Никогаш не барајте царски рез, освен ако немате потреба за тоа!

4 април 2019

Покрај другите работи, април е месец на подигање на свеста за царскиот рез, исклучително важна тема за која мора уште многу да се говори.

Иако овој месец претежно зборуваме за тоа како да се избегне изведувањето на непотребни царски резови, треба да зборуваме и да се образуваме малку повеќе за тоа што царскиот рез всушност значи и како да се опоравиме од целата приказна потоа. Ако е потребно, и да побараме стручна помош.

livemint

Во еден разговор неодамна, ми беше кажано дека сите ние кои сме родиле дете со царски рез, сме поминале многу лесно и дека не можеме да замислиме низ што поминуваат жените кои родиле природно.

За таа минута, ми се врати низ глава целата приказна и голгота низ која поминавме, а која за среќа, заврши успешно и сите бевме победници.

Има многу работи кои не ги знаете за царскиот рез, а треба. Тоа е класична операција од која ви треба долго време за да заздравите. Скапоцено време кое треба да му биде посветено на вашето малечко кое штотуку дојде на овој свет и вие треба да му го покажете целиот.

readers_digest

Иако тоа е ваша желба и определба, самоволно не закажувајте царски рез, доколку немате потреба за тоа. Едуцирајте се, бидете подготвени на сè, но не плашете се предвреме.

Јас знаев многу малку за царскиот рез или не знаев ништо, затоа што мислев дека тоа никогаш нема да биде опција благодарение на мојата градба.

Еден ден во јули сфатив дека тоа нема врска со градбата, ниту со било што друго. Кога работите станаа комплицирани, си реков, ок одиме на царски и тоа е тоа, ништо страшно.

Деновите што следеа беа исклучително тешки и ужасни. Од една страна, бебе кое зависи единствено од вас, а од друга страна вие, со свежа рана од сериозна операција за која претходно не знаевте ништо. Сакав да се врати времето и да ги променам работите, но не можев, а и секако мораше вака за доброто на новиот живот.

the_fix

Моментите кои требаше да бидат спомени за паметење, се претворија во неверојатен пекол на кој сакам засекогаш да заборавам. Од креветот, сè изгледаше далечно – и водата, и тоалетот, и домот. Далечни изгледаа и прегратките со малечкото кое не знаеше што е тоа царски рез и не сакаше да знае. Закрепнувањето потоа беше потешко од било што, но за среќа, траеше околу две недели. Главоболките неподносливи, болката ужасна.

Уште поголема среќа беше тоа што времето брзо поминуваше, па на крајот се сеќаваме само на убавите работи и моментите полни љубов што следеа. Токму љубовта и силата што со себе ги носеше новиот живот ми помогнаа да ги надминам сите постоперативни проблеми и повторно да се исправам.

the_daily_beast

Да повториме, царскиот рез е сериозна операција на која не морате да се одлучите, освен ако не морате или ситуацијата во моментот на породување не ги натера докторите да се одлучат за истата.

Ризиците од царскиот рез се многу поголеми од оние кои со себе ги носи природното породување, иако, секако дека и таму ги има, па затоа мора навремено да се информирате за сите можни компликации.

Абдоминална болка, инфекции, сепса, обилно крварење, оштетување на мочниот меур се само некои од ризиците што со себе ги носи царскиот рез. Секако, тука го вметнуваме и подолгиот престој во болница поради надзор на мајката и на бебето поради можни компликации.

womens_and_maternity_care_specialists

Ако размислувавте на вашиот доктор да му кажете дека сакате царски рез и дека не сте подготвена да ги трпите породилните болки или пак имате некоја друга причина за тоа, добро размислете уште еднаш. Запомнете дека секоја родилна приказна е различна и дека не мора и вам да ви се случи истото што ѝ се случи на пријателката.

Бидете храбра и донесете одлука за која подоцна нема да зажалите. Породилните болки ќе ги заборавите уште во сала, но оние од царскиот рез ќе траат. 

Објавено:
4 април 2019
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
3.221 пати