Приказни од градот

Од „ Бисер“ до „Симпо“ е мојата животна приказна

27 август 2019

Еден од првите текстови што ги напишав во мојата новинарска кариера беше токму за настап на dj Boogieman во Приштина, во клуб во кој настапувал и Снуп Дог.

Десет години подоцна, Огнен Андоновски односно dj Boogieman и јас се среќаваме повторно, но овој пат со нов повод и тема – приказни од градот. Всушност, оваа наша средба ќе иницира спомени кои сведочат за тоа колку животот знае да биде непредвидлив, колку се менува, а со него и ние.

Вели, се сеќава на написот, но и на еден настан што му претходел, на едно возбудливо патување во Америка, за кое како ни откри, никаде претходно не раскажал.

„Сите знаеја дека сум имал незаборавно патување, но не ги знаеја деталите. Њујорк, 2008 година. Раперот Snow Black, ултра талентиран музичар, и јас заминавме за САД преку еден проект, а приказната започнува на „Тајм Њу Сквер“, каде шетавме по музички продавници. Во една од нив Snow Black почна да свири и одеднаш ни се приближи Афроамериканец, кој го слушнал свирењето.

„Јас сум менаџер, вие не знаете какви настани има вечер во градот, мора да дојдете со мене“, ни пристапи од никаде, а ние бевме доволно млади и луди да прифатиме.

Инаку, јас знаев што ќе се случува во Њујорк таа вечер. Се работеше за „Hip Hop Honors“, настан што го организираше VH1, каде познати хип хоп изведувачи избираа неколку други исто така познати и во нивна чест изведуваат песни. Тој настан се одржуваше неколку години, а јас го гледав на „Јутјуб“ година дена претходно, за потоа да излезе дека ќе се најдам таму. Сосема луда приказна!

Во меѓувреме, додека се возевме во такси, слушнавме дека истата вечер се случува и „Retro Jam“ забава, за која влезницата чини сто долари! Настапуваат Bobby Brown и Keith Sweat, а како предругпа настапуваа Dj Premier, Rakim, Kid Capri, KRS One – овие сите да ги видиш во една вечер, за некој што следи ваква музика, е неверојатна работа.

Значи, после неколку часа, менаџерот ни рече да одиме со него и нè шеташе низ блоковите на Менхетн, од каде наеднаш се најдовме пред голема зграда, пред која пак, се паркираат блендирани џипови и од нив излегуваа фаци кои требаше да настапат на манифестацијата на VH1 и сфаќам дека ние треба да влеземе токму таму. Менаџеров „лефтерно“ се поздравува со сите: „Кај си, како си“, сомнително сосема, никој не го знае, но му успева – така функционира и не требаше многу време да помине за да го сфатиме тоа“, раксажува диџеј Бугимен.

Не само што влегуваат на настанот, туку се и во ВИП делот, односно делот зад сцената каде се наоѓаат сите ѕвезди.

„Немој да се однесуваш како турист и да сликаш само, јас треба да ви направам договор, треба да снимате со нив“, ми рече менаџерот. Не знаете како се чувствував тогаш! Оргазми! Запишуваше броеви за да правиме соработки. Во еден момент се префрливме од страната на гледалиштето и го следевме настанот, но после 10 минути ни рече да станеме. Иако воопшто не сакавме, сепак отидовме со него, а следната дестинација беше токму журката на која влезницата беше сто долари, за која сонуваш да влезеш, а која се одржуваше на „Медисон Сквер Гарден“!

Менаџеров на врата ме претстави како шофер на Rakim, а тој рече дека е негов братучед и неверојатно, ние влеговме! Не ми се веруваше што сè се случи во само два часа! Го изгледавме целото шоу, се испоздравивме, а менаџерот после овој ден го снема и не се јавуваше на телефон.

После два дена, ете го повторно и ни рече дека ќе одиме со него во Бронкс. Во тоа време беше актуелна кампањата на Обама, а во Бронкс се одржуваше „Carribеan Bronx Day Parade“, настан кој и денес се одржува. Ние бевме единствените „белци“, но мислеа дека сме Латиноамериканци и нè гледаа како дел од нив, од малцинството. Настапивме, јас бев со микрофон во раце, имаме и фотографии од тој настан. Да се случеше во ерава на социјалните мрежи, ова наше патешествие ќе добиеше поголеми размери“, смета Андоновски.

Со “менаџерот“ имаат уште една средба, за која ќе излезе дека ќе биде и последна.

„Тоа беше по повод неговата иницијатива да прави настан за годишнината на Zulu Nation, кои се сметаат за пионери на хип-хоп сцената. Бараше хотел за да изнајми сала, а ние одевме со него. Влеговме во најпрестижните хотели во Њујорк. Се гледаше дека ликот е сомнителен, но кога почна благите бонбони од Конгренсменската сала во еден од хотелите да ги „пика“ во џебови, јасно беше дека ова наше патешествие може да заврши и неславно. Никогаш повеќе не го видовме, ниту слушнавме за него, но спомените останаа. Тогаш го остваривме својот сон да видиме некои од најпознатите хип-хоп артисти, кој знае што ќе беше да останевме...“

Иако имал уште многу можности да го напушти градот, сепак секогаш му се враќа.

„Скопје е мој град. Сум имал шанса десет пати да го напуштам во еден правец, ама секогаш сум се враќал. Го сакам дури и кога го нејќам, а го нејќам затоа што е таков каков што е. Иако и во тоа има некоја мазохистичка убавина. А и секогаш ми е криво кога ќе видиш какво можело да биде, а не е, особено откако ќе се вратиш од некое убаво место“, вели Огнен.

На прашањето за кој дел од Скопје посебно е поврзан, ќе рече:

„ Од „Бисер“ па до „Симпо“ ме врзуваат приказни за градот. Таа релација ми е животната приказна. Пораснав во „Аеродром“, средно учев во „Орце Николов“ и имам другари од „Аеродром“ до „Карпош“. Сум растел со типичните „дромци“, а сум се дружел и со „центарски педерчиња“, да  ми извини ЛГБТ заедницата :). Мислам дека „Карпош“ после 25-тата година од животот повеќе ми одговара, но сепак и за делот каде живеев порано ме врзува многу убаво време. Маалото позади „Бисер“. До влезот имав флиперница, каде поминувавме многу време. Местото каде што беше „Мекдоналдс“, порано беше само тревник, го викавме „Маракана“, таму игравме фудбал. Па кога се загради, многу бевме разочарани. Кога се градеше „Бисер“, седевме на скелињата... Имам многу спомени навистина – ни откри диџејот, навраќајќи се на детството и додава:

„Возењата со автобус, одење по натпревари. Имав другари што навиваа за „Работнички“, а јас за МЗТ, сме се гледале на трибина, се разменувале секакви зборови, за после тоа, пак да си се дружиме во школо. Сега живеам во „Карпош 1“, на еден метар од школото, за каде порано ми требаше еден саат да стасам. Би рекол дека урбаниот дел од „Аеродром“ до „Карпош“ е мој дел од градот.

Разговорот го водевме во кафулето „Че“, каде вниманието му го привлече еден стар телефон.

„Имав ист таков ретро црвен телефон, со огромен кабел и се шетав со него низ дома, зборев со другарите што не ми беа од маало. Тој телефон ме потсеќа токму на Карпош –Аеродром релацијата. Мојот најдобар другар живееше во „Карпош“ и со него и по пет часа сме правеле муабет. Тогаш имаше период кога телефонот поскапе нагло 500 отсто. Двојник немавме, бевме на нова централа, но имавме број - 161 111, кој беше совршен за грешки, па на 20 секунди ѕвонеше“, ни откри Андоновски.

Секој ден вели му е различен, но има работи кои секогаш ужива да ги прави и од кои не се откажува.

„Неделата ми почнува од среда, понеделник и вторник ми се мене викенд, кога сакам и повеќе да поспијам. Возам велосипед, не сакам низ Скопје со кола, стресно е, вежбам, играм кошарка. Секоја среда на „Метрополис радио“ имам емисија, „Плеј хип хоп“, а често одам и на утринска емисија и го збогатувам етерот со моја селекција на музика“.

Кога е модата во прашање, вели дека во последно време најмногу ужива да купува чорапи, а “навлечен“ е и на „Ванс“ очила за сонце.

„Детали повеќе ме интересираат. Сакам лежерни работи. Не знаев дека сакам и официјално да се облекувам, додека два пати не станав кум, па два пати крштевка... Сакам да правам комбинации од парчиња што сум ги заборавил, а многу сакам и патики. Девет години по ред одам на Иос во Грција и пуштам музика во единствениот бар за хип-хоп и аренби „ Coo bar“, таму има една продавничка, која стана веќе ултра популарна, „Ios oioigeeza clothing" се вика, ја држи една двојка од Англија и нема шанси да се вратам во Скопје без да се подновам со нешто од таму. Уште сме конзервативни овде по прашање на модата, па дури и кога следиме трендови. Копираме изгледи од кукла или Интернет, немаме слобода да се облекуваме и изразуваме како сакаме. Да си урбан значи да си дотеран, да ти е пријатно, а да не изгледа како премногу да си се трудел“, смета dj Boogieman.

Ни се пофали дека годинава слави десетгодишнина во радиото.

„Планираме неколку интересни моменти. Секој месец ќе има интересен настан во радиото, а во рамки на мојата емисија. Инаку во Австрија имам неколку настапи закажано, а наскоро во „Станица“ треба да почне третата сезона за забавите во четврток. (Street Soul Deilght со Тони Зен и Мартин).Масовно се посетени и оставивме белег во градот со тоа и се радувам повторно на тие настани“.

За крај, ги покани сите што сакаат добра журка да бидат во сабота во клуб „Soul:091“, да се забавуваат и дружат со него.

Место: Che Cafe Bar

Реализација: fashionel.mk;

Објавено:
27 август 2019
Категорија: 
Стории
Прочитано:
911 пати