Катерина Љамова Богоевска

My Macedonian Home: Домот е место што треба да ја раскажува вашата приказна

17 септември 2019

Инстаграм профилот на Катерина Љамова Богоевска е дефинитивно место што треба секојдневно да го посетувате доколку некогаш ви недостасува инспирација. На профилот со наслов „My Macedonian Home“ ќе најдете фантастични идеи за уредување на домот, бројни интересни содржини, „направи сам“ проекти, како и едно преслатко момченце по име Матео кое е најголемата љубов на Катерина. Разговорот со неа го започнавме со прашањето која е приказната која се крие зад нејзиниот Инстаграм профил на кој денеска има повеќе од 7.000 следбеници.

„Пред да се породам со Матео морав да останам дома скоро еден месец заради претпазливост и воедно морав да лежам. Ми требаше да правам нешто за да си го пополнам слободното време, нешто различно од она што го работев професионално и нешто каде што ќе можам да бидам кретивна. Решив да се посветам повеќе на мојот Инстаграм профил кој веќе беше одличен меѓутоа никогаш до тогаш го немав сфатено сериозно“, вели Катерина.

Иако нејзината основна професија е финансиски аналитичар и не е поврзана со креативното изразување, сепак таа е вистински професионалец кога е уредувањето во прашање.

„Љубовта кон уредувањето не бев ни свесна дека ја имам сѐ додека со сопругот не се вселивме во наш стан. Оттогаш во мене се појави желбата од еден стар стан да создадам дом. И така една по друга се редеа приказни, а денес имаме по една за секој дел од мебелот, за секој апарат, буквално за сѐ што имаме во нашиот дом“, додава Катерина.

 

Она што го потенцира поврзано со домот и е навистина прекрасна изрека е дека секој стан или куќа може да биде дом ако со вас се луѓето што ги сакате.

„Мојот дом е таму каде што ми се сопругот, синчето и мачорот. Нашиот дом е светол, со мебел во бело сива боја и дрвени елементи најблизок до скандинавскиот стил на уредување. Во последно време е многу шарен и хаотичен, а тоа се должи на зголемената љубопитоност на Матео. Домот е место што треба да ја раскажува вашата приказна“, вели таа.

Неодамна нејзиното синче наполни една година, а таа постојано ги радува сите мајки што го следат нејзиниот профил со интересни совети поврзани со мајчинството кое целосно ја променило.

„Ме промени во смисла преиспитување на приоритетите. Научив да кажувам НЕ на другите, научив да си го ценам времето. А од друга страна сум си истата јас како претходно, само побогата за еден тон љубов. На прашањето што е за мене мајчинството немам едноставен одговор. Мајчинството е кога посакуваш денот што побрзо да заврши, а тогаш кога ќе заврши посакуваш никогаш да не завршел. Емотивен ролеркостер. Мајчинството е најубавото патување“, емотивно раскажува Катерина.

Не можевме, а да не ја прашаме како младите мајки да истраат во целиот тој прекрасен хаос, од кој некогаш толку се изморуваш, а сепак уживаш...

„Само ако има љубов се може сѐ. Љубов кон партнерот значи хармонија во домот и во семејството и љубов кон она што го работиш значи дека ќе бидеш среќен секој ден. Бидејки е тешко да се најде работа што искрено ќе ја сакаш, најди си хоби кое ќе го обожаваш. Следното нешто е да научиш да се помириш со хаосот и да уживаш во моментот, свесно да го живееш секој миг, зошто голем дел од животот го поминуваме несвесно и само протрчуваме низ него“, одговара Катерина.

Денеска многу блогерки одлично заработуваат од нивните Инстаграм профили и рекламите што ги постираат на истите, па ја прашавме Катерина како таа го развива профилот и дали е можно да се заработува од ова во Македонија.

„Мојот Инстаграм профил започна како профил за уредување на домот, но продолжи да се развива во лајфстајл профил. Споделувам не само совети и идеи околу уредување на домот туку и убави моменти од нашиот живот, совети за младите семејства, интересни локации, наши авантури, убава храна, како да се живее поодговорно кон природата, совети за рециклирањето и за намалувањето на отпад. Од ова се подобро и подобро се заработува. Дефинитвно има уште простор за експанзија на инфлуенсер маркетингот во Македонија и допрва ќе се заработува добро од него. Најважно е да се постават високи стандарди и оние кои се занимаваат со ова да се ценат самите себе“, потенцира Катерина, додавајќи дека публиката најмногу ја интересираат постовите со фотографии од целото семејство и од дестинациите што ги посетиле заедно.

„Секако, најголем интерес дефинитивно имаат постовите од патувањата и оние каде главната улога ја има Матео“, додава за крај Катерина која повеќе од една година успешно стои зад одличниот „My Macedonian Home“.

Фото: My Macedonian Home/Instagram 

Објавено:
17 септември 2019
Категорија: 
Стории
Прочитано:
2.616 пати