Од милијарди до банкрот и назад

15 август 2016

Во светот на модата ништо не е постојано и вечно. Дури и кога креативните директори ќе ги напуштат своите позиции или пак компаниите ќе ги укинат операторите, можностите, работите не стојат во место, се движат. Некогаш нагоре, но некогаш удолу.

Дел од денес најуспешните модни куќи низ декадите поминуваа низ различни фази на успехот, соочувајќи се и со банкрот, по што пак, успеаја да се издигнат повторно во врвот.

За тоа читате во продолжение:

Шанел

Подем: Габриел Коко Шанел ја отвори првата продавница во Париз во 1910 година. Темелниот, уникатен и модерен дизајн ја направија вистинска модна сила. Парфемот пак, „Шанел 5“, кој беше претставен во 1921 година ја направи глобално позната икона.

Пад: Во 1945 година, во средината на ВСВ, Шанел беше приморана да ја затвори модната куќа, иако компанијата продолжи да го произведува парфемот и модните додатоци.

Пресврт: Второто враќање на Шанел е во 1954 година, кога таа ја реосноваше нејзината couture колекција, вклучувајќи ги и палтата од твид, што денес се еден од знаците на распознавање на брендот. Но, не беше така отсекогаш, поточно сѐ до 1983 година, кога Карл Лагерфелд ја покажува неговата прва колекција за куќата. Покрај твидот, тој ги вклучи и жерсето и синџирите како распознатливи знаци. Во 2014 година, „Шанел“ пријави приход од 7.5 милијарди долари , со заработувачка од 1.4 милијарди долари. Инаку, компанијата е во сопственост на семејството Вердајмер, потомци на Пјер Вердајмер, кој го финансираше маркетингот и дистрибуцијата на „Шанел 5“ во 1920-тите години.

 

Томи Хилфигер

Подем: Дизајнерот се појави на модната сцена на 18-годишна возраст во раните 1970-ти со продавницата „The People’s Place“. Во неа се продавале парчиња облека инспирирани од Џими Хендрикс, „Битлси“, „Стонси“, а се наоѓала во неговиот роден град, Њујорк. Во една пригода, дизајнерот изјави дека концептот бил лансиран со само 150 долари, но успехот дошол брзо, па дизајнерот успеал да отвори неколку продавници и тоа во рамки на колеџ-градовите.

Пад: И додека младоста на Хилфигер помогнала за напредокот на оваа продавница, слабото финансиско планирање и преголемата експанзија сред рецесијата во САД, го натера Хилфигер во 1977 година да го затвори ова поглавје, за да го спречи тоталниот банкрот.

Пресврт: Во 1985 година, Хилфигер се враќа во бизнисот, сега со бренд што го носи неговото име. Во центарот на Њујорк се појавува билборд каде во форма на играта „бесилка“ пишува: „Четирите најдобри американски дизајнери се“ и ги има почетните букви на Ралф Лорен, Келвин Клајн, Пери Елис и секако, Томи Хилфигер.

Во 1989 година, за време на друг тежок финансиски период, тој склучи партнерство со инвеститорите Силас Чоу и Лоренс Строл, кои го поддржаа на патот, сѐ до иницијалната јавна понуда во 1992 година, кога брендот стана првата модна компанија појавена на њујоршката берза. До 2000-тата, компанијата, која се трансформираше во омилената на многу млади што преферираат улична мода, остваруваше  заработка и по две милијарди годишно од продажба. Хилфигер успеа да направи уште едно големо враќање, кога на многу други не им одеше. Во 2010 година тој го продава бизнисот на Филипс-Ван Хојсен Корп (PVH), што го поседува и „Келвин Клајн“, за 3 милијарди долари. Во 2015 година пак, Томи Хилфигер сочинува 42 проценти или 3.4 милијарди долари од вкупните приходи на групацијата.

 

Келвин Клајн

Подем: Иконата на минимализмот, Келвин Клајн, до 1977 година успеваше да оствари приход и до 30 милиони долари, а тоа е само една декада после основањето. Во 1980-тите Келвин Клајн беше препознатливо име, благодарение и на впечатливите и контроверзни реклами за џинс што ги пласираше дизајнерот, особено оние со тогашната тинејџерска ѕвезда Брук Шилдс, како и оние за долна облека и колекциите за ентериер.

Пад: Компанијата се соочи со банкрот во 1992 година, но успеа да се извлече благодарение на тоа што Дејвид Гфен, пријател на дизајнерот ја откупи, со што ја најави и новата ера на брендот за кој позираа Кејт Мос и Марк Валберг.

Пресврт: Во 2002 година, декада после подемите и подовите, Клајн и неговиот бизнис партнер Бери Швартц објавија дека ја продаваат компанијата на Филипс-Ван Хојсен Корп (PVH) за 400 милиони долари во готово, како и 30 милиони долари во акции и 300 милиони во приходи од авторски права, „поврзани со приходите во наредните 15 години“, како пренесе „Њујорк Тајмс“ тогаш. Клајн и Швартц се пензионираа во 2003 година кога се изврши и последната трансакција, но влијанието на дизајнерот е сѐ уште постоечко и свежо. Според најновите информации, во 2015 година брендот остварил заработка од 2.9 милијарди долари, а на позицијата креативен директор сега се наоѓа Раф Симонс, за кој се верува дека ќе успее да ја одржи оваа позиција на модната куќа на пазарот.

 

Балман

Подем: Пјер Балман создаде препознатливо име облекувајќи ги Ава Гарднер и Брижит Бардо. Серија дизајнери ја водеа модната куќа после смртта на Пјер во 1982 година, а најголем подем оствари Оскар де ла Рента, кој дизајнираше за брендот од 1993 до 2002 година.

Пад: Во 2004 година, две години после заминувањето на Де ла Рента, модната куќа поднесе барање за заштита од банкрот, откако инвеститорот не успеа да ја испочитува својата обврска.

Пресврт: Францускиот бизнисмен, сопственик на брендот, Алан Ивелин успеа да направи позитивен пресврт со вработувањето на дизајнерот Кристоф Декарнин во 2005 година. Новиот стил што беше спротивност на строгата и конзервативна елеганција по која „Балман“ претходно беше препознатлив, привлече голем број нови обожаватели на брендот. Во 2011 година на местото на Декарнин доаѓа Оливие Рустенг, кој успеа да ја зголеми продажбата. Во 2015 бил остварен приход од 121.5 милиони долари. Ивелин почина во 2014 година, а ја продаде компанијата за 485 милиони долари на катарскиот инвеститор Мајола, кој исто така го поседува и „Валентино“.

 

Гучи

Подем: Италијанската модна куќа „Гучи“ е основана во Фиренца во 1921 година од Гучио Гучи, кој мислеше дека е паметно да продава торби. Кон средината на векот, овој џет-сет изглед на „Гучи“ производите стана омилен меѓу филмските ѕвезди и богатите патувачи.

Пад: Семејните несогласувања во текот на 1970-тите и 1980-тите ја доведоа компанијата во хаос, а веќе во 1993 година бизнисот беше блиску до банкрот.

Пресврт: Со доаѓањето на Том Форд во модната куќа, се внесе нотата на сексапил, па веќе во 1999 година, „Гучи“ го враќаше сјајот. Доменико Де Соле во тоа време е извршниот директор, а брендот, кој за време на војната е дел од LVMH групацијата, истата година станува дел од францускиот конгломерат PPR или попознат како Керинг. Форд и Де Соле ја напуштаат компанијата во 2003 година, после несогласувањата околу договорот. После неколку креативни директори, Фрида Џанини во 2006 година успева да го „крене“ брендот успешно. Но, и тоа не е доволно, бидејќи компанијата во тоа време сѐ уште се бори финансиски. „Гучи“ доживува вистинска револуција со доаѓањето на Алесандро Микеле во 2015 година, а брендот успева да оствари годишен профит од 4 милијарди долари, со амбиција тој профит да се зголеми годинава на 6 милијарди.

 

Мајкл Корс

Подем: Мајкл Корс ја започнува својата кариера како продавач на спортска облека во домот на неговата мајка во Лонг Ајланд и тоа уште како средношколец. Официјално, неговата дизајнерска кариера ја започнува во 1981 година, кога и го формира брендот, откако добива пофални зборови од влијателната модна уредничка, Дан Мело. Неговата способност да го придобие купувачот како домаќин на разни модни шоу-а, како и со дизајнирање на неверојатни креации во сите американски стилови, му донесоа клиенти како Џеки Кенеди и Али Мекгроу, но и почит од голем број уредници.

Пад: Во текот на 1990-тите, бизнисот на Корс беше во проблем. Компанијата која поседува лиценца за неговите линии со пониски цени (Compagnia Internazionale Abbigliamento USA) одлучи да престане да ги произведува креациите, со што приходот на дизајнерот се намали за два пати. Тој поднесе барање за заштита од банкрот во 1993 година.

Пресврт: До 1997 година, Мајкл Корс успеа да направи реконструкција на брендот и тоа благодарение на инвестициите од LVMH групација, каде стана и креативен директор на „Селин“. Во 2003 година, LVMH продаде 33 проценти од акциите на инвеститорите на Томи Хилфигер, Силас Чоу и Лоренс Строл. Една година подоцна, Корс се приклучи кон проектот „Проект писта“, што му помогна да се претстави себеси и брендот пред милионска публика. Во 2011 година, Мајкл Корс се врати на јавната сцена, правејќи профит вреден милијарди. Во 2015 година, компанијата оствари приход од 4.5 милијарди од продажба.

Објавено:
15 август 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.158 пати