Највпечатливите модни моменти за 2014 година

9 декември 2014

Собирањето впечатоци од светската модна индустрија за годината што изминува , се покажа како  доста богато со низа значајни моменти. Модните недели, новите колекции на дизајнерите, ѕвездите од шоубизнисот, моделите, сите подеднакво придонесоа во создавањето на највпечатливите моменти за кои посредно посведочивме. Во содржината од продолжение низ фотографии накратко се потсетуваме на најзначајните моменти кои дефинитивно ќе останат запаметени како обележје на годишното сумирање на импресиите.

 

Колекциите за пролет 2014 година покажаа сериозен осврт кон омилената декада- 70-тите. Брендовите како Гучи, Мајкл Корс, Луј Витон, Прада и други, се водеа по референците од ерата на слободната љубов, во спој со боемскиот гламур. Покрај инспирацијата од 70-тите на пистите доминантна беше и спортската-елеганција на која се потпреа многу дизајнери  од колекциите за следната година.

 

Капсулната колекција на Александар Ванг за шведската етикета H&M ги собори сите рекорди. За истата се чекаа редици пред прододавниците, а бум направи и со онлајн продажба. Целото ова се случи благодарение на агресивниот мактетинг кој го преплави интеренет просторот.

Годината не би била сјајна без колекциите на неповторливата дизајнерка на Селин- Фиби Фило. Дизајнерските решенија за пролет-лето 2015 година беа особено доживување за вљубеничките во дизајнот на Селин. Сигурно е дека многу комерцијални етикети нема да остант имуни да ја црпат инспирацијата токму од овој популарен и успешен бренд, од кој впрочем настануваат и модните плагијати.

 

Карл Лагерфелд покажа еден поинаков Шанел и тоа во супермаркет. Феминистичкиот бунт на писта со транспаренти, на некој начин ја покажа гласната жена, која се стреми кон индивидуалноста од модната слобода. Од ова уникатно и забавно шоу ќе ги запаметиме и необичните чанти во форма на кошница за пазарење кои достигнаа рекордна продажна цена.

Ема Ферер, внуката на Одри Хепберн го направи своето деби појавување во моден едиторијал за магазинот Харперс Базар. Едиторијалот се покажа како доста уникатен пред се поради комбинациите кои потсетуваа на легендата, но во интерпретација од новото време.

Кендал Џенер на изненадување на сите, покажа дека е поразлична од своето семејство Кардашијан. Таа се појави во повеќе рекламни модни кампањи на реномирани брендови, но исто така зачекори и на писти  во најубавите креации, на значајни модни брендови за кои е чест и престиж да се настапи. 2014 година се покажа како доста ветувачка за Кендал.

Кејт Мос и Кара Делевињ, исто како и Кендал бомбардираа со својата актуелност. Меѓу позначајните кампањи каде беа вклучени и двете славни моделки, беше онаа за брендот Барбери. Модната индустрија годинава како да ги заборави сите други манекенки и целосно довербата им ја даде на Кара, Кеј Мос и Кендал.

Немаше медиум кој не објави вест во низа за венчавката на Ким Кардашијан. Дури и оние што не ја сакаат, без исклучок и дадоа приоритет од своите содржини, а Ана Винтур дури ја стави на насловна.

Како и минатата година, таа и оваа,  актерката Лупита Њјонго ги  доби сите комплимети за својот изглед од црвениот килим. Таа импресионираше со својот избор на тоалети за свечени настани, каде  со својата појава отскокнуваше со посебниот шарм, интерпретиран од крациите на врвните дизајнери со кои соработува.

Од значајностите за 2014 година како особено важно го издвојуваме и отворањето на големиот музеј на Луј Витон во Париз. Импресивното архитектонско здание го направи спојот меѓу културата и модата како уметност, а Париз доби уште една знаменитост.

 

Тука некаде го издвојуваме и дизајнерот Николас Гескијер,  кој во месец март дебитираше со сопствена колекција за Луј Витон. Во 2013 година неговото отсуство беше забележително од Париската модна недела, но токму колекција со инспирација од 70-тите освен како премиерна за дизајнерот, покажа една поинаква модна перспектива на Луј Витон.

За жал, модната индустрија остана без креативните раце на легендарниот Оскар де ла Рента. Тој ќе остане запаметен како создавач на магија за жените. Почина на 82 годишна возраст.

Бундите во боја на виножито, инспирирани од поп-арт и цртаните ликови, стана најпосакуваното парче од модните инсајдери кои преку практичната примена докажаа дека овие колоритни креации на Прада мора да се поседуваат.

Транспарентниот фустан на пејачката Ријана во кој се појави на CFDA наградите, ќе остане во нашата меморија поради изработката од 230 илјади сваровски кристали. Иако голотијата беше во преден план, ретко кој пропушти да ја погледне или коментира креацијата во која Рири брилираше.

Хеди Слиман ги врати диско платформите. Сен Лоран за следната 2015 година ни сугерираше дека женствениот чекор ќе биде најдоминантен токму со металик нијансите и платформите од диско ерата.

Објавено:
9 декември 2014
Категорија: 
Стории