Подгответе се за плажа, комплетен моден водич на Fashionel

5 август 2014

 

За повеќето модни фанатици летото е годишно време кога можат совршено да ја раскажат својата модна приказна, а плажата е местото каде можат да го истакнат сензибилитетот, убавината и софистицираниот стил.  Fashionel се погрижи да ви го олесни вашиот престој на плажа, со тоа што направивме листа на модни додатоци кои ви се неопходни. Еве за што се треба да водите сметка и што се треба да понесете со себе.

 

 

Шапките се многу важен детаљ  кога е во прашање изгледот на плажа. Не штитат од сонцето, а во зависност од комбинацијата што ја носиме презентираат различни стилови. Од права дама и секси вестерн девојка, па се до пустинска сафари дива. Најпопуларни се оние таканаречени „италијанки“, во бела или беж нијанса со сина или црна лента околу нив. Но, не заостануваат и оние шапки во „федора“ стил со голем пречник околу главата.

 

 

Мошне популарни се и марамите за глава, познати како турбани. Ја штитат косата од сончевите зраци, одлични се доколку немате време да си направите фризура, а се вклопуваат со секаков стајлинг. Познатата Арапка Шеика Мозах една од најпознатите модни икони турбанот веќе години наназад и е заштитен знак.

Лентите и венчињата спаѓаат во групата модни додатоци кои можат да бидат мошне функционални. Ја собираат косата, имаат и естетска функција.

 

 

Марами-долги, шарени, цветни, во риги, со најразлични принтови, во силни бои, со реси и во најразлични форми. И што е најважно мултифункционални. Можете да ги носите околу врат како замена за накит, на глава како турбан, или лента која завршува со панделка. Ако ја разбудите вашата фантазија и креативност можете да си направите и блуза, фустан или здолниште. Или едноставно врзете ја на рачката од вашата торба за на плажа и дајте и невообичаен изглед  на вашата чанта. Примери има многу, она што е важно се вашите желби, стил и чувство за мода.

Очилата за сонце пак имаат своја приказна. Сите имаме различна форма на лицето, па тие треба да соодветствуваат не само со обликот на лицето туку и со бојата и со трендовите. За оние кои ова лето сакаат да бидат уникатни им советуваме да ги одберат „ленонките“, округлите очила од1980-тите навистина се последен моден тренд. За оние со полежерен стил новите Ray Ban ледени модели на очила се совршен избор, за дамите одлични се оние со „мачкаст“ изглед на рамки, а за сите со оние со немирен дух,  „полицајките“ се идеално решение.

 

 

Обувките претставуваат индивидуален избор во зависност од стилот кој го негувате и парчињата  облека што ги поседувате. Ако се водиме по некои шеми на плажа  се оди во влечки, апостолки, балетанки или во рамни сандали. Иако не се за на бал, горенавдените модели се практични и удобни. Одберете свежи бои во силни нијанси, со некој интересен принт, или или со некој специфичен детал во вид на накит аплициран на нив.

 

 

Кога станува збор за облеката, модните критичари велат дека на плажа треба да се облекувате комотно и лежерно. Кежуал стилот е најадекватен. Фустани, долги, кратки, широки, тесни, во сите облици, форми и бои се задолжително парче летна облека . Следуваат кратките панталони, најпопуларни сезонава оние од џинс, панталоните малку разресени на ногавиците и најчесто одат во комбинација со широка блуза или кошула. Топовите се исто така едно од парчињата што направија вистински бум оваа сезона. Комбинирајте те ги со широки palazzo панталони кои се издвоија како must have за ова лето.

На ред се здолништата. И тие се мошне интересни, модерни и посакувани во најтоплото годишно време. Во комбинација со маички на куси ракави со некој интересен принт, или кошула, а зошто да не и блуза на прерамки. Не се оптоварувајте, експериментирајте, бидете храбри и носете смели парчиња, не срамете се да покажете инвентивност во вашите комбинации, Вие сами го креирате вашиот стил.

 

 

И секако најважниот дел е вашиот костим за капење. Оваа сезона е една од најбогатите кога е изборот на модели во прашање. Трендовите одат до таму што ова лето има многу ретро дизајни како на пример костимите за капење со висок струк од времето на Мерилин Монро, потоа актуелни се и оние со разиграни реси кои потсетуваат на каубојскиот стил, продолжуваат во во риги кои се асоцијација за морнарскиот стил. Има и такви кои на долниот дел од костимот од страната на задникот имаат исечено срце или ѕвезда, апликации кои  кога ќе се потемните делуваат како тетоважа и се многу секси.  Костими без прерамки во вид на топови кои не мора да соодветствуваат со долниот дел, можете да си правите и комбинации, ги имате во сите варијанти и нијанси но најмногу преовладуваат со цветни отпечатоци. Бикините сè уште никој не ги симнува од престолот како и танга костимите за похрабрите. Едноделните костими на голема врата се враќаат во жешките трендови за ова лето, а најпопуларни се оние со со етно, фанки или животински принтови. Пастелните бои доминираат во оние модели со панделки кои нагласуваат поелегантен стил. Не заостануваат и оние гламурозните едноделни костими кои го следат модниот тренд на пеплумот, па изгледа како да носите ултра кратко фустанче, и совршено ја истакнуваат вашата фигура.

 

 

 

Накитот, пак генерално и не се препорачува да се носи на плажа. Можете да го изгубите некаде по песокот и камчињата или во водата,а местата каде што го носите ќе ви останат неисочани. Носете ги вашите омилени парчиња накит на некое вечерно излегување или прошетка по плажа, и нека биде во некоја јака боја, неонска по можност, бидејќи на тој начин ќе создадете контраст со вашиот тен. Златните нијанси и племенските ѓердани се последниот моден крик. Масивните парчиња секогаш предизвикуваат подобар ефект. Одлучете се за онаа варијанта која најмногу ви одговара  на стилот и темпераментот.

 

 

Секако во вашата торба треба да се најде и крпа за на плажа, рогозина, душек за пловење по морската шир, млеко за сончање со фактор кој ќе ја штити вашата кожа од изгореници и балсам за усни. Можете да си земете некоја интересна книга, додека се сончате да прочитате некоја интересна приказна или пак, на вашиот таблет или телефон слушајте музика и тотално препуштете им се на боите на летото. Картите се исто така една варијанта како да го поминете времето на плажа. Топката и фризбито можат навистина да бидат корисни доколку ви е досадно на плажата. Малку спорт на никој нема да му наштети.

 

 

Ова се само некои од компонентите кои се неопходни кога одите на плажа. Подготвени сурфајте на летниот бран.

 

 

 

Објавено:
5 август 2014
Категорија: 
Стории