Платите во модата граничат со научна фантастика

14 ноември 2014

Доколку за вработување е неопходно да покажете диплома за завршен факултет и дополнително магистарски студии или докторат, во модата работите функционираат на друг начин. Според едно неодамнешно истражување, во Њујорк креативните умови имаат проблеми со математиката, хемијата и физиката, а подоцна тоа се докажува апсолутно оправдано, бидејќи нивните работодавци од нив бараат само познавање на повеќе јазици, искуство и препорака.

Беа разлика на талентот кој го поседувате, во полето на модата и современата уметност доколку немате богато портфолио, мора да започнете со стажирање. Тоа значи месеци на бесплатно работење, со цел да добиете препорака. Исто така, клучна улога играат контактите и запознавањето со различни профили на луѓе. Следен чекор е да дојдете до позицијата асистент, а тоа значи повторно бесплатно работење за познат фотограф или стилист. Што се однесува до работа во магазините, како на пример во Вог, освен платите на главните уредници, останатите се ниски и можеби дозволуваат пристоен живот, кој се состои од изнајмување на мал стан во Менхетен, секако доколку го делите со цимер.

Исклучок од ова правило гласи само за оние припадници на аристократките богати фамилии, кои имаат две презимиња. За „обичните смртници“ ова е прв допир со реалноста, кога сфаќаат дека нивната желба е тотално контрадикторна во однос на поставените стандарди во модата. Тоа значи дека банкарската сметка на главниот уредник е со шест нули, но оние кои се наоѓаат пониско во хиерархијата, едвај спојуваат крај со крај.

Доколку сакате да се докажете како стилист или фотограф, тогаш бидете спремни на финансиски влог. Односно ако сте стилист, треба да одвоите пари за асистентот и за враќање на модните парчиња. Модната куќа плаќа за тие да бидат доставени до вас, а вие ќе мора да ги поднесете патните трошоци за нивно враќање, кои може да изнесуваат од 200 до 400 долари. Се на се, за да исплатите се, ќе ви бидат потребни минимум две илјади долари. Доколку сакате да бидете успешен фотограф, треба да платите петпати повеќе, за да ги исплатите асистентите, просторот, опремата, продукцијата и останати детали, неопходни за успешен проект. Ова не се однесува само за еден проект, туку за неколку, кои се клучни за полнење на вашето портфолио.

Комерцијалните ангажмани во модната индустрија се најплатени. Минималниот хонорар изнесува од 2. 500 до 25 илјади долари, зависно од статусот кој го поседувате. Доколку снимате кампања, вашиот клиент ве букира за шест дена, од кои четири се припрема, едниот е фитинг и одобрување на стајлинзи и последниот е снимањето. Благодарение на ваквите ангажмани, подоцна можете да снимате сопствени едиторијали, кои ќе може финансиски да си ги дозволите. Што се однесува до едиторијалите, моделите речиси никогаш не се платени, но ако се работи за топ модел, тогаш агенцијата ќе инсистира на плаќање на авионска карта, возач и хотел, доколку девојката не живее во местото каде што е снимањето. За комерцијалните ангажмани, се добива добар хонорар, но не и доколку снимате за Прада. Но, од друга страна, самото тоа што името на оваа модна куќа ќе биде дел од вашето портфолио, следат нови проекти кои ќе ви донесат значителна заработка.

Во однос на стилистите, фотографите заработуваат три пати повеќе. Стилистите во зависност од соработките, може да заработат и до 50 илјади долари за ден или пак да потпишат годишен договор со модна куќа, која вреди милиони долари. Сепак, фотографите се тие што заработуваат повеќе, особено доколку се познато име. Тоа значи дека фотографот Стивен Клејн може да потроши и до 100 илјади долари за продукција на еден едиторијал. Во однос на ревиите, постојат два фактори, едниот е дека манекенките ќе бидат платени од 15 до 20 илјади долари, особено доколку се работи за ексклузивно име, кое треба да се појави само на ревија на одредена модна куќа,на пример во Париз и втор фактор е дека манекенките ќе добијат облека, наместо пари за одреден ангажман. Сепак на моделите ова изгледа и не им претставува проблем, бидејќи ќе се претстават на ревија на позната модна куќа.

Најпосакувани ангажмани се оние за снимање на едиторијали или кампањи за козметички производи и накит. Како стилист, вашиот клиент е должен да ги исплати вашите два асистенти, авионска карта во бизнис класа, шофери, хотел со пет ѕвезди, па дури и да организира доколку сакате водата да биде прилагодена на вашата собна температура. Ваше е да направите правилен избор на накитот или козметичките препарати, во комбинација со вистинската шминка, фризура и останати детали, кои треба да ги познавате подобро од самите себеси. Може да се случи во рок од една недела да имате две важни кампањи, па неопходно е да имате распоред. Клучна улога тука одигруваат двата асистенти, особено првиот. Главниот, прв асистент ви ги координира сите дневни обврски, од состаноци, до тоа што сакате да јадете за ручек, ве познава добро како функционирате и го координира вториот асистент. Токму затоа, во модата се смета дека наоѓањето на совршен асистент е вистинско богатство, кое ќе ви помогне во градење на успешна кариера.

Сите оние кои сакаат да успеат во модата без никакви врски, доаѓаат до момент во животот кога сакаат целосно да се откажат. Но сите оние кои имаат трпение, ќе дојде период кога финансиите ќе го исплатат целиот труд. Но, тука се јавува нов проблем - трошењето пари. Не постои личност која ги следи трендовите, а да не е зависна од шопингот. Па наредниот ден, панично од агентот бараат нови ангажмани со објаснување дека парите ги потрошиле на винтиџ масата, која се уште стои неотпакувана во дневната соба. Потоа влегувате во магичен круг, во кој постојано ротирате на скалилото на успехот, се додека не ви „пукне филмот“ и решите да се насочите во друга насока.

Преземено од Buro 24/7
Објавено:
14 ноември 2014
Категорија: 
Стории