Пласидо Доминго обвинет за сексуално злоставување на девет жени

13 август 2019

Осум певици и една танчарка го обвинија познатиот оперски певец, Пласидо Доминго за сексуално злоставување, во текот на нивните среќавања во текот на 30 години, почнувајќи од доцните 1980-ти.

Жените тврдат дека се сексуално вознемирувани од шпанската ѕвезда во рамки на операта и нејзините останати институции, каде тој ги менаџирал високите позиции.

Една од нив вели дека Доминго ѝ ја завлекол раката под здолништето, додека три велат дека биле натерани да се бакнуваат со него - во соблекувална, хотелска соба и за време на ручек-средби.

Голем дел од обвинувањата се однесуваат на времето кога Доминго беше директор и на операта во Лос Анџелес и на онаа во Вашингтон.

Половина од жените изјавиле за „Асошијед Прес“ дека Доминго бил многу сугестивен и правел да се чувствуваат непријатно, а една од певиците изјавила дека тој постојано инсистирал да излезат на љубовен состанок, откако ја вработил и овозможил да има серии концерти со него во текот на 1990-тите.

Повеќе од 30 пејачки, танчарки, членки на оркестарот, вработени во бекстејџ, администратори, професорки, сите изјавиле дека сведочеле на несоодветно сексуално однесување на Доминго и дека „гонел“ младите жени, а не бил казнуван за тоа.

Седум од деветте жени што го обвинуваат пејачот, велат за „АП“ дека чувствувале дека нивните кариери земале негативен правец откако го одбиле, а неколку велат дека улогите што им ги ветил никогаш не се случиле, а кога би се обиделе да работат за други инситуции, никогаш повторно не биле ангажирани да работат со него. 

За сега, само една од деветте жени дозволи нејзиното име да биде објавено. Се работи за Патриција Вулф, мецо-сопран, која пеела со Доминго во „Вашингтон опера“. Останатите сè уште сакаат да останат анонимни, стравувајќи дека публицитетот ќе доведе до јавно понижување, па дури и малтретирање, како и дека тоа може да се одрази на нивната работа.

Приказните на обвинителите укажуваат на слична шема на однесување, во која Доминго секогаш остварува контакт со нив - често ги повикува во неговиот дом доцна навечер (и тоа се повторува), потоа изјавува интерес за нивните кариери, ургира да го запознаат приватно па ги повикува на чај или ручек/вечера во неговиот апартман или хотелска соба, а сè под изговор дека ќе им понуди професионални совети.

Ниту една од жените досега не приложила документ или конкретен доказ, како телефонски пораки, но од „АП“ оствариле контакт со бројни нивни колеги и пријатели, кои ја потврдиле нивната приказна. 

Две од жртвите изјавиле дека на кратко се препуштиле на „понудите“ на Доминго, не сакајќи да ги ризикуваат своите кариери, кажувајќи му „не“ на најмоќниот човек во нивната професија.

Една пак, признала дека имала секс со певецот два пати, од кои еднаш во хотелот „Балтимор“ во Лос Анџелес.Откако си заминал, за да стаса на настап, ѝ оставил 10 долари на наткасната и ѝ рекол: „Не сакам да се чувствуваш како проститутка, но исто така не сакам да треба ти да го плаќаш паркингот“.

Речиси сите жени изјавиле дека биле предупредени од колегите никогаш да не остануваат на само со Доминго, па дури ни во лиф. Дури и да се согласат на ручек со него, да не пијат алкохол и да се среќаваат со него само на јавни места - за ручек, не вечери.

Сите жени во тоа време биле млади и повеќето на почетокот од нивната кариера.

По обвинувањата се огласи и Доминго, а неговото соопштение за јавност гласи вака: 

„Обвинувањата од овие неименувани индивидуи што датираат од пред повеќе од 30 години се длабоко вознемирувачки и како што се претставени, неточни.

Сепак, болно е да се слушне дека јас можеби некогаш сум вознемирил некого или сум направил да се чувствуваат непријатно - без оглед на тоа колку години претходно се случило и без оглед на моите најдобри намери. Верувам дека моите односи и врски секогаш биле добредојдени и консезуални. Луѓето што ме знаат и што работеле со мене ме знаат и знаат дека не сум некој што некому би му наштетил намерно, би го навредил или засрамил. Сепак, разбирам дека правилата и стандардите кои денеска функционираат се различни од оние во минатото. Благодарен сум и привилегиран што имам повеќе од 50 годишна кариера во операта и ќе се одржам со највисоки стандарди“. вели Доминго.

Каква ќе е разврската, останува да видиме.

 

Објавено:
13 август 2019
Категорија: 
Стории
Прочитано:
656 пати