Њујоршката модна недела губи големи имиња

8 февруари 2017

Модната недела во Њујорк почнува денеска, поточно утре кога ќе почне и презентацијата на колекциите за есен-зима 2017/18.

Но, стартот на ова модно случување го следат и заминувањата на неколку познати брендови.

Имено, со такво соопштение излезе брендот „Проенца Скулер“. Тимот одлучи дека за куќата е најдобро да се спојат главните и меѓусезонскикте колекции и да се спојат во презентации во јули и јануари, за време на модната недела за Висока мода и дека ова учеството на њујоршката модна недела е нивно последно.

На слично размислување се и „Кензо“, „Родарте“ како и „Hood by Air“, кои исто така нема да бидат дел од оваа модна недела, и се „селат“ во Париз. Во Њујок нема да ги гледаме ниту ревиите на „Opening Ceremony“, како ниту на Томи Хилфигер, Ребека Минкофи и Рејчел Зои.

Тие пак, оваа модна метропола ја заменија за Лос Анџелес. И ова не е прв таков случај. Се сеќавате дека и Том Форд во 2014 најави дека се сели од Лондон во Лос Анџелес, со цел да биде поблиску до својот дом. Кога Хеди Слиман стана дел од тимот на Сен Лоран, исто така, целото студио од Париз го префрли во Лос Анџелес, повторно поради практични причини.

-Тој кул, лежерен, шик изглед кој модниот свет моментално го сака е роден и изграден во Лос Анџелес и знаев дека нашата ревија на Venice Beach ќе се вклопи како да сме дома – изјави неодамна Хилфигер, кој своето шоу, поточно колекцијата на која асистираше ЏиЏи Хадид за пролет-лето 2017 ја презентираше вчера.

И иако се одржа ден пред почетокот на Модната недела во Њујорк, на ревијата присуствуваа околу 3.000 новинари, модни инсајдери и „бајери“, што значи дека ваквиот начин на презентација сепак може да се одржи.

Значи ли тоа дека модната метропола станува сè попразна?

Па и не би можело да се рече, бидејќи и покрај ваквиот тренд, на претстојната модна недела се закажани околу 150 шоу-а, што го прави овој распоред повторно мошне густ.

Уште една од причините поради кои дизајнерите пробуваат да си го „ослободат“ редоследот е и трендот на see-now-buy-now, со што веднаш по презентирањето на колекцијата, парчињата ќе бидат достапни за продажба.

За тоа дека треба и нешто ќе се менува на оваа модна недела, а токму во контекст на достапноста, зборуваше и Дајан фон Фурстенберг.

А ако се прашувате кои големи имиња останаа доследни на оваа модна недела, во наредните осум дена ќе ги видиме ревиите на „Келвин Клајн“, Џејсон Ву, Џереми Скот, Викторија Бекам, „Алтузара“, Каролина Херера, Ралф Лорен, Мајкл Корс, Марк Џејкобс...

Сепак, крајниот заклучок е дека на оваа модна недела ѝ се потребни промени, за да не стане настан за млади таленти и за да го оправда слоганот „ I <3 NY“ што беше инспирација за многу дизајнери.

Како ќе се одвиваат работите останува да видиме, а во претстојниот период ќе уживаме во трендовите што ќе бидат презентирани за следната „есен-зима“ сезона.

Објавено:
8 февруари 2017
Категорија: 
Стории
Прочитано:
571 пати