Осмелете се да бидете модерни и на седумдесет!

21 јуни 2014

„Пред 13 години, на мојот 60 – ти роденден, решив да одам на шопинг. Дотогаш не сакав да трошам многу време на купување, но тој ден, мојот сопруг Мајкл ме охрабри дека треба да си посветам време и на себе. Имав 60 години и не сакав да купам нешто што не ми личи. Но, во еден момент на полиците здогледав кожени тесни панталони со принт каков што би носеле Кејт Мос или Викторија Бекам. Ги пробав и ми стоеја совршено! Никогаш дотогаш немав потрошено 100 долари на едно парче, но овојпат си реков зошто да не? Мојот сопруг рече дека ми стојат одлично и дека се неверојатно забавни“, вака го започнува своето тврдење дека жените треба да бидат модерни на секоја возраст, поранешната моделка и новелист Сандра Хауард.

Инспиративната Баронеса Хауард од Лим, вели дека откако открила како и стојат хеланките, не можела да престане да се смее.

„Постојано се смеев кога вистински се открив себеси. Уште поубаво се чувствував кога ја видов и актерката Ема Томпсон (55) која на црвен килим се појави во прекрасен црвен фустан во кој зрачеше со самодоверба. Сега и жените на постара возраст може да експериментираат со облеката без да изгледаат вулгарно. Порано смеевме да носиме само здолништа до под колената и никако тесни панталони. Мојата мајка ја носеше истата облека цел живот – волнено здолниште, широка блуза и џемперче. Тоа и се очекуваше од неа. Сега, работите се сосема поинакви“, вели Сандра.

Таа посочува дека сега и на жените во поодмината возраст им е дозволено да носат фармерки и колоритни комбинации што таа ги смета за многу забавни.

„Зошто таа слобода да не ја почувствуваат и жените над 50 години? Откако ги купив тесните панталони со принт постојано правам храбри избори кога станува збор за облеката и сакам да носам парчиња со кои ќе се истакнам. Овие денови, во мојот плакар ќе најдете розови очила за сонце купени во сончевата Шпанија за едно евро што обожавам да ги носам секој ден“, вели Сандра.

„Денеска, многу од моите пријателки сметаат дека модата е позабавна како стареете. Една моја пријателка – адвокат (60) обожува да носи колоритни и светкави чизми и секогаш носи луди венчиња на главата. Друга пак, прави неверојатно стилски комбинации со егзотични и оригинални парчиња. Секако, секогаш ќе има момент кога некој ќе ви каже: Ох, драга...“, се шегува Сандра.

Доколку се сомневавте дали треба да правите посмели избори и над 50 години, тогаш Сандра е вистинското охрабрување за вас. Како што и самата вели, единственото нешто на што треба да посветите внимание е да не изгледате вулгарно и секогаш, да се чувствувате самоуверено во она што го носите.

„Има уште еден мит кога говориме за модата и жените во поодмината возраст. Некои жени велат дека во тие години, повеќе не треба да се облекуваат убаво и да привлекуваат внимание, но тие грешат многу. Мојот совет до сите жени кои сакаат да ги кршат правилата е да почнат со нешто мало, на пример, да се осмелат да стават колоритен накит на нивната комбинација, па да видат колку многу комплименти ќе добијат!“, завршува госпоѓата Хауард.

Објавено:
21 јуни 2014
Категорија: 
Стории