. Дури и современите биолози се согласуваат со претпоставката и заклучуваат дека постојат докази што говорат дека жените повеќе ги привлекуваат мажите со брада. Но, голем број од жените не би се согласил со тоа. Некои таквиот имиџ го сметаат за неуреден. Според истражувањата само 10 проценти од жените сметаат дека мустаќите се многу секси, а 55 се одлучуваат за брада, додека мазна кожа сакаат 35 проценти.

Мустаќите низ историјата имаат различни значења. Висока општествена положба, мудрост и високо развиена сексуалност им се припишувала на мустаќите. Во стара Грција, брадата била симбол на машкост, а Спартанците го казнувале кукавичлукот со бричење на делови од брадата. Во ирското нардоно предание, постојат приказни дека мажот, доколку и' дозволи на жената да му ги избричи брадата и мустаќите, ќе ги изгуби потенцијата и плодноста. Во многу култури се сметало дека мажот е помажествен ако неговата брада е подолга, истражувањата покажуваат дека брадата расте побрзо во периодите кога мажот е сексуално активен.

Во некои арапски земји, една од „посилните“ клетви е да проколнуваш нечии мустаќи. Мустаќите во комбинација со брада биле главна одлика на философите, како и карактеристика на речиси сите богови. Зевс, Посејдон, Тор - сите имаат брада и мустаќи. Големите војсководци и владетели биле незамисливи без мустаќи. Првиот што го прекинал таквиот тренд бил Александар Македонски, кој на својата војска и' наредил да се бричи пред секоја битка, за непријателите да не ги влечат и кубат за брадите.

Но, и покрај се, мустаќите преживеаја! Па дури и ликовите од цртаните филмов носат мустаќи - Астерикс и Обеликс, Супер Марио, Капетан Кука се само некои од нив, најчесто создадени од страна на Волт Дизни, кој исто така ги негувал и своите мустаќи. Овој тренд е актуелен и кај актерите и уметниците. Чарли Чаплин ги прослави мустаќите во филмската индустрија. Многу слични на оние на Чаплин носеше и Хитлер.

„Несредените“ мустаќи на Барт Рејнолдс го направија неодолив кај жените, а и женствените мустаќи на Кларк Гејбл немаа ништо помалку успешен ефект, и кај жените и во кариерата. Шон Конери во улога на Бонд шармираше со своите мустаќи. И на Шекспир, Ниче, Ернест Хемингвеј мустаќите им беа главен заштитен знак.Сепак, од сите нив, на врвот на листата за најпознати мустаќи дефинитивно се наоѓа Салвадор Дали. Својата упорност при негувањето на мустаќите ја опиша и во сопствената книга посветена токму ним. Интернет сајтот MSN Him спроведе избор за најубав мустаќ и во конкуренцијата од 14.000 машки кандидати, а првото место секако му припадна на Дали, а второто на Халк Хоган.

За сите почитувачи на мустаќ и брада, во германскиот град Лајнфелден-Ехтердинген покрај Штудгарт од 1990-тата година постои натпревар за најубави мустаќи и брада на светско ниво. На него редовно учествуваат преку 300 мажи кои се фалат со своите мустаќ-креации.

Ако сте маж и одлучивте дека сакате да учествувате во акцијата Мовембер, за да го дадете својот придонес во борбата против ракот на простатата и другите облици и болести, потребно е да се регистрирате на службената интернет страница на Мовембер со уредно избричено лице, а после тоа да ги оставите мустаќите и брадата да ви растат месец дена. Ако не ви е ни тоа доволно, може да ве мотивира податокот на американскиот финансиски сервис Quicken и Американскиот институт за мустаќи, од истражувањето спроведено на 2000 мажи со брада, мустаќи и оние без нив, а гласи дека мажите со мустаќи заработуваат 8,2 % повеќе од оние со брада и 4,3 % од оние сосема избричените.

Но, некогаш и жените носеле мустаќи. Во текот на Првата и Втората династија на древниот Египет, брадите и мустаќите биле дел и од женскиот изглед. Биле лажни и најчесто направени од злато. Вистински мустаќи имаше легендарната Фрида Кало, која со задоволство ги покажуваше и во јавноста и во нејзините дела, заедно со споените веѓи. Тој тренд подоцна се обидоа да го следат уште некои жени уметници, но не така успешно како Фрида.

Мовембер започна уште од 2003-та година во Австралија, а сега е распространет во 21 земја, меѓу кои и Македонија. Сите оние што сакаат да бидат дел од оваа акција, можат да го сторат тоа со донација, која, како што е наведено и погоре, ќе биде наменета во медицински цели. Може да учествуваат и мажите или Мо браќата, но и жените или Мо сестрите. За каков и начин да се одлучите да го поддржите Мовембер и оваа акција, важно е дека Мовебер живее, а се надеваме дека така и ќе остане.

Објавено:
4 ноември 2014
Категорија: 
Стории