Доколку сте верен фан на социјалната мрежа Инстаграм, а особено сакате да ги следите светски познатите модели и нивните авантури, тогаш веројатно е дека сте ја сретнале и прекрасната Аманда Бут и нејзиниот уште поубав профил.

Тоа е така благодарение на магичните фотографии од нејзиниот син кој се чини дека ги има најубавите очи на светот кои се полни топлина и среќа како ниту една друга.

Иако многумина ја осудуваат поради тоа што постојано објавува фотографии од нејзиниот син кој патем има Даунов синдром, таа со фантастично писмо објасни зошто е тоа така и каков е всушност животот со вакво прекрасно момченце.

„Јас сѐ уште не разбирам зошто секогаш се претпоставува дека секоја жена ќе роди типично, здраво бебе. И јас го мислев тоа и сѐ уште се чувствувам виновна зошто бев толку себична и наивна. Кога Мајка се роди, имаше толку многу компликации и предизвици со кои се соочивме, но во тие моменти јас ја открив неговата сила и тој ме научи да ја видам мојата. И денеска, после толку време јас знам многу малку за Дауновиот синдром, но знам многу за Мајка.

Сакам да почнам од почеток, кога си реков дека сакам да се породам природно во мојот дом. Јас и мојот сопруг не сакавме да дознаеме дали бебето има некакви проблеми, бидејќи и да дознаевме, не сакавме да направиме ништо околу тоа. Неговото срце беше многу слабо во последните недели од мојата бременост и докторите ми рекоа дека мора да се породам во болница. По две недели постојано следење, докторот рече дека мора да одам во болница во истиот момент.

Сите мои фантазии дека ќе се породам природно во мојот топол дом пропаднаа. Вработените во болницата не се грижеа добро за нас, бидејќи знаеја дека не сакавме да бидеме таму. Кога докторот ме посети во собата ме праша дали правевме некакви генетски испитувања, ние му рековме не и дека истите воопшто не ни се важни. Исто така, не сакавме да примиме антибиотици против можни бактерии кои би можеле да го ослепат детето кога ќе се роди ако имам Кламидија или Гонореа. Докторот не можеше да поверува што му зборувам, но тоа едноставно беше моја желба. Знаев дека немам бактерии и знаев дека не сакам да се боцкам непотребно.

Откако се породив, ме однесоа во соба и првите зборови на докторот беа дека моето дете има Даунов синдром. Формата на очите на Мајка беа причината поради која сите веќе знаеја. Мојот сопруг има мексиканско потекло и коси очи, па мислевме дека можеби Мајка личи на него, но сепак се согласивме да ги направат испитувањата, иако воопшто не ни беше важно. Тестовите беа негативни, но по три месеци најдовме друг педијатар кои наскоро ни ги соопшти вестите кои веќе ги знаевме и кои не променија ништо. Всушност, ние бевме пресреќни што најдовме толку добар педијатар за Мајка кој и денеска беспрекорно се грижи за него. Со витамините и диетата на која е, тој денеска е супер дете кое иако постојано треба да биде надгледувано, живее здрав живот.

По неколку месеци навикнување на нашата нова улога како родители на дете со посебни потреби, почнавме да објавуваме и фотографии на социјалните мрежи. Тоа го направив затоа што почувствував потреба да бидам пример и за други родители. Јас всушност не знаев многу за Дауновиот синдром, а Интернетот може да биде страшно место, па почнав да го употребувам Инстаграм како платформа за информации. Се заљубив во сите тие бебенца што ги гледав, нивните храбри родители и љубовта која ја делевме кон нашите деца. Воопшто не бев уплашена од реакциите на луѓето, нашата приказна беше за сите оние кои се соочуваат со исти предизвици како ние, а не за другите.

Тоа значеше дека секој може да не најде таму ако му требаме. Секако дека ми се превртуваше стомакот од сите оние кои имаа нешто негативно да кажат, плачев за мојот син и за сето она со кое ќе се соочи во животот. Но, сето тоа направи да знам како подобро да го воспитувам, да му покажам како да се соочи со сите тие луѓе, да биде поголем од нив. Да шета низ земјата со големо и полно срце, да им објасни на сите оние што не знаат и да им  покаже колку е храбар. Луѓето мора да ја знаат вистината, да не се откажуваат од овие прекрасни деца ако порано дознаат дека тие ќе имаат деца со посебни потреби. Ако можат да видат дел од нашиот прекрасен живот, мислам дека нема да го направат тоа.

Животот мора да се случи и мислам дека ние не можеме против тоа, туку само да ја почитуваме неговата моќ, да бидеме присутни и да бидеме добри. Било какви резултати немаше да го променат моето мислење, па така не гледам зашто ќе ги направев истите. Знам дека сите ние сме различни, на некого не му се допаѓаме, но јас единствено сакам луѓето да се свесни за оваа состојба, да им кажам дека сите заедно можеме повеќе, дека секогаш ќе имаат помош и дека единствено мора да ги отворат очите малку повеќе за да ги видат можностите што ги носи овој живот. Мајка е поинаков, но не на начинот на кој вие мислите. Тој секогаш гледа длабоко во моите очи и јас можам да ја почувствувам неговата поврзаност.

Неговиот дух ја осветлува секоја соба и секој го чувствува. Има толку многу темнина во овој свет, па некој мора да ги потсети луѓето дека има и нешто добро. Мајка е доброто. Мојот живот се промени на начин на кој не можев да замислам. Мислев дека ќе имам бебе, ќе се вратам на работа за два месеци и животот едноставно ќе продолжи. Типичен „еднорог“ синдром... Те молам Аманда! Ништо од тоа не беше вистина. Најтешкиот дел дојде кога сфатив колку обврски ќе имам околу Мајка, колку ќе треба да работам со него, дека ќе треба да му ги дадам сите алатки за да се соочи со светот, колку ќе треба да учиме заедно. Не сакам да му го покажам полесниот пат само зашто е „поинаков“. Нема шанси. Тој само сакаше да му покажам како. Не сакам да помине животот со тоа што тој само ќе постои. Не сакам да ги пропуштам сите тие магични моменти.

Животот некако поминува многу брзо за сите други. Но, не и за нас. Сега, кога Мајка малку порасна, се обидувам да си дадам малку простор за мене. Почнувам да се борам за правата на децата со Даунов синдром. Сакам луѓето да ги видат овие деца какви што вистински се. Сакам сите тие да успеат. Не сакам никој да ја пропушти љубовта што Мајка е подготвен да ја даде. Тој нема ништо да пропушти, тоа е моја работа, ветувам. Тука, сакам да ти кажам дека ќе ги урнам сите стереотипи кои луѓето ги имаат за тебе. Што е посилно на овој свет од љубовта и поврзувањето? Животот ќе беше здодевен ако е лесен. И Мајка, да знаеш дека нема да биде лесен, но ќе ми биде чест да бидам со тебе и да те гледам како одиш напред“!

Објавено:
24 октомври 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
968 пати