„Олдушка“ – агенција за 45+ модели

7 април 2017

Возрасните модели се во подем, а во Русија тие добија посебен третман.

Игор Гавар е основачот на агенцијата „Одлушка“ (Oldushka), која се наоѓа во Москва и е наменета за модели над 45 години. Инаку, Гавар се занимава со фотографија, а со годинини наназад страст му е уличниот стил на возрасните луѓе. Тоа било и мотив да ја надгради приказната.

 

A post shared by Igor Gavar (@gavarigor) onMar 1, 2017 at 12:15pm PST

Во моментов, агенцијата брои 18 претставници, најчесто над 60 години, а еден има дури и 85, што само потврдува дека го работи ова од страст, а не толку за медиумски публицитет.

Оваа приказна го привлече вниманието и на „Вог“, каде Гавар објасни како започнало сè.

-Запознав многу интересни лица и сакав да направам посебен проект со нив. Тие се појавуваат во нивното секојдневно издание и на тој начин се борат против стереотипите – вели фотографот.

Тој додава дека модната индустрија во моментов не изгледа вака, но неговата замисла е ехо за тоа како може да биде во иднина.  Според неговото искуство, возрасните модели сè повеќе стануваат мејнстрим во Русија, па тамошните дизајнери сè почесто ги ангажираат за лукбук фотографирања, магазини.

-Руското претставништво на Сен Лоран одбра токму модел од „Олдушка“ за нивна кампања – открива Игор.

Фотографот смета дека агенцијата им дава можност на повозрасните модели да пробаат нешто ново. На пример, една од моделките е и Валентина Јасен, 62-годишна актерка, која го привлекла вниманието на Гавар со бела коса до рамена и убавите јаболчници.

Валентина Јасен

-Бев професионална актерка. Многу години работев во театар, но сега не сум веќе на сцената. Имав трема во врска со моделството. Но, синот ме убеди. Ми рече: „Мамо, ти не си толку популарна за да ја срушиш својата репутација како актерка со тоа што ќе бидеш фотографирана зза реклама. Не губиш ништо, но можно е да отвориш нови можности за себе“. И во право беше – вели Јасен, која досега била дел од фотосесија за магазинот „Собака“ и бутикот „8-Store“.

 

A post shared by Igor Gavar (@gavarigor) onOct 26, 2016 at 1:44am PDT

Инаку, агенцијата има и машки модели, а Игор потенцира дека секој од моделите е инспиративна приказна.

-Тие се инспиративни примери кои покажуваат дека е возможно да изгледаш убаво и на возраста што ја носиш со себе, без било какви естетски дотерувања – смета Игор, кој сепак не е против Ботоксот и пластичните операции, доколку тоа некому му прави да се чувствува подобро. Сепак, тој има цел да ја прикаже другата, природна страна на приказната.

Објавено:
7 април 2017
Категорија: 
Стории
Прочитано:
735 пати