Некогаш статусен симбол, денес само зимски моден детаљ – ракавици

3 јануари 2014

Историјата за потеклото на ракавиците е долга, а легендата говори дека тие настанале кога божицата Венера трчајќи низ шумата на Олимп, се сопнала, паднала и си ги изгребала рацете од една грмушка полна со трње. За да ги спаси своите нежни раце и на нив да не останат лузни од трњето, со тенки ленти ги замотала прстите и дланките, па според оваа легенда ракавиците настанале уште додека боговите се шетале низ Земјата.

Се верува дека ракавиците се прошириле низ Европа благодарение на варварските освојувачи и нив ги носеле исклучиво мажите. Во тоа време, продавачот на имотот пред купувачот на земјиштето и пред сведок ја полнел ракавицата со земјиште од територијата која била предмет на купопродажба. Во средниот век, ракавици нозеле витезите, но тие биле направени од челична мрежа со цел да ги заштитат рацете на витезите од тешките мечеви кои им создавале рани на дланките. Нив ги носеле цареви, кралеви и богати феудалци, а биле накитени со драгоцени камења, проткаени со златни и сребрени нитни и било забрането да ги носат жените.

Во тоа време, ракавиците стануваат симболично сретство за повикување на двобој, фрлајќи ги во лицето на противникот или под неговите нозе било знак дека постои некоја неправда. Во поединечни делови на Европа, на свадбените церемонии младоженецот на својата идна сопруга симболично и го предавал својот меч и една ракавица.

И додека богатите ги носеле ракавиците за да ја покажат својата моќ, обичните луѓе почнале да прават ракавици за да ги заштитат рацете од тешката физичка работа или за да ги покријат раните и лузните од таквата работа.

На крајот на деветиот и почетокот на десетиот век, ракавиците почнуваат да ги носат жените. Тие означувале и примирје, а некаде биле и знак на додворување. Односно кога мажот би и предал напарфемирана ракавица на девојката на која и се доворува, неморал да зборува многу, туку само да го чека нејзиниот конечен одговор, да или не.

Во моментот кога жените почнале да носат ракавици, почнало да се развива нивното статусно значење во модата, но и да се сметаат за неизоставен дел од аутфитот. Тогаш се носеле ракавици над лактот, а некои носеле и ракавици до рамената. Тие најчесто биле изработени од најфини материјали се додека некој не се сетил да ги направи од тантела. Овој тип ракавици долго време доминирале и биле вистински симбол на елеганција. На почетокот тие немале прсти и досегнувале до половина дланка.

Во 19 век, ракавиците биле важен дел од гардеробата на грофот Орсеј (заводник и вљубеник во елеганцијата) кој советувал во текот на денот да се носат шест пара ракавици: едни за возење, други за лов, трети за прошетка, четврти за вечера, петти за вечерно излегување и шести за ноќен живот. Во тоа време биле неприфатлво во јавноста да не се носат ракавици, а сите оние кои не носеле, се сметале за недоволно образовани и припадници на ниската класа.

Во текот на буржоаската револуција, полека почнува да го снемува значењето на ракавиците бидејќи биле симбол за богатство и припадност на буржоаската класа. До дваесетиот век се користеле како сретство за хигиена и заштита од нечистотија и бактерии на јавните места, особено при патувањето со возови и трамваи. Веќе не било важно од каков материјал се направени и со што се украсени, туку била важна нивната хигиенска функција.

Денес ракавиците имаат заштитна функција, а во светот на модата се смета декз тие треба да бидат направени исклучиво само од кожа. Според модните правила, сите оние кои водат сметка за стилот, треба да носат ракавици кои според бојата ќе бидат исти со бојата на чевлите. Но најчесто, жените водат сметка за усогласување на бојата на чевлите со чантата, а за ракавиците не водат голема грижа.

Интересен факт е дека Наполеон Бонапарта бил голем вљубеник во ракавиците, дека имал над 240 пара и дека Жозефина со добивањето дозвола да ги носи, направила вистинска револуција меѓу жените за нивно носење како моден детаљ.

Покрај тоа што имаат заштитна улога, ракавиците се користат и како дел од работната униформа за заштита на рацете од можни повреди. Хирушките ракавици не биле создадени за заштита на пациентот од инфекции, туку пред се за заштита на кожата на дланките на медицинската сестра. Тие биле создадени при крајот на 19 век, кога една фирма од Њујорк ги избаработува по нарачака на доктор за неговата медицинска сетра која му асистирала во текот на хирушките зафати, а чии раце биле оштетени од користењето на антисептички сретства, до степен што веќе не била во можност да работи. Откако се покажале како добро заштитно сретство, а кожата на нејзините раце се вратила во нормала и откако приметил дека постоперативните инфекции се намалиле за 100%, тој објавил студија и ги презентирал пред другите колеги, а останатото е веќе дел од медицинската историја.

За оваа зима се препорачуваат ракавици во силни и весели бпои. Се смета дека против економското и општествено сивило,  треба да се бориме со истакнати бои и да водиме сметка ракавиците да ни прилегаат на рацете како да се наша втора кожа.

Објавено:
3 јануари 2014
Категорија: 
Стории