Познатите искрено за проблемите со зачнувањето...

19 јули 2016

Според последните истражувања, повеќе од 11 проценти од жените во Америка се соочуваат со проблеми при зачнувањето дете, а меѓу нив и голем број од холивудските дами кои од бројни причини тоа го чувале во тајност. Последниве неколку години тие решија да го прекинат молкот и јавно да кажат со какви проблеми се соочиле за нивната приказна да биде инспирација и позитивен пример за сите останати жени кои се борат со овој проблем.

Со самото тоа што станува збор за познати луѓе, има нешто особено инспиративно и поинакво во нивните приказни кои се вистински пример дека ваквите проблеми може да му се случат било кому и дека за истите има решение.

Меѓу познатите холивудски дами за кои не знаевте дека некогаш имале проблеми со зачнувањето се и Ким Катрал, Тајра Бенкс, Марша Крос, Криси Тиген, Џејми Кинг, Брук Шилдс, Ким Кардашијан, Сара Џесика Паркер и уште многу други кои јавно ги споделија нивните приказни со што потврдија дека во секоја ситуација постои среќен крај.

Прочитајте ги нивните искрени приказни...

Џенифер Анистон

„Не го сакам притисокот на луѓето околу мене. Ако си жена, значи дека не си успеала во животот затоа што не си станала мајка. Мислам дека тоа не е фер. Можеби нема да излезе дете од вас, но тоа не значи дека не сте мајка на децата на вашите пријатели, на пријателите, на милениците...Постојано се врти истиот муабет за мене, дека јас сум била кариеристка и дека за тоа не сум сакала да имам деца и колку тоа било себично. Не. Дури и кога го кажувам тоа на глас, имам грутка во грлото“.

Криси Тиген

„Искрено ќе кажам дека Џон и јас имаме проблеми. Ќе имавме деца и пред неколку години, но тоа беше цел процес. Се гледавме со бројни доктори за зачнување...Секогаш кога некој ќе ме праша дали ќе имаме деца, јас им велам дека тоа прашање некогаш ќе го постават и на некој друг, а тоа е неверојатно тешко, тоа многу боли. Го мразам тоа прашање. Престанете да ме прашувате за тоа“.

Брук Шилдс

„По некое време, ќе си го кажете зборот неуспешна секогаш кога на тестот нема да ја видите посакуваната боја или цртки. Она што започнува како сон, станува проект кој сите го живеат – насекаде околу вас има бремени жени, секоја песна на радио е за нов живот... Тоа многу фрустрира, тоа ме плашеше“.

Џими Фалон

„Се обидовме со милион работи, секој кој има проблеми, знае. На крајот, се решивме за сурогат мајка. Се обидовме и претходно, кажавме на сите, но едноставно не успеа. Тоа е нешто што е многу депресивно, многу тешко... Се обидувавме долго време, повеќе од пет години, но сакам да кажам да не губите надеж никогаш. Пробајте со сѐ и ќе го добиете она што го сакате. На крајот, ќе завршите со семејство и ќе сфатите колку тоа е вредно“.

Кортни Кокс

„Јас немам проблем со зачнувањето, но тешко можам да ги задржам...Тоа не е како прошетка во парк... Но, нема што да се прави, одиме понатаму. Во 2004 ја добивме Коко“.

Џејми Кинг

„За сите оние жени кои се борат и мислат дека се сами – вистината е следна: Осум години болка и проблеми без конкретна дијагноза, ендометриоза, промена на девет доктори, полицистични јајници и што уште не. Конечно, само еден доктор ме спаси од неколку ектопични, пет спонтани, пет Ин Витро обиди од кои повеќето неуспешни... Конечно, 26 часа брутално породување, раѓање на мојот син пред време, неверојатна болка од царскиот, проблеми со млекото, работа до последен момент и назад на снимање само шест недели откако го родив мојот син“.

Марк Цукерберг

„Неколку години се обидувавме да добиеме дете, а притоа имавме и неколку спонтани. Се чувствуваш толку безнадежно... Почнуваш да си замислуваш што тие би биле, како би изгледале кога ќе пораснат, размислуваш за нивната иднина. Почнуваш да планираш и одеднаш сите планови паѓаат во вода. Тоа е многу тешко искуство. Многу луѓе не разговараат за спонтаните абортуси бидејќи мислат дека тие ќе ве оттргнат од нив, како вие да сте виновни за тоа. Останувате да се борите сами... Се надеваме дека нашето искуство ќе им даде надеж на луѓето околу нас со слични проблеми и сите ќе почнат да ги споделуваат своите приказни“.

Ким Кардашијан

„Никогаш не помислив дека толку отворено ќе зборувам за овие проблеми, но тоа што се сретнав со различни луѓе во канцеларијата на мојот доктор кои поминуваат низ истото, ме натера да зборувам за тоа. Тоа е многу емотивна работа...Имаше многу пати кога излегував од канцеларијата на докторот и хистерично плачев, а друг пат си велев дека сѐ ќе биде добро, ќе се случи овој месец. Чекањето беше вистинско измачување, но денеска сме сосема среќни“.

Ким Катрал

„Жена без деца... звучи како да си помалку ако немаш деца... За мене, никогаш не излезе добро. Јас не сум биолошка мајка, но јас сум мајка. Имам млади актери и актерки на кои сум им ментор. Имам внуци со кои сум многу блиска и не можам да ги сфатам сите оние муабети дека мораш да имаш сопствено дете па да си мајка. Има и друг начин на кој можеш да го искажеш мајчинството, таа страна на жената која е толку јака, толку моќна“.

Хју Џекмен

„Да бидеме на чисто, јас и Деб секогаш знаевме дека ќе посвоиме. Тоа беше нашиот план од самиот старт. Не знаевме кога ќе се случи, но знаевме дека ќе се случи. Се обидовме да имаме и биолошки деца, но тоа не се случи. Се обидовме и со Ин Витро, но таа имаше неколку спонтани абортуси. Мора да се зборува за тоа, тоа е толку ретка тема. Тоа се случува сѐ почесто и е нешто навистина тешко. Мора да поминеш низ цел процес за да се излечиш“.

Сара Џесика Паркер

„Знаев дека ќе има многу мислења за тоа. Зошто не посвоиш? Зошто не го направиш она или ова? Вистината е дека пробувавме, баравме начини и ова се случи прво. Тоа не е точката на крајот на реченицата“.

Тајра Бенкс

„Уморна сум од постојаните прашања зошто немам деца. Никој не знае низ што поминувам...Кога имав 23 си реков дека за три години сакам да имам деца. Потоа наполнив 24, па си реков дека за три години ќе имам деца. Секоја година си го кажувам тоа. По некое време, навистина сакав, но не беше лесно“.

Никол Кидман

„Секој кој посакал уште едно дете или пак прво дете, го знае разочарувањето, болката и загубата низ која се минува... Ние очајно сакавме уште едно дете, но не можев да забременам. Имав многу проблеми со зачнувањето. Никогаш не беше лесно за мене“.

Гвинет Палтроу

„Децата постојано ми викаат дека сакаат братче или сестриче, но јас не знам што да им одговорам. Постојано мислам на тоа. Имав обид за трето, но замалку ќе умрев. Не можам да престанам да мислам на тоа дали ни е добро вака или треба да се обидеме уште еднаш“.

Бијонсе

„Во 2011 бев бремена за прв пат. Го слушнав срцето на бебето, тоа беше најубавата музика на светот. Одбрав имиња, го замислив како ќе изгледа. Се вратив во Њујорк на преглед и едноставно, го немаше. Отидов во студио и ја напишав најтажната песна...Тоа беше првата песна за мојот нов албум тогаш. Тоа беше најдобрата терапија за мене, бидејќи минував низ нешто најтешко што можеше да ми се случи“.

Објавено:
19 јули 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
3.085 пати