Пенелопе Круз: Децата ми го намалија егото

14 октомври 2017

Последното издание на магазинот „Интервју“ го краси Пенелопе Круз. Но, она што го прави интервјуто уште поинтересно е што Гвинет Палтроу, со која се другарки повеќе од 15 години, е во улога на новинар.

Од детството на Пенелопе, преку љубовта кон актерството, мајчинството до подготовката за улогата на Донатела Версаче, актерките опфатија многу теми, а дел од интервјуто ви пренесуваме во продолжение:

фото извор: interviewmagazine.com

Гвинет посочи дека Пенелопе отсекогаш го сакала танцот...

-Тоа е  нешто што го сакав уште како девојче. Одев и во балетско училиште, и на 4-годишна возраст дури ми понудија да ја играм улогата на Кармен.  Тогаш не бев свесна дека го сакав танцот затоа што беше само една друга форма на актерството. Тренирав напортно, по пет часа дневно, шест дена во неделата. Но, кога го снимив мојот прв филм, имав околу 17 години, се вљубив во актерството. Тогаш престанав со танцот. Понекогаш ми недостасува слободата што ја чувствувам додека танцувам – се сеќава Круз.

На прашањето како ја добила првата улога, ќе каже:

-Кога имав 15 години, имав и свој агент. Таа ме прати на кастинг за „Jamon Jamon“ (1992). И ја добив работата. Интересно што, и на Хавиер и на мене тоа ни беше филмот со кој што ги започнавме нашите кариери.

фото извор: interviewmagazine.com

Кога се случила премиерата, Пенелопе имала 17 години. Додека сите актерки се трудат да изгледаат помладо, таа секогаш се трудела да изгледа повозрасно.

-Да, мислам дека имав толку. Но, јас многу лажев за моите години, па не сум сосема сигурна. Голем дел од мојата кариера го поминав правејќи се постара одошто сум, од различни причини. Кога имав околу 22 години, новинарите ме прашуваа: „ Се плашиш ли од стареењето?“, но тоа е толку глупаво прашање за девојка од 22 години, но и сега за жена од 42. Се борев против таквите будалаштини, така што не одговарав на прашањата поврзани со тоа – објаснува актерката.

Тоа беше повод и за Гвинет да константира дека во Холивуд владее опсесија со годините на жените, како и тоа дека актерките се под надзор и контрола во тој процес, независно на која возраст се.

фото извор: interviewmagazine.com

-Мајка ми многу напортно работеше за да не одгледа, како и татко ми, без такви глупости. Секогаш имав реално чувство за стварноста и домувањето. Тие ми се вкоренети од начинот на кој бев воспитувана, од нештата кои ги гледав во мајка ми, од работите на кои ѝ се восхитував. И во татко ми исто. Кога се работи за темата актерките и годините и стареењето, ми оди да речам: „Кој ви е проблемот? Нема да ви дадам ни две минути за тоа прашање. Не заслужува“. Кога ја родив ќерка ми, некои работи се сменија. Почнав да си мислам, 2017-та е, зошто жените сè уште треба да зборуваат за ова. Лудо е. А тоа станува уште поизразено кога ќе добиете деца – смета Пенелопе.

Палтроу ќе каже дека од сите нејзини пријатели, Круз како најмногу да го сака актерството. Ниту една друга, а ни самата Гвинет, не зборува со толкава страст за професијата и улогите, како Пенелопе. На тоа, актерката ќе каже:

фото извор: interviewmagazine.com

-Многу ми помогна и среќна сум што можам тоа да го кажам, што моето его со текот на времето стана помало. Многу стравував претходно за тоа што ќе кажат или мислат луѓето за мене, дали ќе ме прифатата, дали ќе ме сакаат. Вложив многу енергија и труд во перцепцијата на самата себе. Кога пред речиси седум години станав мајка, нешто длабоко во мене се смени, така што почнав навистина да не се грижам за работите за кои сум се грижела претходно. Тоа е процес на созревање и сега животот ме носи пред некои нови предизвици и тестови. Сега имам нови стравови – признава Круз.

Слободата што ја чувствува во 40-тите е нешто одлично.

фото извор: interviewmagazine.com

-Ниту за момент не би го менувала начинот на кој се чувствувам сега, за оној како сум се чувствувала во 20-тите. Начинот на кој го гледам светот, актерството – сè се смени. На некој начин, се вратив на почетоците, кога имав четири години и кога го сакав танцот, кога обожував да влезам во кожата на други ликови и кога ја истражував убавината на човековите постапки. Многу убави моменти и чувства собирам од тоа да сум повторно ученик, да истражувам. Што и да биде крајниот резултат, чувствувам дека сум на добар пат, дека ме учи нешто ново. Ако утре имам 80 години и имам нов лик во моите раце, нова приказна да раскажам, ќе го чувствувам повторно таа позитивна трема, страв и глад. Тоа е како храна за мене – вели актерката.

Објавено:
14 октомври 2017
Категорија: 
Стории
Прочитано:
2.475 пати