Приказната за најпознатото шпанско дуо „Асукар Морено“

30 мај 2016

Дури и да не сте фан на „Евровизија“, веројатно се сеќавате на двете сестри Тоњи Саласар и Енкарна Саласар, кои во 1990-тата ја претставуваа Шпанија со песната „Bandido“. Постојат уште од 1980-тите, кога успеаја да продадат преку три милиони албуми и синглови, а со појавувањето на „Евровизија“, се зголеми и популарноста, па таа бројка прерасна во 12 милиони ширум светот.

Тоњи е родена на 14-ти март 1963 година, а Енкарна на 10-ти јануари 1961 година. Потекнуваат од големо семејство, каде љубовта кон музиката се пренесувала од генерација на генерација. Нивниот дедо бил музичар, таткото пејач и композитор, а браќата биде членови на бендот „Los Chunguitos“, додека нивниот вујко исто така, е познат пејач.

Музичката кариера сестрите ја започнуваат како придружни вокали во групата на браќата, но во 1982 година ги открива музичката куќа „EMI Spain“, за која и потпишуваат договор. Првите два албума од 1984 и 1986 година се со модерни песни, што им носат голем, комерцијален успех.

Во 1988 година, преминуваат во друга куќа, CBS-Epic, кога се менува и музичкиот звук, но и нивната појава. Со албумот „Carne De Melocotion“ презентираат секси изглед и стануваат првите Шпанки што го комбинираат традиционалното вокално пеење со урбани танци и ритмови како денс, блуз, фанк и техно.

Токму во таков манир им е првиот сингл, хаус ремикс на „Anque Me Falte El Aire“. Во 1989 година го издаваат албумот со такви ремикси насловен како „Mix in Spain“, а водечкиот сингл „Debajo Del Olivio“, беше огромен хит во тоа време во клубовите во поголемиот дел од Европа.

Кога сме кај стилот, за време на популарноста тие носат и бројни дизајнерски креации, а една од најзапаметените фото-сесии им е онаа во парчиња од модната куќа „Армани“.

пејачките во креација на „Армани“

На „Евровизијата“ во Загреб во 1990-тата година, доживуваат вистински кошмар што може да му се случи да еден изведувач. При изведбата на песната, се појавуваат технички проблеми, па Тоњи и Енкарна, незадоволни се повлекуваат од сцената. Неколку минути подоцна, повторно излегуваат на сцена и ја пеат нивната „Bandido“, а целата ситуација не претставуваше пречка за да се пласираат на петтото место и песната да стане глобален хит и нивна музичка „лична карта“. На видеото подолу ја имате целата ситуација:

Благодарение на оваа композиција, дуото во наредните две години успева да направи интернационална кариера. Така, тие почнуваат да работат со продуценти како Емилио Естефан и Естефано со кои снимаат за Британија и САД, а успеваат да се пласираат и на „Билборд“ музичката листа и да освојат „Билборд“ награда за „Најдобра латинска група“.

Во 1991 година „Mambo“ стана нивниот „билет“ за Јапонија, а во 1994 година, песната „El Amor“ е земена за водечка песна на филмот „The Specialist“ на Луис Лиоса.

за магазинот „Шангај“

До 2006 „Асукар Морено“ се едни од најпродаваните изведувачи на шпанската популарна музика. Но, популарноста носи и голем број озборувања, особено бидејќи дел од нивните песни се толкуваа како контроверзни во нивната родна земја.

Многу од нивните обожаватели ги толкуваа нивните песни како исполнети со феминистички ставови. Во раните 1990-ти тие се најдоа на насловните страни на речиси сите таблоиди и тоа поради големата поддршка што ја даваа и ја имаа од геј популацијата.

Во 2000-тата година, нивниот албум „Amen“ вклучува и балада специјално посветена на LGBT популацијата насловена како „Amigo Mio“, а потоа ја снимаат и шпанската верзија на хитот на Глорија Гејнор, „I Will Survive“.

Интересно, во 2006-тата, „Асукар Морено“ се враќа во EMI со CBS-Sony, по цели 18 години и се едни од фаворитите за претставник на Шпанија на „Евровизија“. Сепак, изборот на „Радио телевизија Еспања“ падна на „Las Ketchup“.

Но, тука почнуваат и проблемите за дуото. На 28-ми ноември 2007 година, Тоњи Саласар им соопшти на шпанските медиуми дека дуото „ќе се повлече од музичката сцена до некои подобри времиња“.

Причината за таквата одлука е лошата здравствена состојба на Енкарна, на која ѝ е дијагностициран рак на дојка. Во тоа време, Енкарна веќе е на хемотерапија и ѝ е потребно време за лекување и закрепнување.

Веќе следната година во септември, Енкарна изјанува дека е излечена и дека нејзината здравствена состојба е добра, но среќата не трае долго, а музичките планови комплетно се менуваат.

Доаѓа до големо и бурно несогласување меѓу сестрите. Енкарна од медиумите дознава дека за време на нејзината болест и закрепнување, нејзината сестра Тоњи започнала соло-кариера. Несогласувањето оди до таму што сестрите пет години воопшто не разговараат и не настапуваат заедно.

Во октомври 2013 година, Антониа е гостинка во телевизиското шоу „Tu Cara Me Suena“(Твоето лице звучи познато), како дел од жири-комисијата. Инаку, таа учествуваше во сезоната од 2011 година, а во 2013 дел од учесниците се нивните браќа, што сѐ уште творат под името „Los Chunguitos“. Тие во емисијата ја изведуваат „Bandido“ а од зад сцената излегува и Енкарна. После пет години, сестрите се прегрнуваат и доаѓа до помирување.

Со тоа всушност е означен и новиот почеток на „Асукар Морено“. Следната година најавија нов албум, сингл и турнеја низ Шпанија, а и две години подоцна, сѐ уште настапуваат заедно, иако популарноста што ја имаа во 1990-тите тешко дека повторно ќе ја достигнат.

Објавено:
30 мај 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.379 пати