Нова сексуална афера: Модната индустрија му сврте грб на Тери Ричардсон

26 октомври 2017

После бурата во Холивуд, која патем сè уште не стивнува, а е предизвикана од сексуалните злоставувања од страна на режисерот Харви Вајнстајн, сега се појави уште една и тоа во модната индустрија.

Речиси преку ноќ пристагна известувањето дека издавачката куќа „Conde Nast“ под чија закрила се бројни магазини вклучувајќи ги и „Вог“, „GQ“, „Венити Фер“ и „Гламур“ ја прекинуваат соработката со фотографот Тери Ричардсон, а причините се обвинувањата за сексуално злоставување на жените со кои соработувал.

Од куќата објаснија дека дури и веќе реализираните соработки, но необјавени, нема да го здогледаат светлото на денот.

После модните магазини, и модните брендови почнаа да откажуваат соработка. Меѓу првите се „Валентино“, „Дизел“, „Булгари“....

„Последната кампања со фотографот Тери Ричардсон и „Валентино“ се случи во јули годинава и немаме планови за понатамошна соработка, овие тврдења и изјави ги сфаќаме многу сериозно“, посочија од брендот.

„Дизел“ исто така објави соопштение вчера во кое се вели дека соработката со фотографот завршува.

„Потврдуваме дека повеќе не соработуваме со Тери Ричардсон на нашите кампањи, и исто така немаме планови за идни соработки“, се вели во исказот за јавноста.

Шокот можеби и не е толку голем што соработката со Ричардсон престанува, туку зошто токму сега. И зошто на модниот свет толку долго му требаше да му го сврти грбот, особено имајќи предвид дека неговата работа е јавна, а за злоставувањата веќе одамна има и сомнежи и изнесени искуства?

Како пишува „Гардијан“, се работи за „Харви ефект“. После една таква голема афера, стравот за последиците е намален, а храброста поголема.

Голем број познати личности, од Ријана и Бијонсе, преку Лејди Гага, Мајли Сајрус, па сè до претседателот Обама минатата година, соработуваа со фотографот. Често можеше по медиумите да се прочита и слушне како некој е незадоволен од соработката со него, но приказната да не се шири понатаму.

Сепак, беше познато дека Тери ги тера моделите, особено младите, да го нарекуваат „вујко Тери“, како што беше позната и неговата естетика што се граничи со порно.

Една од првите што го прекина молчењето беше моделот Ри Расмусен, која го пренесе нејзиното искуство со фотографот, за време на модната недела во Париз во 2010 година, а кое го пренесе Њујорк Пост.

„Фокусот му се млади девојки, манипулира со нив и ги тера да се соблекуваат, по што ги фотографира. А фотографиите се секогаш такви што девојките после тоа се чувствуваат посрамено. Сепак, кај нив владее страв да го одбијат или да кажат што било, затоа што нивните „букинг“ агенции им ја нашле работата, а од друга страна и премногу се млади и неискусни за да можат сами да се одбранат. Јас му реков дека тоа што го прави е одвратно и ја деградира жената. Исто така му кажав дека се надевам дека му е јасно дека има секс со девојки сатоа што има фотоапарат, многу контакти и фотографии објавени во „Вог“ “, изјави тогаш моделот.

Во јавноста остана запаметено и искуството кое моделот Џејми Пек го сподели.

„Бараше да се соблечам, а јас не сакав. Имав и циклус и одбов. Но, тој инсистираше, ми рече да го извадам тампонот, за да си игра со него. Дури и ми кажа дека би сакал да го искористи за чај, по што одлучи и самиот да се соблече“, вели Пек.

Во 2014 година, Шарлот Ватерс се жалеше како фотографот ги лижел нејзините гениталии и ја терал да ги стиска неговите, а сè за време на снимањето.

Модната новинарка Карин Френклин посочува дека Ричардсон, како и Вајнштајн, е заштитен од моќни луѓе. Кога се обидувала да зборува јавно за неговото однесување и постапки, добивала коментари од типот „Тери е многу фин човек, само треба да го запознаеш“.

-Дури и луѓе кои ги почитувам ми зборуваа дека се трудам да ја упропастам неговата кариера. Но, не, јас само се трудам да помогнам за заштитата на жените. И луѓето што јавно проговорија, не ја упропастија неговата кариера. Тој самиот ја упропасти... И воопшто не сум загрижена или засегната дали тој ќе биде во можност да го заработи свјот следен милион“, објаснува новинарката која беше дел и од кампањата „Мојата работа не вклучува злоставување“.

И Кристи Талингтон своевремено изјави дека модната иднустрија е опкружена со предатори.

На сите обвинувања и изјави, Ричардсон вели дека не е виновен и дека не ги злоставувал жените.

„Тери е разочаран од веста дека се прекинува соработката со модните магазини, особено бидејќи претходно зборувал за овие стари приказни. Тој е уметник кој е познат по неговата работа во експлицитен сексуален контекст и естетика, па голем дел од неговите професионални интеракции и соработки се токму со сексуална и експлицитна природа, а сите учесници во неговата работа биле свесно дел од тоа“, изјави неговото лице за односи со јавноста за „Хафингтон пост“ .

Како ќе се одвива оваа приказна, која според повеќето во модната индустрија не смее да биде запоставена и заташкана и дали Ричардсон ќе се најде под лупа на законот, останува да видиме.

 

извор: theguardian.com;

Објавено:
26 октомври 2017
Категорија: 
Стории
Прочитано:
711 пати