Прашања што нè мачат за 8 Март...

8 март 2018

Осми март – Меѓународен ден на жената. Со години наназад се водат разни полемики околу тоа што треба, а што реално претставува овој празник кај нас (а и во светот).

Се отвораат прашања, чија актуелност секогаш е иста. Тоа веројатно говори и за фактот колку сме напреднале во размислувањата и постапките.

Ние овој пат разговаравме со Доминика Стојаноска, раководителка на канцеларијата на UN Women во Скопје, тело на Обединети Нации за родова рамноправност и зајакнување на жените  - UN Women.

Ѝ ги поставивме прашањата што нас нè мачат по повод овој ден, а во продолжение следат одговорите:


Се има впечаток дека помладите жени не сакаат, односно не чувствуваат потреба да го прославуваат 8-ми Март. Каде сметате дека лежи причината за тоа? 

-На ова прашање не можам да одговорам потпирајќи се на податоци или истражувања на јавното мислење коишто биле спроведени. Но, можам да дадам сопствено мислење и да се согласам со вас дека младите жени почнуваат да го доведуваат во прашање самиот празник 8 Март и неговото значење. Сметам дека не се работи за одбивање да се прославува Меѓународниот ден на жената, колку начинот на којшто се одбележува. Попусти на козметика или облека, патни аранжмани за 8 Март....сето тоа целосно го извртува значењето на овој ден. Меѓународниот ден на жената се одбележува за да се продолжи непрекинатата борба на жените за уживање на политичките, економските и социјалните правата кои de jure им се загарантирани. Сепак, de facto, тие се соочуваат со различни форми на дискриминација и сето ова дава многу малку простор за славење и веселби. Младите жени – со право - го доведуваат во прашање ваквото одбележување на 8 Март, бидејќи се свесни дека на патот на нивниот личен и професионален развој се соочуваат со многу бариери само затоа што се жени. Од овие причини треба да се продолжи да се одбележува 8м Март, сè додека не се постигне целосна родова еднаквост, а за тоа– ако продолжиме со ова темпо – ќе ни требаат уште многу години.


Честопати овој ден се поистоветува со Ден на мајките. Колку грешиме со таквото претопување? Треба ли можеби Денот на жената и Денот на мајката да се прославуваат заедно?

-Најчесто денот на жените се меша со денот на мајките, што е сосема погрешно. Погрешно би било и тие два дена да се прославуваат заедно, зошто не секоја жена е мајка, или не секоја жена може или сака да биде мајкаВо голем број држави во светот се прославуваат и Ден на мајката и Ден на таткото, но нивното значење е сосема поинакво, зашто нивната цел е да се истакне улогата на мајките и татковците во семејството и општеството. Меѓународниот ден на жената треба да остане и да се одбележува за тоа што е, ден за одбележување на борбата на жените за граѓански, политички, економски и социјални права, коишто за жал сеуште не ги уживаат во целост.

 


Сметате ли дека 8-ми Март е ден на заблуди?

-Зависи како го разбираме и празнуваме денот. Осми март е ден посветен на сите оние жени коишто се бореле и дури гинеле за еднакви права и можности, но и на оние коишто сè уште неуморно се борат на нивен начин за постигнување на родовата еднаквост. Осми март би станал ден на заблуди и лага, доколку веруваме дека со тој еден ден на посебно внимание - дали преку цвеќе или подарок - ќе заборавиме или простиме на секојдневните неправди коишто се случуваат. Кога зборувам за неправди, мислам напоголемиот  товар во извршувањето на домашната работа, на дискриминацијата со којашто се соочуваат при пристапот на пазарот на труд (зошто се во нивна репродуктивна возраст, или пак едноставно зошто се жени) или на самиот пазар на труд(каде се платени помалку), на насилството коешто го трпат, на предизвиците со коишто се соочуваат во градење на политичка кариера. Секако има исклучоци и има разлики меѓу самите жени, има многу жени на лидерски позиции и не секоја жена е жртва на насилство. Но, кога го гледаме просекот преку статистиките, сликата е разочарувачка и не само овде, туку и на глобално ниво.


Го разбираме ли феминизмот и неговата суштина? 

-За жал феминизмот има многу негативна конотација во земјата и многу често се случува и активисти за човекови права да напоменуваат дека не се феминисти. Но, феминизмот не е ништо друго освен политичко и социјално движење, една идологија која има за цел остварување на политичка економска и социјална еднаквост помеѓу жените и мажите. Самиот феминизам има различни движења, бидејќи и помеѓу жените постојат разлики и една жена од урбана средина, добро образована и вработена се соочува со различни предизвици од една жена од етничко малцинство, од рурална средина и со основно образование. И покрај овие разлики, сепак феминизмот како движење се бори за надминување на постоечките нееднавквости кои произлегувваат од патријархалните норми и вредности.


Како најправилно да се прослави 8-ми Март? Во тој контекст, ја омаловажуваме ли суштината на празникот со подароците, собиранките, па некако нееднаквоста меѓу мажите и жените, а и меѓу самите жени како да доаѓа сè повеќе до израз?

-Не верувам дека постои некаква формула на правилно одбележување. Она што е важно е дека треба да се знае зошто се одбележува и зошто е важно да се одбележува. Ако во некои средини, празнувањето на 8 Март е начин жените да излезат од дома, да се здружат,  да поразговараат, не гледам ништо лошо во тоа.  Но, други го одбележуваат со тоа што ќе отворат одредени (сè уште) табу теми во јавниот дискурс, ќе разговараат за предизвиците, за исклученоста, дискриминацијата и генерално подигање на јавната свест за нееднаквоста помеѓу мажите и жените и потребата од сериозни промени. Трети сакаат да маршираат и потсетат дека родовата еднаквост не е постигната и дека потребни се значајни проемни и храбри политички одлуки за промена на работите.


Од цвеќиња до шамари – каква е реалноста на македонската жена?

-Истражувањата во Европа укажуваат дека насилството врз жените е многу застапено. Имено, секоја трета жена има искусено физичко или сексуално насилство откако наполнила 15 години, секоја десетта има искусено форма на сексуално насилство, а 5% од жените биле жртви на силување. Сè уште немаме соодветни и ажурирани податоци за националната преваленца на родово базирано насилство, но претпоставките се дека ситуацијата не е многу различна од земјите од Европската Унија. Учеството на жените на пазарот на труд е сеуште ниско и оние коишто учествуваат во просек заработуваат помалку од мажите (родовиот јаз е утврден ан 17-18%) Ако се исклучи репрезентативната власт, кадешто учеството на жените во собранието и локалните совети е над 35% благодарение на изборната квота, учеството на жените во извршната власт е ниско (16% влада, 7% градоначалнички, 12% жени директорки на јавни претпријатија). Ова укажува дека сè уште моќта на донесување на одлуки е во рацете на мажите и жените не се доволно вклучени во овие демократски процеси. Тоа е загубена можност за искористување на човечкиот потенцијал за развојот на целото општество.


Прототипот (стереотипот) за тоа што е (или треба да биде) една жена – оптоварување или насока?

-Секоја жена треба да има слобода на одлучување и можност за правење избор во својот живот според нејзините потреби, потенцијали и афинитети. Стереотипите за улогата на жената во општеството и семејството ја задушуваат индивидуалноста на секоја жена, ја вкалапуваат жената во веќе постоечките шеми на родови улоги и ги спречуваат можностите за нејзин развој. Не сметам дека тоа е оптоварување, едноставно тоа е кршење на нејзините права како човечко суштество.


Каква е сликата на денешната жена? Колку самите учествуваме во креирањето на генералната слика?

-Жените се различни меѓу себе и не би можеле да изградиме една слика на денешната жена. Обиди за отсликување на денешната жена секако има, доволно е да ги разгледате медиумите па и наставните материјали и ќе најдете различни квалификации, успешни и лоши жени, успешни жени и добри домаќинки, убави жени, прогресивни, традиционални жени тн. Генерално, македонските жени, како и многу жени во светот, сè уште се наоѓаат во вителот меѓу патријархалните вредности и борбата за еднаквите можности. Сепак, различностите меѓу нив постојат и не дозволуваат едно генерално отсликување на тоа каква е денешната жена.


Во контекст на претходното, колку трендовите од Западот влијаат врз нашите активности и размислувања?

-Глобалните трендови и движења секако дека влијаат и врз случувањата кај нас. Во ера на глобализација и на дигитална комуникација, тешко е да се биде изолиран или надвор од збиднувањата. Сметам дека глобалните движења и трендови имаат позитивно влијание врз активизмот и делувањето на жените. Влијанието на  “Me too” кампањата и одзивот на жените во „Сега кажувам – TaniTegoj“ е еден одличен пример.


За што успеа жената да се избори после Карла Цеткин? За што Клара Цеткин нам би ни кажала – благодарам?

-Жената успеа да се избори за многу работи, универзално право на глас, глобални движења за правата на жените, меѓународни конвенции и нацонални законодавства коишто ја елиминираат родово базираната дискриминација и насилство, повеќе жени во економскиот социјален и политички живот. Ете за прв пат во историјата на Обединетите нации, имаме еднаква застапеност на жените и мажите во лидерскиот состав. Жените успеаја да извојуваат многупобеди и успеси, но недоволно за да се постигне родовата еднаквост. Клара Цеткин би ни кажала благодарам што не се откажуваме од борбата за вистинска еднаквост.

Треба ли за женските права да се борат исклучиво жените?

-Не, женските права се пред сè човекови права и не се само прашање на жените туку на сите. Би го цитирала Генералниот Секретар на ОН, г-инот Гутереш „постигнувањето на родовата еднаквост сè уште претставува незавршена работа на нашето време, но и истовремено еден од најголемите предизвици за човековите права во нашиот свет“. Родовата еднаквост не е само маргинална и женска работа, таа е еднакво важна и за мажите и за жените, за момчињата и девојчињата бидејќи е клучна за целокупниот напредок на општеството“.

 

фото извор: facebook.com/unwomenskopje/; pinterest.com;

Објавено:
8 март 2018
Категорија: 
Стории
Прочитано:
617 пати