Предвремен преглед на сегменти од есен-зима колекциите на македонските дизајнери-II дел

17 октомври 2013

Месец октомври е период кога македонските дизајнерски имиња ги промовираат своите најнови колекции. Во таа насока од првиот дел  на темата за  предвремениот преглед на сегментите од новите колекции на македонските дизајнери за сезоната есен-зима 2013/14, која веќе ја објавивме,  ви ја откривме  инспирацијата, изборот на материјали и останати детали од новите креации на дизајнерите, Мила Кадриу, Ирина Тошева, Ненад Секирарски и Олгица Ѓеоргиева. Сега во втората половина од истата тема, ви  претставуваме и детали од колекциите на уште четири дизајнерски имиња кои многу набрзо ќе се промовираат на претстојната модна недела во Скопје. Во продолжение ќе дознаете нешто повеќе за тоа во која насока ќе се движат модните тенденции и на дизајнерите: Антонија Ристовска, Никола Ефтимов, Александра Митковска и Росица Мршиќ.

Веќе афирмираната дизајнерка Антонија Ристовска ќе претстави уште една колекција достојна за почит. Таа не сакаше да открива многу детали за парчињата од кои се состои нејзината најнова колекција, но откри дека верува колку ќе и се допадне на модната публика.

-Mојата најнова колекција за сезоната есен/зима 2013/14 е инспирирана од парфем на темата INSTINCT. Инспирацијата е изразена преку есенција и спој на внатрешната и надворешната убавина на жената, преку формата и суштината на неговото височество – парфемот. Колекцијата, како и парфемот, е инспирирана од сексапилната и силна жена, полна со самодоверба која ја искажува со својот изглед, говор, начинот на кој чекори. Оваа колекција ќе претставува еден спој на внатрешната со надворешната убавина на жената. Нешто што во денешно време е неминовно. Порано, се потенцирала само внатрешната убавина како примат, а надворешната и не била толку важна. Но, денешницата бара  комплетна убавина ,да се задоволи и надворешната и внатрешната убавина. Оваа колекција фактички ќе го изрази тој момент, вели Антонија за Fashionel.

Таа дополнува дека нејзината претходна колекција оставила многу силен впечаток и за истата имала голем број нарачки, по што им се скратило времето за подготовка на есенската колекција.

-Претходната колекција остави многу силен впечаток кај  модните  консументи и по тој повод имавме многу работа, многу нарачки и некако како да ни се скрати времето за работа за есенската колекција. Во новата инстант колекција  ќе бидат претставен  модели што се во стилот на 60 - тите и 80 - тите години  и воедно ја нагласуваат  женственоста и страста која доаѓа одвнатре, жената ќе биде изразена со сиот нејзин сексапил, со нејзината дива природа.  Ќе имаме сафари бои, животински принтови, пастелни бои, можеби малку неочекувани бои. Корално црвена, енергична женска, ќе имаме едно искажување на колекцијата и низ формите и низ боите, ќе има и смирување и интензитет, токму каква што е и жената. Ја знаеме и како многу дива  и како смирена и како многу нежна. Новата колекција на еден таков начин ќе искаже една динамика на жената, објаснува Антонија.

Антонија Ристовска Антонија Ристовска

Таа посочува дека колекцијата ја подготвувала нешто повеќе од два месеци, благодарение на својот  тим.

-Како што се наближуваше крајот, мене возбудата ми се зголемуваше и некако како полесно да работев. Уживам додека ги создавам колекциите и ништо не ми е тешко, истите ми претставуваат големо задоволство. Првото што ми е најважно е целата идеја што ја имам да ја презентирам на начин од кој јас ќе бидам задоволна. Сакам да сум задоволна од мојата имагинација за тоа каква ќе биде жената следната сезона. Се разбира, штом било кое парче облека ќе биде посакано од некого, за мене задоволството е уште поголемо. Тоа значи дека сум го направила вистинскиот избор, вели дизајнерката.

Дизајнерката Росица Мршиќ, која оваа година се закити и со модна награда во Бугарија, под полна пареа ја подготвува новата колкција, која и овој пат ќе го отсликува нејзиниот препознатлив дизајнерски сензибилитет.

-Новата колекција е инспирирана од тотално женствената модна форма на 50-те и раните 60-ти, спој на женственост и софистицираност наспроти чистите линии. Прецизниот геометриски стил во градење модни форми на облека, во новата колекција е под влијание на супрематизмот, уметнички правец фокусиран на основните геометриски фигури, преку користењето контраст геометрија и  употребата на "color block" во обликување на силуетата. Забележливо е и присуството на тогашното модно правило „помалку е повеќе„ што е и карактеристична нишка за мене, вели на Росица.

Во однос на материјалите изборот лежи во сооднос со потребата на формата, па така на ревијата ќе може да се видат природните ткаенини.

-Материјалите ја следат основната инспирација и помагаат да биде визуелизирана во финален производ, создаден од природни и топли ткаенини од волна, памук и вискоза. Влијанието на супрематизмот е забележливо и во користењето на боите: неизбежната црна, надградена со сива, контрастната златно жолта и топлата црвена. Вообичаено во секоја колекција се презентираат околу 30 парчиња и тоа во рамките на модниот викенд во Скопје, објаснива дизајнерката.

Почетокот на приказната од реализацијата за новата колекција на дизајнерот Никола Ефтимов тргнува од идејата насочена кон темпераментот и традицијата на поедини култури и земји.

-Колекцијата го носи насловот Os filhos de Vênus (Тhe story of dégagé). Како и секогаш, приказната на актуелната колекција е повеќе слојна, но идејата почна да се развива преку спојот на неколку различни инспиративни нишки, како темпераментниот Бразил од една страна, а од друга, келтските култури, особено традицијата на Шкотска, вели Ефтимов, тој додава дека свој удел околу инспирацијата има и митологијата.

-Покрај мешавината на култури, инспирацијата дојде и од митологијата врзана за божицата Венера. Страста, љубовта, култивираната еротика и заведливост, беа преведени во парчиња облека наменети за самосвесни идивидуалки. Најчесто, инспирацијата е интерпретирана на флуиден начин, но на моменти низ облеката и дел од додатоците се провлекуваат рачно сликани мотиви кои директно реферираат на уметнички дела што припаѓаат на различни епохи. За мојата работа е карактеристичен меѓу сезонскиот пристап поради повеќе причини. Покрај карираните материјали, изведени во повеќе техники на ткаење, во колекцијата се употребени деколориран повеќе боен деним, ламирани плетки, печатени жоржети и шифони, фрагменти од кадифе и синтетско крзно, изјавува Ефтимов. Тој и оваа сезона ќе претстави само 12 модели од новата колекција, а останатиот дел ќе се доработува во текот на сезоната. Во однос на боите во колекцијата насловена  Os filhos de Vênus ќе преовладуваат природните нијанси, но исто така и оние во силни и впечатливи тонови.

-Колорната карта е поделена во три главни групи, кои на моменти низ колекцијата се преплетуваат или прават меѓусебни премини. Присутни се неутралните сиви тонови, земјените кафени и беж нијанси, а третата група се интензивните бои. Во последната група доминираат зелената, во повеќе нијанси и акцентите на жолтата боја, открива дизајнерот Ефтимов.

Своите планови за наредната колекција ни ги откри и дизајнерката Александра Митковска, која за разлика од останатите дизајнери на модниот викенд во Скопје ќе се претстави и со една колекција понапред од македонските дизајнери и во чекор со светските. Митковска ќе ја промовира својата дизајнерска замисла за пролет-лето.

- На 29-ти октомври во Музеј на град Скопје, ќе ја презентирам новата колекција пролет-лето 2014. Всушност ќе биде поделена во два дела, односно две презентации. Првиот дел е црвениот килим пред музејот. Манекенки облечени во колекцијата есен-зима 2013/14, ќе одат на црвениот килим, како главни гости, да ја гледаат колекцијата за пролет-лето 2014, поставена на девојки во витрини, внатре во музејот. И тоа е всушност вториот дел- објаснува Митковска. Инспирацијата за новите модели ја нашла токму во витрините и црвениот килим.

-Концептот е спој на модата со ликовната уметност. Идејата потекнува од случувањата инспирирана од светските трендови, од моменталната состојба од нашето општество, која има тенденција да делува глобално, изјави Александра

Кога се материјалите во прашање во есенската колекција ќе доминираат природните и тоа волна, памук, вискоза, кожа.

-Колекцијата за есен-зима ќе биде насловена Кластер и истата ќе содржи капути, фустани, сакоа, панталони и здолништа. Ова е првата колекција на VIBRAZIONI by Aleksandra MItkovska, која е произведена во серија 36, 38, 40 и 42 броеви. Петролеј, бисерно белата, црна, црвена, портокалова и виолетова се боите на оваа колекција. За пролет-лето 2014, останува да го видите mood-от на 29-ти во музеј на град Скопје- најавува дизајнерката.

Се разбира освен предвременото откривање на важните елементи од новите модни македонски креативни дизајнерски решенија, многу набрзо во комплетно светло ќе ја видиме и реализација од замисла па се до финален производ на писта.

 

Објавено:
17 октомври 2013
Категорија: 
Стории