Оливие Рустенг: Кога ќе ја изгубиш љубовта од биолошката мајка, ништо не те плаши!

3 октомври 2015

Неодамна се одржа ревијата за која многумина знаеја дека ќе биде нешто што ќе предизвика огромно внимание и гласни аплаузи. Талентираниот Оливие Рустенг од модната куќа Балман, прикажа уште една одлична ревија со многу кул парчиња по кои девојките, сосема нормално, полудеа!

Она што малкумина го знаат, е дека всушност не било сѐ така сјајно за црномурестото момче со потекло од Бордо, Франција.

Само седум дена откако се родил, бил оставен во дом за деца без родители, а само пет месеци подоцна, бил посвоен од млада двојка.

„Најраните спомени од моето детство се оние кога се вратив во домот на сесија со психијатар, што во тоа време беше задолжителна. Отидов во собата каде ме чувале како бебе...Тоа беше многу грда соба, не беше декорирана, не беше хотел со пет ѕвезди. Креветот беше ужасен, незабележителен, но тоа веројатно е така бидејќи сите сакат да мислат дека децата веднаш ќе бидат посвоени, па не се трудат многу“, се сеќава Рустенг.

Кога неговите родители пристигнале во домот, имало многу бебиња со истата судбина како Оливие. Кога го здогледале, веднаш решиле дека тоа е вистинското бебенце што сакаат да го носат дома.

„Кога сум живеел во домот, постојано сум плачел, барем така ми раскажуваат. Кога сум ги здогледал моите родители, за прв пат сум се насмевнал. Тогаш мајка ми одлучила дека веднаш сакаат да ме земат дома. Тогаш менаџерот им потенцирал дека јас сум Афроамериканец, и дека имаат многу други, бели бебиња. Но, мајка ми ме сакала мене“, вели Рустенг за Вог.

Тој пристигнал во куќата на неговите бели родители во 1986 – та година, по што тие морале да се соочат со многу критики и проблеми во конзервативниот и католички град Бордо.

„Некаде на 10 години децата почнаа да ме нарекуваат со секакви имиња поради различната боја на кожа со моите родители. Ми велеа дека мајка ми спиела со црн маж, или дека татко ми имал црна жена која ме родила. Беше многу комплицирано“, раскажува дизајнерот.

Тој раскажува дека неговата мајка имала рак на 15 години и токму затоа не можела подоцна да има деца, па морале да посвојат.

„Кога тоа му го кажала на татко ми, тој рекол дека никогаш нема да ја остави и дека ќе посвојат дете. Тогаш тој имал само 18 години, што го прави уште поголем и подобар човек, јас едноставно го обожавам“, раскажува креативниот директор на Балман.

Џенифер Лопез во Балман

Тој ќе каже дека уште како мал се инспирирал од Париз, од Бордо, од архитектурата, но додава и дека во него има нешто егзотично, што веројатно го наследил од неговите биолошки родители.

„Додека растев, имав сѐ. Живеев навистина луксузен живот со моите родители, имав сѐ што ќе посакав. Бев посвоен и единец, и едноставно тоа мораше да биде така, мораше да бидам разгален. Но, на училиште бев многу добар, многу сакав математика, но мојата баба всушност ме натера да ја засакам модата. Таа беше неверојатно модерна, многу секси. Дури и кога наполни 60 години, таа сѐ уште доаѓаше со мене и моите пријатели во диско. Таа ги обожаваше Шанел бисерите, сакаше убави парчиња, сакаше шминка. Се сеќавам дека одев на опера со неа и се сеќавам дека во еден од тие моменти сфатив дека сакам мажи“, вели Оливие.

Тој раскажува дека покрај сета убавина, најголемата тага на неговата баба било тоа што не и дозволиле да се омажи за Афроамериканецот што толку многу го сакала и кој бил љубовта на нејзиниот живот.

„Понекогаш во животот мора да носите тешки одлуки, потешки и од лоша критика во магазините за вашата колекција. Она со што јас се соочував на училиште, ништо не може да го смени и поправи. Машките ми велеа дека ако сакам мода, јас мора да сум геј. Ми беше толку тешко. Но, издржав, а всушност никогаш не знаев дали ќе бидат добар во она што го одбрав како професија. Сѐ уште не знам. Со текот на годините, сфатив дека облеката е важна бидејќи ви дава идентитет, карактер, и навистина сум среќен што можам да создавам облека“, вели Рустенг.

Ким Кардашијан е една од најголемите обожавателки на Оливие

Тој ја завршува искрената приказна за Вог, со тоа што вели дека можеби еден ден кога ќе има деца, ќе ги побара биолошките родители.

„Не сакам моите деца да се збунат околу нивниот идентитет, не сакам да немам одговор кога ќе ме прашаат: Од каде си ти? Зошто имаш такви очи? Дали јас имам очи како твоите? Можеби тоа ќе биде моментот кога ќе одлучам дека всушност конечно треба да ги побарам родителите. Засега, јас сум среќен и задоволен со сето она што го имам“, завршува Оливие.

Објавено:
3 октомври 2015
Категорија: 
Стории
Прочитано:
3.458 пати