Облеката и изгледот на Евровизија се резултат на добра соработка, и концепт!

7 мај 2013

Модната куќа „Елена Лука“ годинава се грижи за изгледот на Есма Реџепова додека за стајлингот на Влатко Лозановски се задолжени апсолвентите по моден дизајн Андреј и Викторија. На само неколку дена пред големото случување во Малме, дизајнерите ни открија како се одвива подготовката за финалниот изглед. Но, пред тоа, да се навратиме наназад и да си поставиме неколку важни прашања.
Колку биле успешни нашите претставувања на Евровизија, во однос на стајлингот и визуелниот изглед? Кој одлучува за изгледот на пејачите? Дали дизајнерите или брендовите добиваат реклама или антиреклама во сопствената земја? И како ќе изгледаат овогодиешните претставници?

Претставувањето во одлично светло за една земја на евровизискиот натпревар е комплетно дело од песна, гардероба, кореографија, сценографија, кога ќе се спојат сите заедно, земјата претставничка остава впечаток и добар пласман во финале. Националниот тв сервис на секоја земја учесничка е полноправна членка на европската радиодифузна унија и ги има ексклузивните права за избор на претставник, но, и права и обврски кои треба да ги исполни. Меѓу членовите од правилата за Национален избор за Евросонг стои дека националниот сервис нема обврска да ги покрие трошоците за изгледот на претставникот, но има право да сугерира и да даде насоки како треба и со кого да се соработува. На секој Евросонг, ако се земе во предвид модата и визуелното, секоја година е време на различни модни правци, разни земји, различни мелодии и поинакви модни сфаќања. Дека изгледот на евровизиската сецана е важен и се памети и после 6 години е токму неодамнешната селекција на евровизиски блог на официјалната веб страна на bbc, каде во листата меѓу најлошо облечени е македонскиот претставник во Киев, Мартин Вучиќ, кој тогаш носеше лежерна комбинација од розев џинс на „Риплеј“. Модните критики на Евросонг почнуваат да се доделуваат веднаш од објавувањето како ќе изгледа водечкиот вокал на сцената за секоја земја учесничка. Па така на официјалната интернет страна на Евровизија 2013, обожавателите веќе на големо коментираат за кои земји не им се допага изгледот на претставниците.

За изгледот на нашите претставници низ годините, македонската јавност на социјалните мрежи не често беше позитивно критична, па оттука се поставува и прашањето, дали дизајнерите или брендовите добиваат реклама или антиреклама во сопствената земја? Облеката со која ги испраќаме нашите пејачи низ годините имаше осцилации, од тенденциозни па се до лежерни моменти, претставникот на Македонија во најголемиот број случаи зад себе имаше продукција која одлучува кој моден бред ќе го рекламира нивниот ексклузивец. Во други од случаите, националната телевизија го избираше креаторот или пак пејачите беа децидни во изборот на познат светски бренд, без да размислуваат за соработка со македонските дизајнери.

Досега својата креативност на евровизиската сцена неколкупати ја покажаа Александар Ношпал и Розе Трајческа, еднаш се проба и стилистката Цаци Пакоска и дизајнерот Јован Петровски, а видовме и аутфити од познати бредови од Италија и Грција, како и минатата година во Баку, кога Калиопи носеше костим од „Армани“, чиј минималистички стил донесе позитивни коментари кај евровизиските модни критичари. За неполни две недели ќе се одржи 58-от избор за песна на Евровија во Малме, Шведска , а искуствата на оние кои досега патувале и биле во неколку од евровизиските проекти како дел од македонскиот тим, говорат дека останатите земји учеснички вложуваат многу за изгледот на своите интерпретатори, а во земјата домаќин доаѓаат со големи тимови од стилисти, фризери и шминкери. Македонскиот дизајнер Александар Ношпал кој има евровизиска позадина, вели дека за да има квалитенен настап не се потребни пари, туку добра соработка меѓу оние кои се задолжени за тоа.

-За добрите резултати околу изгледот на годинашните претставници воопшто не се сомневам, зашто дизајнерскиот тим кој работи на комплетниот изглед на македонските претставници е искусен и синхорнириран. Андреј Ѓорѓиевски и Викторија Арсовска се мои студенти кои веќе се при крај со своите студии и одлични се во тоа што го работат, досега имале доста ангажмани во кои ја покажале својата креативност и знаење. „Елена Лука“ сум сигурен дека ќе покаже еден автентичен изглед за сензибилитетот на Есма, модна куќа која има своја позадина и искуство кое многупати го докажа низ својата работа. Но,она што сакам да го упатам на адреса на МРТ е тоа дека неусогласеност ќе постои и тоа не поради искуството на дизајнерите, туку поради несериозност како треба да се води и организира еден тим за настап кој ја претставува нашата земја од повеќе аспекти пред европската публика. Според моето искуство, знам дека за да имаме достоен настап потребно е да се ангажира режисер кој ќе ги координира и спои сите, а во случајов го нема. Треба итно да се размисли за соработката меѓу сите или МРТ да ја предаде лиценцата или пак да ангажира некој друг наместо нив, зашто Евросонг е настан од сериозен карактер кој така и треба да се разбере. Настапот на секоја земја може да се каже дека е вид на театарска претстава, па од тука и облеката е резултат на добар концепт, вели Ношпал.

Шефот на македонската евровизиска делегација од МРТ, Љупчо Мирковски, вели дека засега подготовките течат во најдобар ред и не се сомнева за претставувањето во Малме. Тие се водат по шемите кои им ги испраќа ЕБУ, така што координираноста и усогласената на македонскиот тим е постигната и без режисерска палка.

-Раководството на МРТ, во договор со избраниот евровизиски тим работи за настапот на нашите претставници, Влатко и Есма да биде комплетен и достоен за нашата земја. Двајцата се автентични со својот и музичкиот стил, додека дизајнерите кои се ангажирани смислија одличен изглед и за двајцата кој и нам ни се допаѓа, а тоа го покажува и нивното искуство, така што запознаени сме со тоа кој како ќе изгледа во Малме. Што се однесува на настапот на сцена ќе се водиме според симулираниот настап кој ни беше испратен од ЕБУ, сметаме дека е доволен за да се претставиме во добро светло и затоа немаме задолжен режисер, изјави шефот на евровизиската делегација од МРТ Мирковски.

Апсолвените и студенти на Ношпал, Андреј и Викторија, кои се одговорни за изгледот на Лозановски објаснуваат дека според нивните интензивни подготовки и договори со модната куќа „Елена Лука“ која работи на изгледот на Есма, постигнале усогласенот и меѓусебна коректност во идеите и работата.

-Целокупниот стајлинг на Влатко ќе биде во црно-бела варијанта со акцент на сакото, кое ќе биде со модерен и интересен крој. Јас и Викторија сметаме дека публиката ќе ги доживее Влатко и Есма баш онакви како што се тие по својот сензибилитет. Направивме состанок со Елена Лука и задоволни сме како помина, фукнционираме коректно, сепак оваа соработка е од позитивен аспект за нас и отворени сме за примање сугестии, вели Андреј Ѓорѓиевски

Модната куќа „Елена Лука“ исто така има евровизиско искуство во 2010 година, кога се погрижи за изгледот на придружниците на сцената во Осло со Ѓоко Танески. Сега повторно ќе ја покаже својата инспирација и креативност за егзотичноста на Есма во Шведска.

-Есма сама по себе како жена со својата убавина, како и нејзината моќна интерпретација во евровизиската песна, беше повеќе од доволна инспирација за да го реализираме нејзиниот комплетен стајлинг. Од друга страна таа веќе има изграден имиџ на музичката сцена во однос на препознатливите фустани и костими со ромски обележја, нормално модификувани. Затоа, драстична промена во стајлингот или модни експерименти, експлицитно си забранив. Во секој случај, изработивме раскошна црвена тоалета со специфична конструкција во долниот дел и обработката на ракавите, какви Есма досега не носела. Лично сметам дека изгледот е синхронизиран со беспрекорниот вокал на Есма во евровизискта песна, кој и дава целосна поддршка во однос на истата. Морам да дополнам дека фустанот има многу рачна доработка, користевме свила, тантела, органтин, тул, многу камења, кристали, апликации од свила итн... Изработивме и марама за турбан во црвена боја, која е рачно украсена со кристали, камења и тантела во предниот дел. За мене како дизајнер е најважно што Есма е презадоволна од она што е изработено, а освен сценскиот фустан направивме и уште две убави кафтан варијанти на фустани во сива нијанса, со рачно изработен појас од кристали за придружните вокали. Сигурна сум дека ќе добиеме одличен изглед на учесниците во Малме во однос на костимите, изјави Елена Лука.

Иако е задоволна од тоа како ќе изгледаат Есма и Влатко во Малме, Елена вели дека неусогласеност постои, а взаемната професионалност не е на завидно ниво.

-Околу изгледот на Лозановски имавме состанок со младите дизајнери Андреј и Викторија. Тие дојдоа со свои модни скици, по што отворено кажав дека Лозано треба да се „смири“ во однос на боите и конструкцијата на тоа што го носи и да го задржи својот младешки изглед. Заедничкиот заклучок беше дека најдобра варијанта е црно-бела, но, јас се уште ја немам видено изработката, која требаше да биде колективна соработка. Малку ми „избега“ моментот на изведба на костимот на Лозано кој не дознав ниту како и каде се изработува. Таквиот однос на соработка за мене е аматеризам, меѓутоа го амнестирав овој сериозен момент, поради тоа што барем ја договоривме бојата на облеката и начелно имавме некое идејно решение. Во секој случај, мислам дека треба да се работи професионално на  вакви соработки, за настан како Евровизија. Дизајнерското дуо на Лозано беше професионалено во доменот на нивната возраст и искуство за реализација на проект како овој. МРТ ни даде одврзани раце, барем за „Елена Лука“, по нашето искуство во работата, така што се снајдовме како знаеме и умееме, а моментот на личен психолошки вкус е феноменот што се случува за време на целата подготовка, објаснува Елена.

Кога би направила една ретроспектива на досегашните евровизиски случувања за македонските претставници низ годините, Елена Лука вели дека се додека не научиме да споиме се во едно на вистински начин, ќе добиваме и негативни критики и антиреклами во сопствената земја.

-Проектот го прифатив поради мојата почит кон Есма, иако знам дека секоја година евровизиската приказна за Македонија нема среќен крај од повеќе аспекти. За среќа „Елена Лука“ и во двата сличаи и годинава во Малме и во 2010 во Осло, има модна граница по која се движи а по тоа сработивме колку е возможно за изгледот на нашите претставници. На прашањето за тоа каква реклама добива еден бренд со учество на Евросонг, мислам дека на наша територија повеќе ќе изгубите од што ќе добиете. Додека за презентацијата надвор, потребна е и песна, извонреден изведувач, кореографија, сценографија, па така ќе можете како дизајнер да се изразите слободно преку моделите.

Што се однесува за тоа кој изглед на наш претставник ми се допаднал досега, ќе кажам дека никогаш не го постигнавме правилото на „помалку е повеќе“ или „less is more“, или немаме добра песна, а имаме убав костим и обратно. Професионално знам дека е лесно да ја облечете слатката Елена Ристеска со 18 години во „жешки“ џинс панталончиња со атрактивна кореографија или Каролина која изгледа како модел во ултра кратко фустанче. Спецификата е кога имате работа со личност која има детерминиран стил на облека и се соочувате со неговите модни фрејмови кои тешко може да ги промашите, а притоа мора да успеете со комуникација и сугестиите на тие луѓе, за да добиете модна естетика и некоја нова модна приказна на сцената. Евровизискиот настап е една цела филозофија на која работат многу професионалци за да ја пренесат пораката од државата за која настапуваат пред Европа, додека ние уште сме само на „здраво“ со Европа кога сме на таа сцена, објаснува Елена Лука.

Според излагањата, што е она што е потребно за успешно претставување на една земја? Професионално дејствување, правилно избран тим, интензивна соработка и синхронизиран договор, го чинат клучот за успех. Што се однесува на костимите на претставниците, можеби треба да се разбере дека тие се исто толку важни како и песната, вокалните способности и кореографијата за кои во најчест случај кај нас се крева најголема галама.

 

Објавено:
7 мај 2013
Категорија: 
Стории